„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

УСОГЛАСУВАЊЕ НА ПОНУДАТА И ПОБАРУВАЧКАТА НА ВЕШТИНИ-КЛУЧЕН ФАКТОР ЗА СОЗДАВАЊЕ ПРОФИТАБИЛНИ БИЗНИСИ

20.03.2023

Советот за развој на тренингот и обуките при Стопанската комора, во салата на Локалната самоуправа во Штип,  ја одржа првата, од серијата планирани тркалезни маси, на тема: „Усогласување на понудата и побарувачката на вештини-клучен фактор за создавање профитабилни бизнисиНа тркалезната маса беа презентирани наодите од идентификацијата на понудата и побарувачката на вештини на регионално и локално ниво со фокус на  Источниот плански регион и  услугите што ги нуди Комората преку Советот во рамките на своите стратешки приоритети – да се обезбеди функционално-пазарно образование и да се овозможат услови компаниите, да создадат додадена вредност и да го зголемат извозот.

Движењата на понудата и побарувачката на работна сила имаат клучно значење за развој на реалниот сектор, а со тоа и на економскиот развој на државата. Затоа разбирањето на состојбата на пазарот на работна сила преку прибирање податоци и анализа на истите, кои претставуваат дел од активностите на Комората, е една од главните елементи за предвидување и планирање, а подоцна и за развивање и за обезбедување на вештини и квалификации на кадарот потребни на реалниот секторот.  
Појдовна основа за дискусија беа наодите од „Анализата за понудата и побарувачката на вештини во петте плански региони (Скопски, Вардарски, Источен, Југоисточен и Пелагониски регион) во Северна Македонија изработена од проф. д-р Благица Новковска, национален експерт за пазарот на трудот и образованието, со поддршка на Стопанската комора и проектот „Образование за вработување (Е4Е)“. 
На тркалезната маса присуствуваа претставници од бизнис секторот и директорите од средните стручни училишта од Штип и Кочани, претставници од факултетите од Универзитетот „Гоце Делчев“, локалната самоуправа од Штип и Агенцијата за вработување. 
Источен регион:
  1. 1. Регионалниот развоен индекс за Источниот регион (последни официјални податоци 2017 година) изнесува 0,96 што во споредба со предходните 5 години  има остврен напредок од 0,29.
  2. 2. Бројот на население за 10 години се намалува од 180791 на 173804, а за наредните 10 години се предвидува бројот уште повеќе да се намалува - 161275 жители.
Наод: Со намалување на бројот на населението се намалува и бројот на работоспособното население во овој регион.
  1. 3. Доминантната структура на работоспособното население изнесува од 35-39 годишна возраст.
Наод:  Доминатната структура претставува постара структура во работната сила и за да не се испушти работниот потенцијал потребни се процесите на преквалификација и доквалификација на работоспособното население.
  1. 4. Надворешната миграција е висока што води до осипување на работната сила, но податоците на идните прогнозирања покажуваат и стабилизирање на миграцијата.
Наод: Стабилизирањето на надворешната миграција може да се должи на странските инвестирања и модернизација на определени дејности.
  1. 5. Внатрешната миграција изнесува 428 отселени лица за последните години (највисока во однос на другите региони, освен Скопскиот регион) која ќе продолжи и во наредните 10 години.
Наод: Побаруваните вештини од еден регион се надополнуваат со вештини од другите региони.
  1. 6. Стапката на слободни работни места е релативно висока и изнесува 1.95 во однос на другите региони, со предвидување дека во наредните 10 години уште повеќе ќе расте.
  2. 7. Стапката на невработеност изнесува 7.8 со тенденција на опаѓање во следните 10 години.
Наод: Високата стапка на слободни работни места со ниска стапка на невработеност покажува дека нема соодветен потенцијал за да се обезбеди кадар за пополнување на слободните работни места.
  1. 8. Доминантни дејности: прехранбената и земјоделската дејност, како и трговија на големо и мало, а според прогнозите за наредните 10 години преработувачката дејност брзо ќе расте, додека земјоделската дејност ќе згаснува.
  2. 9. Главни растечки сектори за наредните 10 години  во кои ќе расте и бројот на вработувања се преработувачката индустрија и објектите за сместување и сервисните дејности со храна.
Наод: Растењето на бројот на вработени во објектите за сместување и сервисните дејности со храна се показател дека расте туристичко-угостителскиот сектор и фокусот треба да биде насочен кон обезбедување квалификации преку формалното образование или процесот на преквалификација во овој сектор.
  1. 10. Главни опаѓачки сектори за наредните 10 години во кои ќе има и намалување на бројот на вработени се трговија на големо и мало и градежништвото, додека секторот земјоделството, лов, шумарство и рибарство е веќе загрозен сектор.
  2. 11. Дефицитарни квалификации: Фасадер, Електромеханичар, Електротехничар-енергетичар, Конструкциски механичар, Машински механичар, Машински техничар, Заварувач, Машинско-енергетски техничар, Техничар за компјутерско управување, Готвач, Келнер, Слаткар, Полјоделец, Физиотерапевтски техничар и Хемиско-технолошки техничар.
    Заклучоци и препораки од тркалезната маса:
  • Да се обезбеди систематски приод и континуирано следење на понудата и побараувачката на вештини;
  • Да се обезбеди снабдување со клучни вештини за полесно вработување на младите преку унапредување на постоечките или изработка на нови образовни програми во формалното стручно образование и обука во регионите, согласно со потребите на растечките сектори во секој од регионите, идентификувани со анализата;  
  • Да се подобри врската помеѓу компаниите и стручните училишта со зајакната практична обука насочена кон клучните вештини и компетенции потребни на компаниите;
  • Да се користат услугите на Комората за обезбедување програми за обуки за преквалификација и доквалификација на невработени за соодветна компанија со можност за нивно вработување;
  • Да се обезбедат нови програми за обуки за преквалификација во туристичкиот сектор кој ќе биде растечки во наредните 10 години.