Врз основа на член 34 став 2 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.283/23), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 13 февруари 2024 година, донесе
ПРОГРАМА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ЗЕМЈОДЕЛСКИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ НА
ХРАНА ЗА 2024 ГОДИНА
I
(1) Со оваа програма ќе се реализираат активности за финансиска поддршка на земјоделски стопанства запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (во понатамошниот текст: Министерството) и кои се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско или неживотинско потекло согласно Правилникот за отстапувања од посебните мерки за хигиена за малите бизниси, начинот и барањата кои треба да се исполнат при директно снабдување со храна од страна на производител до краен потрошувач, условите за просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите кои произведуваат, како и начинот на производство на храна со традиционални карактеристики („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.152/20), за храна од растително потекло или Правилникот за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност, во географски или економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.144/19), за храна од животинско потекло.
(2) Средствата за реализација на оваа програма се обезбедени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.283/23), раздел 14001 – Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, програма 3 – Земјоделство и рурален развој, потпрограма 34 – Рурален развој, ставка 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации во износ од 96.000.000 денари.
(3) Дел од средствата од ставот (2) на овој дел во износ од 1.800.000 денари се наменети за неподмирени обврски од Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на храна за 2023 година.
II
Средствата од дел I на оваа програма се наменети за доделување на неповратна финансиска поддршка за инвестиции во опрема и основни средства, кои имаат за цел:
- остварување на додадена вредност на примарното производство;
- развој на производи со традиционални каректеристики и
- зголемување на конкурентноста, како и развој на семејни бизниси од областа на производство на храна
III
(1) Корисници на средствата можат да бидат земјоделски стопанства кои се запишани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства во Министерството и кои се регистрирани или евидентирани како оператори со храна од животинско или неживотинско потекло согласно Правилникот за отстапувања од посебните мерки за хигиена за малите бизниси, начинот и барањата кои треба да се исполнат при директно снабдување со храна од страна на производител до краен потрошувач, условите за просториите, материјалите, инструментите и опремата во објектите кои произведуваат, како и начинот на производство на храна со традиционални карактеристики („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.152/20) за храна од растително потекло или Правилникот за барањата за условите и хигиена за производство и ставање во промет на храната од животинско потекло наменета за директно снабдување, локализирана активност, во географски или економски ограничувања, како и општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.144/19), за храна од животинско потекло.
(2) Субјектите кои се корисници на финансиската поддршка на Програмата за финансирање на микро земјоделски производители на вино од 2022 година, Програмата за финансирање на микроземјоделски производители на вино и алкохолни пијалаци за 2023 година и Програмата за финансирање на земјоделски производители на храна од животинско и неживотинско потекло за 2023 година не можат да бидат корисници на финансиска поддршка согласно оваа програма.
(3) Субјектите кои се запишани со активен статус во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при Министерството можат да бидат корисници на неповратна финансиска поддршка од оваа програма.
(4) Висината на финансиската поддршка согласно оваа програма изнесува до 600.000,00 денари по корисник без вклучен ДДВ за трошоци за набавка на опрема за производство на храна (доработка и преработка на примарни земјоделски производи).
IV
(1) За доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма, Mинистерството на веб страницата www.mzsv.gov.mk објавува отворени јавни повици за прибирање на барањата за финансиска поддршка и тоа:
- Јавен повик за прибирање на барања за финансиска поддршка за земјоделски производители на храна од животинско потекло и
- Јавен повик за прибирање на барања за финансиска поддршка за земјоделски производители на храна од неживотинско потекло.
(2) Средствата од делот I ставот (2) на оваа програма се распределуваат во еднаков сооднос за јавните повици од ставот (1) на овој дел.
(3) Во случај кога искористеноста на средствата на еден јавен повик не е целосна, средствата можат да бидат искористени за другиот јавен повик доколку по истиот има поднесено повеќе барања од расположливиот буџет.
(4) Јавните повици од став (1) на овој дел ќе се објават со времетраење од 45 календарски дена.
(5) Финансиската поддршка согласно оваа програма се остварува со поднесување на барање до Министерството, дадено во Прилог 1 на оваа програма.
(6) Еден корисник може да поднесе само едно барање за доделување на финансиска поддршка согласно оваа програма.
(7) Кон барањето од став (5) на овој дел, барателот треба да ги достави следните документи:
(а) За физички лица:
- копија од важечка лична карта;
- легитимација за регистарски број на одгледувалиште (РБО) издаден од Агенцијата за храна и ветеринарство (доколку се работи за животинско производство);
- извод од Евиденција на примарни производители на храна од животинско потекло (во оригинал или копија заверена на нотар, доколку се работи за животинско производство);
- решение за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
- извод од Евиденцијата на оператори со храна и објекти за производство и преработка на мали количини на производи од неживотинско потекло (во оригинал или копија заверена на нотар, доколку се работи за неживотинско производство);
- изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори (Прилог 2);
- доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки, не постар од еден месец од поднесувањето на барањето;
- деловен план (Прилог 3) и
- понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план).
(б) за правни лица:
- тековна состојба од Централен регистар на Република Северна Македонија;
- легитимација за регистарски број на одгледувалиште (РБО) издаден од Агенцијата за храна и ветеринарство (доколку се работи за животинско производство);
- решение за упис во Единствениот регистар на земјоделски стопанства;
- извод од Регистарот на објекти и оператори со храна за производство и преработка на мали количини на производи од неживотинско потекло (доколку се работи за растително производство);
- извод од Регистарот на објекти и оператори со храна за примарно производство и преработка на примарни производи од животинско потекло (доколку се работи за животинско производство);
- изјава заверена на нотар дека не користел средства од други извори за иста намена и активности наведени во барањето што би значело двојно финансирање на истите намени и активности од различни извори (Прилог 2);
- доказ од Централен регистар на Република Северна Македонија дека не е поведена стечајна и ликвидациона постапка;
- доказ од Управа за јавни приходи за платени даноци и други јавни давачки, не постар од еден месец од поднесувањето на барањето;
- деловен план (Прилог 3) и
- понуда/профактура за планираната опрема (минимум три понуди од различни понудувачи за истиот тип на наведени планирани трошоци во деловниот план).
(8) Барањето за доделување на финансиската поддршка согласно оваа програма може да се обезбеди преку веб-страницата на Министерството:
(9) Барањето се доставува во еден оригинален примерок во писмена форма заверен и потпишан од страна на барателот.
(10) За постапување по поднесените барања за доделување на финансиска поддршка поднесени согласно оваа програма, од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство се формира Комисија составена од претседател, два члена и нивни заменици од редот на вработените во Министерството.
(11) Комисијата од став (10) на овој дел ќе ги проверува доставените барања по истекот на рокот за поднесување на барања утврден со јавните повици од ставот (1) на овој дел.
(12) Комисијата со записник го утврдува точниот број на пристигнати барања и утврдува колку баратели доставиле комплетна и навремена документација согласно оваа програма и јавните повици од ставот (1) на овој дел.
(13) За барателите кои доставиле комплетна и навремена документација согласно оваа програма и јавните повици од ставот (1) на овој дел, Комисијата од став (10) на овој дел ја проверува формалната исправност на барањата и документите и изготвува записник за избор на корисници.
(14) Комисијата од ставот (10) на овој дел, во прилог на записникот од ставот (13) на овој дел изготвува листи на баратели по јавните повици, кои ги исполниле условите за доделување на финансиска поддршка согласно оваа програма и имаат уредна и комплетна документација подредени согласно рокот на доставување на комплетно барање врз основа на принципот „прв дојден, прв услужен“ во која е содржан и прифатливиот износ за финансиска поддршка.
(15) Барателите кои не доставиле уредна и комплетна документација и кои не ги исполнуваат условите од делот III од оваа програма нема да бидат наведени во листата од ставот (14) на овој дел и ќе бидат известени од страна на Комисијата од ставот (10) на овој дел дека барањето им е одбиено.
(16) Приложената документацијата од јавните повици од ставот (1) на овој дел не се враќа.
(17) Средствата за финансиска поддршка се доделуваат врз основа на склучен договор од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство со секој корисник поединечно.
(18) Одобрените средства во вкупниот износ се исплаќаат авансно на сметката на корисникот согласно рокот утврден во договорот од став (17) на овој дел, но не подолго од 15 дена од денот на склучувањето на договорот.
(19) Корисниците на средствата по исплатата на финансиската поддршка согласно склучениот договор од ставот (17) на овој дел треба да ја набават опремата за производство на храна, согласно роковите утврдени во деловниот план и договорот.
(20) Корисниците на средствата до Министерството доставуваат Извештај за реализација на деловниот план пропратен со финансиски документи за извршени плаќања во рок од 65 дена од исплатата на неповратна финансиска поддршка, како и други докази предвидени со договорот.
(21) Набавената опрема за производство на храна од ставот (19) на овој дел согласно член 92 став (4) од Законот за земјоделство и рурален развој не може да се оттуѓува во период од пет години од денот на нејзината набавка.
(22) Корисниците кои нема да ги искористат средствата за финансиска поддршка доделени согласно договорот од став (17) на овој дел и кои нема да постапат согласно ставот (20) на овој дел или кои ќе ја оттуѓат набавената опрема спротивно на став (21) на овој дел треба да ги вратат исплатените средства во целост, со пресметана законска казнена камата.
V
За реализација на оваа програма Министерството доставува извештај до Владата на Република Северна Македонија со финансиски показатели, најдоцна до 31 јануари 2025 година.
VI
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-2275/4
13 февруари 2024 година
Скопје
Заменик на претседателот на Владата на Република
Северна Македонија,
Фатмир Битиќи, с.р.