Се очекува приватниот сектор на Балканот да упати порака со која дефинитивно зборот разумен компромис ќе го замени со синтагмата нема веќе отстапки чии сметки ќе ги плаќа бизнисот
1. Турбо активностите на Комората во изминатиот месец продолжуваат. Се добива впечаток дека Комората се позиционира пред значајните настани кои следуваат. Tоа значи дека од под тепих се вадат суштинските прашања и со нив се отвора дебата. Започнавме со инфраструктурата како основна темелна база која треба да биде крвоток на секоја економија. Бизнисот би бележел подобри резултати ако реализацијата и динамиката на инфраструктурата е во зацртаните временски рамки.
Исто така, Месечното обраќање на актуелна тема како нов продукт во Комората, го отвори прашањето над сите прашања КАКВА ПАЗАРНА ЕКОНОМИЈА САКАМЕ? Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство одржа работна средба со економскиот тим на Владата, а имавме и неколку значајни настапи во медиумите со што на некој начин се отвори периодот на суштински прашања без кои нема економски развој.
Неколкуте бизнис средби со бизнисмени од други држави, го одржаа темпото на регионалната и меѓународна соработка.
2. Оваа недела започнуваме како домаќини на австриската бизнис делегација која е во придружба на претседателот на Австрија. Продолжуваме со Управниот одбор на КИФ и доделување на наградите за најуспешните компании во регионот за минатата 2022 година. Тука е и работната средба на бизнис советот на КИФ во која седат по неколкуте најуспешни бизнисмени од секоја земја на западен Балкан , кои ќе расправаат за продлабочување на регионалната соработка.
Во исто време во рамките на проектот на УСАИД на истата тема ќе разговараат стотина бизнисмени од регионот.
Во петок, ќе има состанок Платформата за јавен-приватен дијалог каде ќе се анализира спроведувањето на неколку закони, а ние ќе го покренеме прашањето за таквата анализа околу Законот за недела неработен ден.
3. Наредниот месец со сериозна дебата ќе ја отвориме ДЕКЛАРАЦИЈАТА ЗА ОПШТЕСТВЕН КОНСЕНЗУС И ЕКОНОМСКИ РЕФОРМИ И ПОЛИТИКИ. Ќе ја објавиме анкетата за загубите кои ги претрпеа нашите членки во енергетската криза, а на крајот на месецот Управниот одбор на Комората заедно со Македонската енергетска асоцијација ќе го анализира работењето на енергетскиот систем во минатава сезона, но и навреме ќе програмира работење околу подготовките на новата енергетска сезона 2023/24. Сето ова зборува за серизноста на темите што одговараат на сериозноста на моментот, затоа што ние не сме ноеви кои ја пикаат главата во песок, туку активен субјект во креирањето на економските политики.
П.С. Активирањето на коморскиот механизам е доволен доказ дека Комората како институција е оспособена да даде свој придонес во актуелната економска ситуација, но и дека е подготвена да одговори на сите предизвици кои стојат пред нас. Ние тоа до сега го докажавме на дело и со здравствената криза (вакцинирањето), енергетската криза, но и сите други кризи кои започнаа од 2008 година.
Ви гарантирам дека капацитетот, човечките ресурси и нашата волја се на највисоко ниво затоа што друга алтернатива немаме освен да се бориме во услови во кои нема место за компромис и чекање, што значи висока транспарентност, критичност кон функционирањето на јавниот сектор и истрајност на нашите барања. Или што би рекол народот, доста беше културен дијалог време е да се престане да се прават отстапки на сметка на бизнисот.