Врз основа на член 9-б став (10) од Законот за данокот на додадена вредност (*) (,,Службен весник на Република Македонија“ бр. 44/99, 86/99, 8/01, 21/03, 19/04, 33/06, 101/06, 114/07, 103/08, 114/09, 133/09, 95/10, 102/10, 24/11, 135/11, 155/12, 12/14, 112/14, 130/14, 15/15, 129/15, 225/15, 23/16, 189/16, 198/18 и ,,Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19, 124/19, 275/19, 267/20, 163/21, 57/22 и 199/23) и член 4 став (2) од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/13), министерот за финансии донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА НАЧИНОТ НА ПРИЈАВУВАЊЕ И РЕГИСТРАЦИЈА НА СТРАНСКО ЛИЦЕ, НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕ НА РЕГИСТАРОТ НА ДАНОЧНИ ЗАСТАПНИЦИ, ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА РЕГИСТАРОТ НА ДАНОЧНИ ЗАСТАПНИЦИ, ФОРМАТА И СОДРЖИНАТА НА ПРИЈАВАТА ЗА РЕГИСТРАЦИЈА ЗА ЦЕЛИТЕ НА ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ КАКО И ПОТРЕБНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот на пријавување и регистрација на странско лице, начинот на водење на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на регистарот на даночни застапници, формата и содржината на пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност како и потребната документација.
Член 2
(1) Пријавувањето и регистрацијата на странското лице коe нема седиште, ниту подружница на територијата на Република Северна Македонија, а коe врши промет на добра и услуги во земјата кои подлежат на оданочување со данок на додадена вредност согласно Законот за данокот на додадена вредност (*) (во натамошниот текст: странското лице), се врши со поднесување на пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност на странско лице преку даночен застапник заедно со потребната документација согласно член 3 од овој правилник.
(2) Пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност од ставот (1) на овој член се поднесува до надлежниот даночен орган на образец „ДДВ 01/СЛ-ДЗ“ отпечатен на хартија во бела боја во А-4 формат.
(3) Формата и содржината на образецот на пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 3
(1) Кон пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност се доставува следната документација:
1) договор за назначување на даночен застапник заверен на нотар, кој ги содржи најмалку следните податоци: назив и седиште на странското лице, назив, односно име и презиме на лицeто кое се назначува како даночен застапник, седиште, односно живеалиште на лицeто кое се назначува како даночен застапник, единствен даночен број за цели на данокот на додадена вредност доделен од страна на надлежниот даночен орган на лицето кое се назначува како даночен застапник;
2) доказ за резидентство на странското лице во земјата во која има вистинско седиште или подружница, од каде услугата вистински се извршува;
3) доказ за седиште, односно живеалиште на лицето назначено како даночен застапник на територија на Република Северна Македонија и
4) доказ дека за лицето назначено како даночен застапник не е започната стечајна или ликвидациона постапка - за правно лице или доказ дека лицето назначено за даночен застапник не е правосилно осудено за кривично дело - за физичко лице.
(2) Од страна на надлежниот даночен орган по службена должност се прибавува следната документација:
1) доказ дека лицето кое е назначено како даночен застапник на денот на поднесување на пријавата нема доспеани, а неплатени даночни обврски и
2) доказ дека лицето кое е назначено како даночен застапник е регистрирано за целите на данокот на додадена вредност најмалку 12 месеци пред денот на поднесување на пријавата.
(3) За регистрација на странското лице за целите на данокот на додадена вредност и назначување на даночен застапник, од страна на надлежниот даночен орган се донесува решение.
Член 4
(1) Во случај на престанок на даночното застапување, странското лице треба да пријави промена на даночен застапник.
(2) Пријавувањето на промената на даночниот застапник се врши со поднесување на нова пријава за регистрација за целите на данокот на додадена вредност, кон која се доставува документацијата од член 3 став (1) точки 3) и 4) од овој правилник.
(3) Во случај на престанок на вршење на промет на добра и услуги, странското лице треба да пријави отповикување на регистрација во пријавата за регистрација за целите на данокот на додадена вредност.
(4) За промена на даночниот застапник, односно за отповикување на регистрацијата, од страна на надлежниот даночен орган се донесува решение.
Член 5
(1) Регистарот на даночни застапници се води во електронска форма и се објавува на веб страницата на Управата за јавни приходи.
(2) Во Регистарот на даночни застапници се содржани следните податоци:
1) назив на странското лице;
2) датум на почеток на регистрацијата за целите на данокот на додадена вредност;
3) единствен даночен број на странското лице за целите на данокот на додадена вредност;
4) назив, односно име и презиме на лицeто кое е назначено како даночен застапник;
5) седиште, односно живеалиште на лицeто кое е назначено како даночен застапник;
6) датум на почеток на даночното застапување;
7) датум на престанок на даночното застапување.
Член 6
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе отпочне да се применува од 1 јануари 2024 година.
Бр. 20-8901/1
29 декември 2023 година
Скопје
Министер за финансии,
д-р. Fatmir Besimi, с.р