Во 1928 година завршил на наставниот оддел на Уметничката школа во Белград кај професорите Љ. Ивановиќ, И. Шобаиќ и Б. Вукановиќ, а потоа и двегодишен академски курс за чиста уметност кај проф. Милан Миловановиќ и две години курс по скулптура кај проф. П. Палавичини. Престојувал и во Италија. Неговата педагошка активност е особено значајна: од 1931 година работел како ликовен педагог во охридската гимназија, од 1938-45 година работел како професор по ликовно воспитување во Седмата машка гимназија во Белград, а од 1945-52 година работел како професор во Училиштето за примената уметност во Скопје. Својата прва самостојна изложба ја отворил во 1938 година во Скопје. Тој е еден од основачите на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) во Скопје и долгогодишен член на неговата управа. Во 1974 година во Струга ја отворил постојаната тематска изложба-легат „Струга во минатото“, сместена во Спомен-куќата на Вангел Коџоман, со околу 30 масла и акварели. Во 1975 година е избран за дописен член на МАНУ.
Хронолошки гледано, Коџоман е третиот по ред пејзажист во современото македонско сликарство, по Димитар Пандилов Аврамовски и Лазар Личеноски. Работел акварели, слики и цртежи, а најчести мотиви му се пејзажи и стара градска архитектура, особено од Струга и Скопје, но и портрети. Стилската еволуција во пејзажите на Коџоман се движи од стилизиран реализам кој преминува во постимпресионизам со конструктивистички, фовистички и експресивни белези, па се` до романтизиран илустративен реализам. Најпрепознатлив елемент во неговото сликарство е бојата, а со развојот на творечките фази се ослободува и сликарската палета. Во своите рани дела има нежни сино-сивкасти-зеленикави тонови, а понатаму поинтензивни: ултрамарин, зелена и црвена.
Во делото „Старо Скопје“ од 1953 година, Коџоман преку прекршена линија на старите архитектонски градби во чаршијата ја предава рудиментираноста и грубата есенција на амбиентот. Во ова дело, како и во повеќето, карактеристична е поделбата на три плана на сликата и агли на гледање - патека, среден појас со слики врз кој доминира светло сино небо. Иако фрагментите ги изведува дводимензионално, со употребата на различните планови и хоризонтален и вертикален архитектонски распоред, постигнува специфична илузија на просторност на сликата, додека со играта на бојата (тонското градење, светло темните ефекти) и прекршеноста на светлината со поситни потези креира разиграност на атмосферата.