„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ДАЛИ БАЛКАНОТ МОЖЕ ДА СТАНЕ СЛЕДЕН ИНВЕСТИЦИСКИ „ХОТ-СПОТ“?

26.05.2023

Потребен е заеднички, синхронизиран пристап на економска дипломатија на земјите од регионот

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, беше еден од главните говорници на конференцијата на тема: „Трасирање на патот кон регионален дигитален пакт“, во организација на Дијалогот за лидерство на Југоисточна Европа, што се одржа на 24 и 25 мај 2023 во Солун. На тркалезната маса посветена на темата за дигитална трансформација во ерата на прекугранични инвестиции и економска дипломатија, претседателот Азески, во својот реален пристап кон оваа проблематика, имајќи предвид дека над 30 години го претставува реалниот сектор, истакна дека  е потребен заеднички или синхронизиран пристап на економската дипломатија на земјите од регионот, бидејќи тоа ќе придонесе за подобро позиционирање на регионот во целина како Заеднички регионален пазар (CRM), а како заштитен знак на Регионот ќе биде потребно да се брендира како  Western Balkan Region trademark – made in Western Balkan со што ќе се позиционира регионот како посебен идентитет.
Втора област која најбрзо можеме да ја поттикнеме е регионалниот пристап за привлекување странски директни инвестиции, посочи Азески. Доколку секоја од земјите на Западен Балкан креира свои програми и политики за СДИ како што е во моментот, тогаш земјите сами си конкурираат, намалувајќи ги даноците и другите давачки, а зголемувајќи ги погодностите и бенифициите за странските дирекни инвеститори. На тој начин сите земји се помалку или повеќе губитници.
„Ако во првата теза за економската дипломатија зборуваме дека реално ниедна од нашите држави не е играч и заради тоа треба сите да се насочиме кон економската дипломатија, во втората теза можам слободно да кажам дека сме најблиску до успешна реализација, затоа што поединечно како држави имаме огромни искуства“,  додаде тој.
Секако, кон овие две значајни прашање особено значање во овој процес имаат и следните две прашања:
1.     Регионални ланци на снабдување – Regional value chain
Регионот на Западен Балкан во целина е мал пазар во споредба со пазарите на ЕУ, а секоја од економиите на национално ниво е уште помала. Неопходно е интегрирани  во глобалните ланци како Регион, замјите од Западен Балкан се проценува дека бруто домашниот производ би се зголемил за 1.5 до 2 процентни поени во однос на слобода на движење на луѓе, производи, услуги и капитал. Структурата на команиите од Регионот на Западен Балкан покажува дека имаат исто или слични производствени програми и самите си конкуриираат на пазарите со производи со ниска вредност, а интеркомпанискиот пристап ќе овозможи пласман на производи со додадена вредност, барани на пазарите на ЕУ.
2.     Второ, но уште позначајно е што во рамки на повеќегодишните планови на Regional Economic Area (MAP-REA) and Common Regional Market (CRM) воспоставен е перманентен диалог за дигиталната трансформација на регионот.
Во излагањето беше посочено дека треба да бидат клучни два аспекта поврзани со дигитализацијата, во следните чекори за развој на Балканските економии и тоа:
- Дигитализација на бизнисите и економиите во регионот и
- Е- Влада или Е – WB 6 Регион
Во заклучното согледување Азески посочи дека сите наведени прашања се конкретни задачи кои треба да ги спроведат несериозни политички лидери за кои клучни проблеми се регистарските таблички на Косово, заедницата на општини, системот на функционирање на БиХ кој што е пример како не треба да се работи, кршењето на ЦЕФТА договорот, заглавување во расправии Отворен Балкан- Берлински процес итн. Но, бизнисот има една цел –профитот кој ги топи сите други разлики. Затоа бизнисиот ќе се дигитализира, сакале ние или не, и со тоа ќе ги притисне владите да го направат истото, истакна Азески.
На тркалезната маса свое учество зедоа и високи претставници од владите на Грција, Косово, Хрватска, Романија, Европскиот инвестициски фонд, Грчката развојна банка за инвестиции, академската заедница и приватниот сектор.
Во дискусијата на говорниците, несомена беше согласноста дека градењето на заеднички пристап на земјите од Западен Балкан значително ќе ги подобри преговарачките позиции со потенцијалните странски инвеститори на Балканот, овозможувајќи на тој начин сите поединечни економии од регионот да бидат во добитна позиција. За тоа постои и добра почетна позиција, бидејќи стапката на раст на странски директни инвестиции во регионот на Западен Балкан  (во периодот 2021-2022) е исклучително висока и изнесува 23%.
Процесите на дигитализација, како што беше заклучено од дискусиите на говорниците, се неминовен процес кој е значаен во делот на воведување на нови технологии, зголемување на стапките на продуктивност во рамки на производствените процеси, имплементација на стандардите и зголемена видливост на интернационално ниво  преку дигитални алатки на производите и услугите кои се нудат. Позиционирањето на економиите од Западен Балкан како заеднички пазар бара дигитални решенија за непречена соработка и проток на стоки и услуги без бариери, временски оптоварувања и без пролонгирање на времето на чекање на границите.