„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Георгиева-Јовевска присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8

04.04.2023

Потпретседателката на Стопанската комора на Северна Македонија и советник во Кабинетот на претседателот на Комората за економски развој и инфраструктура д-р Јелисавета Георгиева-Јовевска денеска во Тетово присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8, со што се означи почетокот на изградбата на автопатот Тетово - Гостивар, Гостивар - Букојчани, Требениште - Струга - Ќафасан. Четирите автопатски делници се со вкупна должина од 110 километри и според најавите треба да бидат готови до 2027 година.

Стопанската комора на Северна Македонија ја поздравува изградбата на автопатските делници и очекува реализацијата на овие инфраструктурни проекти да се финализираат во зацртаните временски рамки. Комората укажува дека важен предуслов за економскиот развој на една земја е економската инфраструктура, која влијае врз деловните можности, но и врз вкупната привлечност на земјата за работа и инвестирање и затоа сакаме да ја мотивираме Владата да стави поголем фокус на инфраструктурата на сите нивоа.
Делниците од коридорите 8 и 10-д ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.
На настанот, со кој се означи почеток на изградбата на делниците, обраќања имаа претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски, вицепремиерот Артан Груби, американската амбасадорка Анџела Агелер, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми, како и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари.