Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, д-р Ана Павловска-Данева и м-р Фатмир Скендер, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Северна Македонија, член 70 став 1 алинеја 1 и член 73 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 27 март 2024 година, донесе
О Д Л У К А
1. СЕ ПОНИШТУВА член 3 став 1 точка 2) во делот „најмногу до 65 годишна возраст“ од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 269/2023).
2. Оваа одлука ќе се објави во Службен весник на Република Северна Македонија“.
Образложение
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Игорчо Точев од Скопје, со Решението У.бр.210/2023 од 14 февруари 2024 година, поведе постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 точка 2) во делот најмногу до 65 годишна возраст” од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани (Службен весник на Република Северна Македонија” број 269/2023), затоа што пред Судот, со основ се постави прашањето за неговата согласност со Уставот.