„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Програма за инвестирање во животна средина за 2024 година

23.01.2024

Врз основа на член 172 став (4) од Законот за животната средина („Службен весник на Република Македонија” бр. 53/05, 81/05, 24/07, 159/08, 83/09, 48/10, 124/10, 51/11, 123/12, 93/13, 187/13, 42/14, 44/15, 129/15, 192/15, 39/16, 99/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр. 89/22 и 171/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 16 јануари 2024 година, донесе
П Р О Г Р А М А
ЗА ИНВЕСТИРАЊЕ ВО ЖИВОТНАТА СРЕДИНА ЗА 2024 ГОДИНА
 
I
Со оваа програма се утврдува намената и се доделуваат средства за финансирање, кофинансирање и реализирање на програми, проекти и други активности од областа на животната средина за 2024 година.
II
Средствата за реализирање на оваа програма се обезбедуваат од надоместоците утврдени во член 162 од Законот за животната средина, во износ од 390.500.000,00 денари.
Дел од средствата од став 1 на овој дел ќе се доделуваат врз основа на јавен конкурс којшто го објавува и спроведува Министерството за животна средина и просторно планирање, согласно Законот за животната средина, со склучување на договори за доделување на средства. Доделувањето на средствата ќе биде врз основа на дефинирани критериуми кои се земаат во предвид и критериумот за рамномерен регионален развој, согласно степенот на развиеност на планските региони во Република Северна Македонија, утврдени во јавниот конкурс.
Дел од средствата од став 1 на овој дел ќе се наменат за мерки за заштита и унапредување на медиумите на животната средина и природата, со спроведување на постапка за јавна набавка и склучување на договори, како и договори за кофинансирање на проекти.
III
За начинот и динамиката на реализирање на оваа програма ќе се грижи Министерството за животна средина и просторно планирање.
IV
Средствата од дел II став 1 од оваа програма се распоредуваат за следните намени:
1. Изработка на техничка документација и изградба на водоводни системи, канализациони системи, системи за одведување и прочистување на отпадни води во насока на заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите во износ од 90.000.000,00 денари;
2. Реализација на проекти и активности во износ од 50.000.000,00 денари, за следните намени:
- поддршка на младинскиот сектор и младинските трендови во Република Северна Македонија за спроведување на проекти за заштита на животната средина;
- поддршка за заштита и благосостојба на животните;
- зголемување на јавната свест, едукација и обука за заштита на животната средина и климатските промени;
- спроведување на мерки и активности за заштита и унапредување на природата;
- поттикнување на образовни, истражувачки и развојни студии, програми и проекти за заштита и унапредување на животната средина и природата;
3. Поддршка на мерки и активности за заштита на природата во рамките на национални паркови во Република Северна Македонија во износ од 20.000.000,00 денари;
4. Поддршка на мерки и активности за заштита и унапредување на водите во Република Северна Македонија во износ од 7.000.000,00 денари;
5. Поддршка на мерки и активности за заштита на квалитетот на воздухот во Република Северна Македонија во износ од 30.000.000,00 денари;
6. Поддршка на мерки и активности за заштита и унапредување на природата во Република Северна Македонија во износ од 6.500.000,00 денари;
7. Поддршка на мерки и активности за заштита и унапредување на животната средина преку креирање на информатички систем за работа со податоци и анализа на податоците за животна средина во Република Северна Македонија во износ од 10.000.000,00 денари;
8. Кофинансирање на проект „Подобрување на заштитата на Дојранското езеро преку подобрување на системот за отпадни води во општина Дојран” во износ од 53.000.000,00 денари;
9. Кофинансирање на проект „Изградба на водоводна мрежа во с. Порој, општина Тетово” во износ од 12.000.000,00 денари;
10. Кофинансирање на проект „Изградба на филтер станица за вода за пиење во општина Пробиштип” во износ од 30.000.000,00 денари;
11. Реализација на проекти и активности одобрени согласно Програмите за инвестирање во животната средина за 2022 и 2023 година во износ од 77.200.000,00 денари и
12. Трошоци за спроведување на оваа програма во износ од 4.800.000,00 денари.
V
Средствата од дел II став 1 од оваа програма врз основа на поднесено и одобрено барање можат да се користат од следните субјекти:
1) Oпштини или здружeнија на општини, општините во градот Скопје и градот Скопје за намената од дел IV точка 1 од оваа програма,
2) Правни и физички лица, непрофитни и невладини организации, научни и образовни ин-ституции за намените од дел IV точка 2 од оваа програма и
3) Јавни установи Национални паркови, за намената од дел IV точка 3 од оваа програма.
 Средствата од дел IV точки 4, 5, 6 и 7 од оваа програма ќе се реализираат со спроведување на постапка за јавна набавка.
Средствата од дел IV точки 8, 9 и 10 од оваа програма ќе се реализираат со склучување на до-говор за кофинансирање.
Средствата од дел IV точка 11 од оваа програма ќе се реализираат согласно Договорите за доделување на средства од Програмите за инвестирање во животната средина за 2022 и 2023 година.
Средствата од дел IV точка 12 од оваа програма ќе се реализираат за исплата на трошоци за стоки и услуги за спроведување на оваа програма.
VI
Со средствата од оваа програма можат да бидат финансирани сите видови на трошоци за реализација на програми, проекти и други активности од областа на животната средина, освен за:
1) Закуп на земјиште;
2) Закуп на постојни згради;
3) Трошоци направени пред 1 јануари 2024 година;
4) Трошоци направени за да се покријат платите на вработените кои работат кај корисникот на средствата;
5) Трошоци за подготовка на Формуларот за аплицирање за добивање средства од оваа програма;
6) Општи и административни трошоци на апликантот;
7) Камати на долгови, надоместоци за финансиски операции и останати чисто финансиски трошоци;
8) Законски обврски, казни и пенали и
9) Трошоци за функционирање на проектот по неговата изведба, а кои не се поврзани со обуката на персоналот или пробното тестирање.
VII
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-408/4                    Заменик на претседателот
16 јануари 2024 година  на Владата на Република
Скопје                                Северна Македонија,
                                           м-р Бојан Маричиќ, с.р