„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
25.04.2023
На иницијатива на Министерството за животна средина и просторно планирање, во Стопанската комора на Северна Македонија се организираше работна средба со компании производители на текстил и за трговија со гуми, масла и со возила кои создаваат отпад на територијата на РСМ, на која ги претставија Законот за управување со дополнителни текови на отпад и Законот за проширена одговорност на производителите.
Претставникот на Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Каранфилова-Мазневска, истакна дека со законите за управување со дополнителните текови на отпад и за проширена одговорност на производителите (Сл. весник на РСМ бр. 215/21) се уредуваат барањата за заштита на животната средина и на здравјето на луѓето преку спречување или преку намалување на негативните влијанија од создавањето и од постапувањето со отпадниот текстил, гумите, маслата и со возилата, како и другите прашања поврзани со постапувањето со отпадниот текстил, гумите, маслата и со возилата од економските оператори и од другите субјекти кои учествуваат во постапките на производство и на постапување со нив, а се регулираат и правата и обврските на сите правни субјекти кои на пазарот во РСМ пуштаат производи од кои по нивната употреба се создава отпад.
Истакна дека Законот за управување со дополнителните текови на отпадот се применува од 1 јануари 2023 година, а производителот за евиденција на количеството на производи пуштени на пазарот е должен да започне да ја води, исто така, од 1 јануари 2023 година, а одредбите за надоместоците ќе започат да се применуваат од 1 јануари 2024 година. Производителите се должни да се здружат преку основање и преку склучување договор со колективен постапувач или да обезбедат дозвола за самостојни постапувачи најдоцна до 31 декември 2023 година. Подзаконските акти ќе се донесат до крајот на 2023 година.
Во делот на Законот за проширена одговорност на производителот за управување со посебните текови на отпад беше истакнато дека тоа се однесува на правните лица кои вршат дејности или активности со кои се врши пласирање одделни производи на пазарот во Република Северна Македонија, со чија употреба се создава отпад што им припаѓа на посебните текови на отпад и поради тоа тие имаат обврска да преземат дополнителни мерки на одговорност, но и да применуваат посебни правила на управување со посебните текови на отпад, со што ја остваруваат својата проширена одговорност како производители заради обезбедување максимална количина на собирање, преработка и на рециклирање на посебните текови на отпадот.
На крајот од состанокот компаниите производители на текстил и за трговија со гуми, масла и со возила се заблагодарија за конструктивноста на состанокот и се договорија да имаат редовна комуникација и координација со претставниците од Министерството за животна средина и просторно планирање во врска со почитувањето на одредбите од овие законски решенија.