„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Одлука на Уставен суд на РСМ за укинување на Правилник за количини на семенски саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија

04.01.2024

Уставниот суд на Република Северна Македонија, во состав Добрила Кацарска, претседател на Судот и судиите Насер Ајдари, м-р Татјана Васиќ-Бозаџиева, д-р Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, Елизабета Дуковска, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и м-р Фатмир Скендер, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 70 и 73 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија" бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019, 256/2020 и 65/2021), на седницата одржана на 20 декември 2023 година, донесе
О Д Л У К А
 
1. СЕ УКИНУВА Правилникот за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор заведен под бр.110-46/3 од 11 април 2023 година, објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.84 од 20.04.2023 година.
2. Оваa одлука ќе се објави во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
О б р а з л о ж е н и е
I
Уставниот суд на Република Северна Македонија, во врска со иницијативата поднесена од Кренар Лога од с. Ливади, Струга, со Решението У.бр.150/2023 од 12 октомври 2023 година поведе постапка за оценување на уставноста на актот означен во диспозитивот од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со Уставот на Република Северна Македонија.
II
На седницата Судот утврди дека Правилникот за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор е донесен врз основа на член 14 став 2 од Законот за семенски материјал за земјоделски растенија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/06, 89/08, 171/10,53/11, 69/13, 187/13, 43/14, 129/15, 39/16, 71/16, 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 122/21), од страна на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Правилникот содржи 3 члена и составен дел на Правилникот се прилози.
III
Во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е определено како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.
Согласно член 51 од Уставот во Република Северна Македонија, законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.
Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила, а според став 2 од истиот член, законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија” најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.
Во член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија е предвидено дека Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.
Врз основа на наведените уставни одредби произлегува дека објавувањето на законите и другите прописи е во функција на обезбедување на владеење на правото и остварување на слободите и правата на човекот и граѓанинот, како претпоставка за правната сигурност на граѓаните и другите правни субјекти.
Актот на објавување на законите и другите прописи претставува чин на обнародување на тие акти преку нивно ставање на увид на јавноста, пред да влезат во сила. Имено законот, а во конкретниот случај прописот со негово донесување, потпишување, објавување во службен весник станува применлив акт.
Фактот дека одредбата за објавувањето на законите и другите прописи во Уставот е предвидена во главата за основните слободи и права на човекот и граѓанинот и тоа во делот за гаранциите на основните слободи и права, укажува на тоа дека објавувањето на законите и другите прописи не е техничко прашање, туку прашање од големо значење кое длабоко навлегува во уставните гаранции на основните слободи и права на човекот и граѓанинот.
Во оспорениот правилник не е наведен денот на неговото донесување, но истиот е заведен под архивски број 110-46/3 од 11 април 2023 година, што како дејствие секогаш следи и е условено со претходно донесување на прописот. Од друга страна, актот е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.84 од 20.04.2023 година.
При ваква фактичка состојба, недвосмислено произлегува дека е пречекорен уставниот рок за објавување предвиден во член 52 од Уставот, поради што основано се постави прашањето за уставноста на оспорениот правилник, односно неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот.
Имајќи го предвид горенаведеното, Судот оцени дека оспорениот Правилник за количини на семенски и саден материјал од сорти на земјоделски растенија кои не ги исполнуваат условите за трговија, а се наменети за научни цели, селекција, официјално испитување или за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија” бр.84/2023) не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 52 став 2 од Уставот.
IV
Врз основа на наведеното, Судот, со мнозинство гласови, одлучи како во диспозитивот на оваа одлука.
V
Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
У. бр. 150/2023                                       
20 декември2023година         
Скопје        
Претседател на Уставниот суд на Република
          Северна Македонија,                               
         Добрила Кацарска, с.р.