„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Програма за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија за 2024 година

24.01.2024

Врз основа на член 187 став (5) од Законот за енергетика (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/19 и 236/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 јануари 2024 година, донесе
П Р О Г Р А М А
ЗА ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА ЗА ПРОИЗВОДСТВО НА ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА ОД ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ КОИ КОРИСТАТ ПРЕМИЈА ЗА 2024 ГОДИНА
 
Член 1
Со оваа програма се уредува вкупната инсталирана моќност на електроцентралите по вид на технологии за кои ќе се доделува премија по спроведена тендерска постапка и склучени договори за користење на премија во 2024 година и износот на средствата потребни за исплата на премиите за произведената и продадена електрична енергија во 2024 година.
Член 2
Средствата за реализација на оваа програма изнесуваат 30.000.000,00 денари и се утврдени во Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, Раздел 10001 Министерството за економија, Потпрограма 32–Развој на енергетика, Категорија 46–Субвенции и трансфери, Ставка 464 –Разни трансфери.
Средствата за реализација на оваа програма се наменети за финансиска поддршка за производство на електрична енергија од повластени производители кои користат премија како дополнителен износ на цената која ја остварил со продажбата на произведената енергија на пазарот на електрична енергија.
Член 3
Средствата утврдени во член 2 став 1 од оваа програма ќе се користат за исплата на премии за произведената и продадена електрична енергија од повластени производители кои користат премија во 2024 година.
Член 4
Корисници на средства од оваа програма се производителите на електрична енергија кои што во согласност со Законот за енергетика (*) се стекнале со право на користење на премија.
Член 5
Средствата од член 2 став 1 на оваа програма се наменуваат за исплата на премии на повластените производители кои произведуваат електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, со вкупна инсталирана моќност не поголема од 90 MW.
Член 6
Максималниот референтен износ на фиксна премија за производство на електрична енергија во 2024 година изнесува 15 €/МWh за фотонапонски електроцентрали.
Член 7
Средствата од член 2 став 1 на оваа програма се доделуваат врз основа на договори за користење на премија склучени помеѓу Министерството за економија и корисникот на средствата.
Член 8
Исплатата на средствата од член 2 став 1 на оваа програма се врши од страна на Министерството за економија на месечно ниво, врз основа на доставено барње за исплата на премија за продадена електрична енергија, произведена од сопствено производство за претходниот месец. Кон барањето се доставуваат: фактура за испорачана електрична енергија на купувачот и податоци од операторот на електропреносниот систем, односно електродистрибутивниот систем за измерена и испорачана енергија во соодветната мрежа, како и друга документација согласно договорот за користење на премија склучени помеѓу Министерството за економија и корисиникот на средствата. Износот за плаќање на премија се изразува во денари според средниот курс на Народна банка на Република Северна Македонија на последниот работен ден во календарскиот месец за кој се однесува фактурата.
Член 9
За начинот и динамиката за реализирањето на оваа програма се грижи Министерството за економија.
Член 10
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-800/4            Заменик на претседателот
16 јануари 2024 година на Владата на Република
Скопје                          Северна Македонија,
                                   м-р Бојан Маричиќ, с.р