„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за изменување и дополнување на правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи

21.12.2023

Врз основа на член 123 став (1) од Законот за катастар на недвижности („Службен весник на Република Македонија“ бр.55/13, 41/14, 115/14, 116/15, 153/15, 192/15, 61/16, 172/16, 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.124 /19) Управниот одбор на Агенцијата за катастар на недвижности, донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА ЛИЦЕНЦА ЗА ВРШЕЊЕ НА ГЕОДЕТСКИ РАБОТИ
 
Член 1
Во Правилникот за лиценца за вршење на геодетски работи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 132/13, 29/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 313/20 и 69/21), во членот 1, зборовите „како и “ се бришат, точката на крајот на реченицата се заменува запирка и се додаваа зборовите: „одземањето и ограничувањето на јавните овластувања на Комората на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за геодетски работи (во натамошниот текст: Комората) од страна на Агенцијата за катастар на недвижности (во натамошниот текст: Агенцијата), како и вршењето на одземените или ограничените јавни овластувања на Агенцијата во име на Комората.“.
Член 2
По членот 25 се додаваат две нови глави VI-А и VI-Б, два нови наслова и два нови члена 25-а и 25-б, кои гласат:
„VI-А .ОДЗЕМАЊЕ ИЛИ ОГРАНИЧУВАЊЕ НА ЈАВНИ ОВЛАСТУВАЊА НА КОМОРАТА
Член 25-а
(1) Агенцијата врши надзор на законитото работење на Комората и на вршењето на јавните овластувања кои се однесуваат на издавање и одземање на лиценца за вршење на геодетски работи, водење на Именикот на трговци поединци овластени геодети и трговски друштва за вршење на геодетски работи и на изготвување на тарифник за висината на надоместокот за извршените геодетски работи.
(2) Доколку Агенцијата утврди недостатоци во работењето на Комората, во зависност од утврдениот недостаток може да:
- укаже на определени материјални и процедурални недостатоци во работата на Комората,
- даде препораки за доследно спроведување на овој закон во делот на извршувањето на јавните овластувања и
- даде мислења и стручна помош.
 (3) Ако Комората не ги отстрани недостатоците од ставот (2) алинеја 1 на овој член, јавните овластувања и се одземаат или ограничуваат најмногу до една година, со решение на директорот на Агенцијата.
(4) Решението од ставот (3) на овој член е конечно и извршно, а против истото е дозволена тужба пред Управен суд во рок од 15 дена од денот на приемот на решението.
(5) Одземените или ограничените јавни овластувања од ставот (1) на овој член во име на Комората ги врши Агенцијата, согласно со овој правилник, во рок најмногу до една година.
VI-Б. ВРШЕЊЕ НА ЈАВНИ ОВЛАСТУВАЊА НА АГЕНЦИЈАТА ВО ИМЕ НА КОМОРАТА
Член 25-б
(1) Работите сврзани со издавањето на лиценцата/решението како и за престанокот и одземањето на лиценцата, во случај на одземени или ограничени јавни овластувања на Комората од членот 128 став (6) од Законот за катастар на недвижности, се во надлежност на директорот на Агенцијата за катастарот на недвижности.
(2) За извршување на работите од став (1) на овој член, по однос на издавање на лиценца/решение и одземање на лиценца, директорот на Агенцијата формира Комисија.
(3) Комисијата од ставот (2) на овој правилник е составена од три члена и нивни заменици кои ги именува директорот од редот на вработените во Агенцијата.
(4) Комисијата од ставот (3) на овој член има право на надоместок во висина утврдена со решение од директорот на Агенцијата.
 (5) Барањето за издавање на лиценца/решение, се поденесува до Агенцијата.
(6) Надоместокот за издавање на лиценца/решение од член 14 на овој правилник се плаќа на Агенцијата.
(7) Висината на надоместокот од став (6) на овој член се утврдува во зависност од направените трошоци потребни за вршење на увид во исполнетоста на условите потребни за вршење на геодетските работи, а ја пропишува директорот на Агенцијата.
(8) Лиценцата и решението се печатат на бела 220 грамска кунздрук хартија, со димензии А4 формат на кој е втиснат сув жиг на Агенцијата.
(9) Формата и содржината на лиценцата од став (1) на овој член е дадена во прилог број 5 кој е составен дел на овој правилник.
(10) Формата и содржината на решението од став (1) на овој член е дадена во прилог број 6 кој е составен на овој правилник.
(11) Формата и содржината на барањето за издавање на лиценца/решение од ставот (5) на овој член се дадени во прилог број 7 кој е составен дел на овој правилник.
(12) Одредбите за Комората пропишани во овој правилник соодветно се применуваат за вршење на работите на Агенцијата во име на Комората, освен ако поинаку не е определено со овој правилник.
Член 3
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 0101-17718/1               Управен одбор
18 декември 2023 година Претседател,
Скопје                            Роберт Бешовски, с.р