Финска и Македонија имаат одлична основа за воспоставување економска соработка зашто двете земји, како мали отворени економии, мораат да извезуваат за да опстанат, имаат пазарно-ориентирани економии и ги прифаќаат принципите на слободна трговија, ги почитуваат стандардите и регулативите на ЕУ за трговијата и привлекување инвестиции, и секако, туризмот во двете земји има голем потенцијал, истакна Зоран Јовановски, потпретседател на Стопанската комора на Северна Македонија на денешниот бизнис форум, организиран по повод одбележувањето на 30 години дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Финска.
„Ние сме веќе сведоци на нов процес на де-глобализација на светската економија. Сега зборуваме за near-shoring, a веќе и за friend-shoring. Во овој нов економски свет станува императив да соработуваш со тие кои ги перципираш за пријатели. Мислам дека во тој поглед, земајќи ги предвид новите околности, иако досега не сме имале голема економска соработка, навистина можеме да направиме прогрес“, кажа Јовановски во воведното обраќање на форумот.
Настанот кој ги собра официјалните државни претставници и бизнисмените од двете земји беше наменет за компаниите од ИКТ секторот, рударството, заштита на животната средина, производство и продажба на медицинска опрема и градежништвото.
Светозар Јаневски, почесен конзул на Финска во Северна Македонија оцени дека покрај образованието, кој е значаен сектор каде што влијанието на Финска може да донесе голема предност за нашата држава, голем потенцијал за соработка е и бизнисот.
„Свесни сме за интересот и подготвеноста на Финска да ги сподели своите знаења и искуства со нас, но исто така треба да го нагласиме и потенцијалот што ние го нудиме за деловна соработка, во смисла на можностите за нови инвестиции и партнерства со македонски компании за зголемување на трговската размена помеѓу двете земји. Има многу теми од интерес, вклучувајќи енергија, информациско-комуникациски технологии и иновации. Сведоци сме на зголемена трговска размена во последните неколку години и постојат уште многу можности кои можат да се искористат", истакна Јаневски.
Во официјалниот дел на форумот беше презентирана бизнис климата во земјата, но и во Република Финска, како и можностите за соработка со фински компании.
„И покрај географската одалеченост, нашите луѓе стануваат сѐ поблиски“, оцени амбасадорот на Финска Н.Е Кимо Ладеверта.
Заменикот на претсетседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, во неговиот говор се осврна на националните цели во привлекувањето на нови странски инвестиции, при што потенцираше дека од огромна важност е развивањето на деловни односи со домашни компании.
„Освен фокусот на создавање на атрактивна деловна средина за нови странски инвестиции, посветени сме и на засилување на глобалната конкурентност на домашните компании. Владата обезбедува поддршка за локаните компании во делот на надоградба на нивните капацитети за интегрирање во глобалните вредносни синџири, односно на нивната способност да креираат дополнителна вредност не само на домашниот пазар, тука и на регионалните и глобални пазари“, рече Битиќи.
По завршувањето на форумот, домашните компании имаа можност да остварат директни билатерални средби со претставниците од бизнис секторот од Финска, заинтересирани за воспоставување деловна соработка со партнери од Северна Македонија.
Бизнис форумот беше организиран од Амбасадата на Финска во Република Србија задолжена за Р.С. Македонија, Стопанската комора на Северна Македонија и Почесниот Конзулат на Финска во Северна Македонија.
Финска е една од водечките земји во светот во многу индустрии и е позната по стабилно и просперитетно деловно опкружување и успешни деловни релации како со нордиските земји така и со единствениот пазар на Европа.
Статистиката покажува дека Северна Македонија во Финска најмногу извезува фероникел, печатени кола, ориз, зелка и сличен зелунчук. А од Финска во нашата земјата се увезуваат плоснати ладно валани производи од нерѓосувачки челик, како и хартија и картини кои се употребуваат за пишување.
Во јануари 2023 година растот на вкупната трговија е 67,9% во однос на истиот месец од 2022, при што извозот се зголемува за 42,6%, додека во увозот има раст од 73,5%.