„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Реализирана работна средба на компании од Групацијата за оружје со директорот на Управата за наменско производство

13.04.2023

На иницијатива на компании од Групацијата за оружје, опасни и експлозивни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена, во Стопанската комора на Северна Mакедонија се одржа работна средба со новоименуваниот директор на Управата за наменско производство г. Коста Начевски, на која се дискутираше за тоа како да се изнајдат најсоодветни решенија за надминување на проблемите со кои се соочуваат компаниите од оваа дејност во тековното работење.

Претседателот на Групацијата г. Димитар Мангутов му се заблагодари на директорот на Управата за наменско производство за одвоеното време за одржување една ваква средба и се осврна на тековните проблеми со кои се соочуваат компаниите во делот на работењето на Комисијата за одлучување при Управата за наменско производство, како и во делот на Законот за развој, производство и за промет со воени стоки – поднесување документи за обнова на согласностите за вршење дејност.
Директорот на Управата за наменско производство г. Коста Начевски истакна дека, иако е многу кратко назначен на оваа позиција, во Управата во тек е комплетирањето на раководниот тим од негова страна, кој целосно ќе се посвети на работата и на решавањето на актуелните проблеми со кои се соочуваат компаниите од оваа дејност. Нагласи дека Комисијата за одлучување при Управата за наменско производство е формирана и дека пред некој ден се одржал состанок во неа, при што се разгледани 13 предмети од 4 компании, од кои 6 од предметите се одобрени и ќе бидат дадени на потпис кај министерот за економија, а другите предмети ќе мора да се докомплетираат со документација за да бидат одобрени од Комисијата.
Исто така, на состанокот се отвори прашањето во врска со Законот за развој, производство и промет со воени стоки, за обновување на согласностите за вршење дејност и за поднесување документи, кое компаниите го доставија до крајот на 2022 година, а сѐ уште ги немаат добиено новите лиценци за работа, па се нагласи потребата од изнаоѓање решение за да се забрза работата на комисиите кои се формирани од Министерството за економија, МВР и од Министерството за одбрана. Беше истакнато дека ќе има нови 12 подзаконски акти во рамките на Законот и дека се тие усогласени со директивите на Европската Унија, кои, пред да се донесат, ќе бидат предмет на разгледување од компаниите од оваа дејност
На крајот на состанокот претставниците на Групацијата за оружје се заблагодарија за конструктивноста на состанокот и се договорија еднаш месечно да се одржува состанок, сѐ со цел да имаат редовна комуникација и координација во врска со работењето на Управата за наменско производство.