„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за измена и дополнување на Правилникот за постапка за избор на домашни правни лица за вршење на услуги со хартии од вредност

18.12.2023

Врз основа на член 101 став (4) од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 29/2002, 85/2003, 40/2004, 113/2005, 29/2007, 88/2008, 48/2009, 50/2010, 171/2010, 36/2011, 98/2012, 13/2013, 164/2013, 44/2014, 192/2015 30/2016, 21/2018 и 245/2018 и Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 180/2019 и 103/2021) и член 120 став (4) од Законот за доброволно капитално финансирано пензиско („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2008, 124/2010, 17/2011 и 13/2013 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 103/2021) Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување на седницата одржана на 28.11.2023 година, донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ИЗМЕНА И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА ПОСТАПКА ЗА ИЗБОР НА ДОМАШНИ ПРАВНИ ЛИЦА ЗА ВРШЕЊЕ НА УСЛУГИ СО ХАРТИИ ОД ВРЕДНОСТ
 
Член 1
Во Правилникот за постапка за избор на домашни правни лица за вршење на услуги со хартии од вредност („Службен весник на Република Македонија“ бр.110/2013, 47/2014, 32/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ 269/2022) членот 7 се менува и гласи:
„Заради добивање согласност на договорите склучени со избраните домашни правни лица кои вршат услуги со хартии од вредност, пензиското друштво до Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување: (во понатамошниот текст: Агенцијата) ја доставува следната документација:
1. Барање
2. Договор склучен со домашно правно лице кое врши услуги со хартии од вредност, кој влегуваат во сила по давање на согласност од страна на Агенцијата, со тарифник за провизии
3. Извештај за спроведената постапка за избор на домашни правни лица кои вршат услуги со хартии од вредност
4. Фотокопија од пристигнатите понуди
5. Фотокопија од документација за избраното правно лице кое врши услуги со хартии од вредност, со кое е склучен договорот, со која се докажува исполнетост на условите од закон и овој правилник.“
Член 2
По членот 7 се додаваат два нови члена: “7-а и 7-б
“кои гласат:
 “Член 7-а Барањето, заедно со документите наведени во член 7 на овој правилник се доставуваат на македонски јазик. Документите од став (1) точките 1, 2 и 3 од овој
правилник се доставуваат во оригинал или заверен препис, а документите од став (1) точките 4 и 5 од овој правилник се доставуваат во фотокопија.
Барањето и документите од член 7 од овој правилник може да се достават и по електронски пат, во форма на електронски документ согласно Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги. Документот кој пензиското друштво не може да го достави како оригинален документ во електронска форма, потребно е во рок од 5 дена од доставувањето на документацијата, да го достави во оригинал во хартиена форма.
 Доколку документацијата е непотполна или неуредна, Агенцијата определува дополнителен рок во кој е потребно да се достави документацијата. Доколку пензиското друштво не ја дополни документацијата или не ги отстрани недостатоците во предвидениот рок, се смета дека се откажало од барањето, а Агенцијата донесува заклучок со кој се запира поведената постапка.
Агенцијата може да побара пензиското друштво да достави дополнителна документација во рокови кои ќе ги определи, за потребите на издавање на согласноста.
Член 7-б
Агенцијата одлучува за барањата и документите од член 7 на овој правилник за период од 60 дена од датумот на приемот на целокупната документација.
 Врз основа на оценката за исполнувањето на условите од Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување и/или Законот за доброволно капитално финансирано пензиско осигурување и од овој правилник Советот на експерти на Агенцијата донесува решение за издавање согласност на договор склучен со избраното домашно правно лице кое врши услуги со хартии од вредност.
Агенцијата може да донесе решение со кое нема да даде согласност на договорите склучени со избраните домашни правни лица кои вршат услуги со хартии од вредност доколку:
а) постапката за избор не е спроведена во согласност со овој правилник и
б) со трансакционите провизии или други одредби од договорите склучени со избраните домашни правни лица кои вршат услуги со хартии од вредност се загрозуваат интересите на членовите и пензионираните членови на пензиските фондови.“
Член 3
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавување во ,,Службен весник на Република Северна Македонија”.
Бр. 01-1721/9                                      Претседател
4 декември 2023 година         на Советот на експерти,
Скопје                                                 Максуд Али, с.р.