„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

ИНТЕНЗИВИРАЊЕ НА СОРАБОТКАТА СО БИЗНИС ЗАЕДНИЦАТА ЗА УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПОНУДАТА И ПОБАРУВАЧКАТА НА ВЕШТИНИ

25.03.2023

Во организација на Советот за развој на тренингот и обуките при Стопанската комора во општина Кавадарци беше одржана втората тркалезна маса на тема: „Усогласување на понудата и побарувачката на вештини-клучен фактор за создавање профитабилни бизниси“. На тркалезната маса беа презентирани наодите од „Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски регион) во Северна Македонија“ за движењата на понудата и побарувачката на вештини во Вардарскиот плански регион и услугите што ги нуди Комората преку Советот во рамките на своите стратешки приоритети – функционално стручно образование и ефикасното обезбедување квалификуван кадар со потребните вештини и комптенции за продуктивност и конкурентност на компаниите.

Анализата е изработена од проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и образованието, со поддршка на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“
На тркалезната маса присуствуваа претставници од бизнис секторот и директорите од средните стручни училишта од Квадарци и Неготино, како и претставници од локалната самоуправа од општина Кавадарци.
Вардарски регион:
  1. 1. Регионалниот развоен индекс* (последни официјални податоци 2017 година) изнесува 0.74, и во споредба со предходните 5 години,  има многу мал напредок од 0.05.
  2. 2. Регион со најмал број на население, а најголем регион по површина, веднаш по Пелагонискиот регион, и опфаќа 16%.  Бројот на население за 10 години се намалува од 153837 на 151492 жители со тенденција на намалување и во наредните 10 години – 142733 жители.
Наод: Со намалување на бројот на населението се намалува и бројот на работоспособното население во овој регион.
  1. 3. Доминантната структура на работоспособното население изнесува од 35-39 годишна возраст, но има релативно учество и на младото население.
  2. 4. Надворешното миграционо салдо во последните 10 години е позитивно и нема многу заминувања на населението од овој регион, што нема да биде случај во наредните 10 години.
Наод: Зголемувањето на надворешната миграција во  наредните 10 години може да се должи на малиот број слободни работни места.
  1. 5. Внатрешната миграција е променлива низ годините и во последните години изнесува 420 отселени лица, која ќе продолжи и во наредните 10 години, но со помала динамика.
Наод: Побаруваните вештини од еден регион се надополнуваат со вештини од другите региони.
  1. 6. Стапката на слободни работни места е најниска во однос на другите региони и изнесува 1.31, со предвидување дека во наредните 10 години уште повеќе ќе опаѓа.
Наод: Ниската стапка на слободни работни места покажува дека во овој регион ќе има се помалку работни места.
  1. 7. Стапката на невработеност е висока и изнесува 10.8 со тенденција на опаѓање во следните 10 години, но не од економска природа, туку како резултат на процесот на миграција и на стареење на населението кое нема веќе да биде работоспособно.
Наод: Ниската стапка на слободни работни места со висока стапка на невработеност покажува дека има доволно потенцијал за да се обезбеди кадар за пополнување на слободните работни места и треба да се засили соработката со бизнис заедницата за испорака на соодветни релевантни квалификации и користење на услугите на Комората за реализација на програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработениот работоспособен потенцијал според барањата на пазарот на труд.
  1. 8. Доминантни дејности: прехранбената, земјоделската дејност, како и трговија на големо и мало, а според прогнозите за наредните 10 години преработувачката индустрија и транспортот како дејности ќе растат, додека земјоделството ќе стагнира.
  2. 9. Главни растечки сектори за наредните 10 години во кои ќе расте и бројот на вработувања се преработувачката индустрија; земјоделството, ловот, шумарството и рибарството, како и транспортот и складирањето.
Наод: Растењето на бројот на вработени во транспортот и складирањето се показател дека  фокусот на образованието треба да биде насочен кон обезбедување квалификации преку формалното образование или процесот на преквалификација во оваа дејност.
  1. 10. Главни опаѓачки сектори за наредните 10 години во кои ќе има и намалување на бројот на вработени се трговија на големо и мало; градежништвото и и објектите за сместување и сервисните дејности со храна, додека загрозени се секторите финансиски дејности и дејности за осигурување и информации и комуникации.
Наод: Ситуацијата со опаѓањето на секторот информации и комуникации (загрозен сектор), освен во Скопскиот и во Пелагонискиот регион, е неочекувана заради тоа што овој сектор има големи можности за развој и би требало да се развива во сите региони.
  1. 11. Дефицитарни квалификации: Асистент деловен администратор, Продавач – референт за продажни услуги, Електротехничaр, Електромеханичар, Обработувач на метал, Заварувач, Автотехничар-мехатроничар, Конструкциски механичар, Машинско-енергетски техничар, Техничар за компјутерско управување и Прехранбен техничар.
Наод: Дефицитарните квалификации се претежно од средното стручно образование и се однесуваат на претежно на квалификации од електро и машинскиот сектор.
  1. 12. Бројот на активни деловни субјекти е намален и изнесува 5409 во однос на 2018 година,  кога изнесувала 5341 (податоци 2018 година).
Наод: Намалувањето на бројот на деловни субјекти се јавува кај микро претпријатијата, но се зголемува бројката кај малите претпријатија  што значи дека или се јавуваат мали и големи претпријатија или микро претпријатијата прераснале во мали претпријатија.
  1. 13. Доминантна економска моќ во овој регион имаат градовите Кавадарци (бројката на големи компании од 12, за последните 5 години, прераснува на 16) и Велес (бројката на големи компании од 8, за последните 5 години, прераснува на 10).
*регионален  развоен индекс-композитен индикатор за вредностите од повеќе економскo-социјални и демографски индикатори
Заклучоци и препораки од тркалезната маса:
  • - Да се обезбеди систематски приод и континуирано следење на понудата и побарувачката на вештини.
  • - Да се зајакне соработката со бизнис секторот и да се обезбедуваат квалификации и вештини според нивните потреби за невработените лица.  
  • - Да се користат услугите на Комората за обезбедување програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработени за соодветна компанија со можност за нивно вработување.
  • - Да се обезбедат нови програми за обуки за преквалификација во машинскиот и електротехничкиот сектор, како и во секторот транспорт и складирање, кој ќе биде растечки во наредните 10 години.
  • - Хармонизација на законите од образованието.
  • - Практична примена на законската обврска за кариерно советување на учениците од основното образование.
  • - Оптимизација на стручните училишта според реалните потреби на компаниите на локално и регионално ниво.
  • - Учество на бизнис заедницата во изработката на студиски програми за високообразовни квалификации.