Врз основа на член 34 став 2 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.283/23), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 февруари 2024 година, донесе
ПРОГРАМА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА МИКРОЗЕМЈОДЕЛСКИ
ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА ВИНО ЗА 2024 ГОДИНА
I
(1) Со оваа програма ќе се реализираат активности за финансирање на субјекти кои се регистрирани како производители на вино.
(2) Средствата за реализација на оваа програма се обезбедени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.283/23), раздел 14001–Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, програма 3–Земјоделство и рурален развој, потпрограма 34–Рурален развој, ставка 464– Разни трансфери во износ од 10.000.000 денари.
II
Средствата од дел I на оваа програма се наменети за доделување на неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема за производство на вино кои имаат за цел:
- остварување на додадена вредност на примарното производство;
- развој на производи со традиционални каректеристики и
- зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на винарството.
III
(1) Корисници на финансиската поддршка се земјоделски стопанства запишани со активен статус во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (во понатамошниот текст: Министерството), кои се регистрирани како производители на вино во регистарот на производители на вино при Министерството со максимален капацитет на производство до 50.000 литри годишно.
(2) Субјектите кои се корисници на средства од Програмата за финансирање на микроземјоделски производители на вино од 2022 година, Програмата за финансирање на микроземјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година и Програмата за финансирање на земјоделски производители на храна од животинско и неживотинско потекло за 2023 година не можат да бидат корисници на финансиска поддршка согласно оваа програма.
(3) Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000,00 денари по корисник без вклучен ДДВ за трошоци за набавка на опрема за производство на вино.
IV
(1) За доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма, Министерството на веб-страницата www.mzsv.gov.mk објавува отворен јавен повик за прибирање на барањата за финансиска поддршка за микро земјоделски производители на вино, со времетраење од 45 календарски денови.
(2) Финансиската поддршка согласно оваа програма се остварува со поднесување на барање до Министерството, дадено во Прилог 1 на оваа програма.
(3) Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно оваа програма.
(4) Кон барањето од став (2) од овој дел, барателот треба да ги достави следните документи:
(а) За физички лица:
- копија од важечка лична карта;
- решение за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
- извод од Евиденцијата на оператори со храна и објекти за производство и преработка на мали количини на производи од неживотинско потекло (во оригинал или копија заверена на нотар);
- решение за упис во Регистарот на производители на вино (во оригинал или копија заверена на нотар);
- изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори (Прилог 2);
- доказ од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки;
- деловен план (Прилог 3) и
- понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план).
(б) за правни лица:
- тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија;
- решение за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
- извод од Регистарот на регистрирани објекти и оператори со храна за производство и преработка на мали количини на производи од неживотинско потекло;
- решение за упис во Регистарот на производители на вино;
- изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори (Прилог 2);
- доказ од Централен регистар на Република Северна Македонија дека не е поведена стечајна и ликвидациона постапка;
- доказ од Управата за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки;
- деловен план (Прилог 3) и
- понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план).
(5) Барањето за доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма може да се обезбеди преку веб-страницата на Министерството: www.mzsv.gov.mk.
(6) Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот.
(7) За постапување по поднесените барања за доделување на финансиска поддршка поднесени согласно оваа програма, од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство се формира Комисија составена од три члена и нивни заменици од редот на вработените во Министерството.
(8) Комисијата од ставот (7) од овој дел, по пристигнувањето на сите барања согласно рокот утврден во јавниот повик, ги известува барателите кои не доставиле комплетна документација, да ги докомплетираат истите во рок од седум работни дена.
(9) Барателите кои не доставиле уредна, комплетна и навремена документација и кои не ги исполнуваат условите од делот III од оваа програма, нема да бидат наведени во листата од ставот (10) од овој дел.
(10) Комисијата од ставот (7) од овој дел, по истекот на рокот од став (8) од овој дел, со записник го утврдува точниот број на пристигнати барања и изготвува листа на баратели кои ги исполниле условите за доделување на финансиска поддршка согласно оваа програма и имаат уредна и комплетна документација подредени согласно рокот на доставување на комплетно барање врз основа на принципот „прв дојден, прв услужен“ во која е содржан и прифатливиот износ за финансиска поддршка.
(11) Средствата за финансиска поддршка се доделуваат врз основа на склучен договор од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со секој корисник поединечно, за одобрените средства наведени во листата од ставот (10) од овој дел, почнувајќи од првиот барател на листата па редоследно до исцрпување на средствата предвидени со оваа програма.
(12) Одобрените средства во вкупниот износ се исплаќаат авансно на сметката на корисникот во рокот утврден во договорот од став (11) од овој дел, но не подолго од 15 дена од денот на склучувањето на договорот.
(13) Корисниците на средствата по исплатата на финансиската поддршка согласно склучениот договор од ставот (11) од овој дел треба да ја набават опремата за производство на вино, согласно роковите утврдени во деловниот план и договорот.
(14) Корисниците на средствата до Министерството доставуваат извештај за реализација на деловниот план пропратен со финансиски документи за извршени плаќања во рок од 65 дена од денот на исплатата на неповратната финансиска поддршка, како и други докази предвидени со договорот.
(15) Набавената опрема за производство на вино од ставот (13) од овој дел, согласно член 92 став (4) од Законот за земјоделство и рурален развој не може да се оттуѓува во период од пет години од денот на нејзината набавка.
(16) Корисниците кои нема да ги искористат средствата за финансиска поддршка доделени согласно договорот од став (11) од овој дел и кои нема да постапат согласно ставот (14) од овој дел или кои ќе ја оттуѓат набавената опрема спротивно на став (15) од овој дел, треба да ги вратат исплатените средства во целост, со пресметана законска казнена камата.
V
За реализација на оваа програма Министерството доставува извештај до Владата на Република Северна Македонија со финансиски показатели, најдоцна до 31 јануари 2025 година.
VI
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-2274/4
13 февруари 2024 година
Скопје
Заменик на претседателот
на Владата на Република
Северна Македонија,
Фатмир Битиќи, с.р.