„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Програма за поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми за 2023 година

09.12.2023

Врз основа на член 22 став 1 од Законот за извршување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 282/22 и 207/23), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 6 декември 2023 година, донесе
П Р О Г Р А М А ЗА ПОДДРШКА ЗА ПЕЧАТЕЊЕ И ДИСТРИБУЦИЈА НА ПЕЧАТЕНИТЕ МЕДИУМИ ЗА 2023 ГОДИНА I
 
(1)Со оваа програма се реализираат активностите за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми од општ информативен карактер. Целта е да се поддржат помалите печатени медиуми, пред се оние кои се печатат и дистрибуираат на локално ниво, како и печатените медиуми коишто не остваруваат приходи од Буџетот на Република Северна Македонија по други комерцијални основи.
(2) Средствата за реализација на оваа програма се утврдени со Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 282/22 и 207/23), раздел 040.01 - Влада на Република Северна Македонија, потпрограма 16 - Поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, ставка 425 - Договорни услуги во износ од 10.000.000,00 денари.
 II Средствата од дел I став (2) од оваа програма, се користат за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми во насока на заштита на плурализмот од областа на медиумите и културниот диверзитет.
III Корисници на средствата од дел I став (2) од оваа програма, се печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања. Оваа програма не ги опфаќа печатените медиуми коишто остваруваат приходи од Буџетот на Република Северна Македонија по други комерцијални основи (дневните весници).
IV Поддршката за печатење и дистрибуција на печатените медиуми ќе се врши од предвидените средства од дел I став (2) од оваа програма, така што вкупно 2 милиони денари ќе се поделат меѓу печатените медиуми кои се издаваат и дистрибуираат на локално ниво, додека вкупно 8 милиони денари ќе се поделат меѓу печатените медиуми кои се издаваат и дистрибуираат на национално ниво, за направените трошоци за печатење и дистрибуција согласно доставените фактури за календарската 2022 година, а во зависност од бројот на поднесени барања. На печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници ќе им се доделат дополнителни средства во висина од 10% за направените трошоци за печатење и дистрибуција за календарската 2022 година, во насока на поддршка на културниот диверзитет на различните етнички заедници.
V (1) Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија (во натамошен текст: Генералниот секретаријат) ќе објави Јавен повик за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за пријавување на интерес за средствата од оваа програма.
(2) Јавниот повик се објавува во рок од три дена од денот на влегувањето во сила на оваа програма, во два дневни весници од кои во по еден од весниците кои се издаваат на македонски јазик и во весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик и на веб-страницата на Владата на Република Северна Македонија. Јавниот повик ќе трае седум дена од денот на неговото објавување во дневните весници.
 (3) Еден корисник може да поднесе само едно барање за поддршка за печатење и/или дистрибуција на печатените медиуми (во натамошниот текст: барање) за користење на средствата од оваа програма.
(4) Подносителот на барањето за учество по Јавниот повик до Генералниот секретаријат треба да поднесе: - пополнет образец на барање за поддршка за печатење и дистрибуција;
 - документирани докази за направените трошоци за печатење и документирани докази за направените трошоци за дистрибуција на печатениот медиум за календарската 2022 година. Како документирани докази за направените трошоци за дистрибуција се сметаат и оние што се искажани во форма на рабат на фактури.
Медиумите кои самостојно го организираат и вршат печатењето и дистрибуцијата на медиумот, наместо фактури и испратници/приемници, како доказ доставуваат Пресметка на цената на печатењето утврдена на принципот „дофат на рака“. Цената според принципот „дофат на рака“ се утврдува од цената за печатење по страница, соодветно на бројот на страници што субјектот ја наплатува за печатење на медиум за неповрзано лице.
Доколку не постои можност за ваква пресметка, цената според принципот „дофат на рака“ се утврдува од цената на печатењето и дистрибуцијата (збир на директни трошоци за материјали, плата на директни работници, општи трошоци на производството, општи режиски трошоци утврдени според избран клуч), зголемена за вообичаената заработувачка (маржа) утврдена како просек од маржата на добивката пред оданочување на последните пет години;
 - потврда од Управата за јавни приходи за платени јавни давачки за 2022 година, согласно закон;
 - потврда дека не е отворена постапка за стечај издадена од надлежен орган;
 - потврда дека не е отворена постапка за ликвидација издадена од надлежен орган;
 - потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство;
 - потврда од Регистарот на казни за сторени кривични дела на правните лица дека не e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
 - потврда дека со правосилна пресуда нe e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност;
- потврда за регистрација на печатениот медиум во Регистарот на издавачи на печатени медиуми од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми;
- писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице на подносителот на барањето дека печатениот медиум печател и дистрибуирал на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на Јавниот повик;
 - писмена изјава заверена кај нотар на одговорното лице на подносителот на барањето дека печатениот медиум последните три години до денот на објавувањето на Јавниот повик во континуитет се продавал на пазарот.
(5) Формата и содржината на образецот на барањето се дадени во Прилог, кој е составен дел на оваа програма.
(6) Барањето може да се обезбеди преку интернет страницата на Владата на Република Северна Македонија: www.vlada.mk
(7) Кон барањето се приложува изјава заверена кај нотар дека барателот под морална, материјална и кривична одговорност гарантира за точноста и веродостојноста на наведените податоци во барањето и за поднесената документација.
VI
 (1) За спроведување на Јавниот повик за доделување поддршка за печатење и дистрибуција на печатени медиуми, од страна на Генералниот секретаријат се формира Комисија која ќе биде составена од пет члена, и тоа: двајца претставници од редот на вработените во Генерален секретаријат, еден претставник од редот на вработени во Министерство за информатичко општество и администрација и двајца надворешни медиумски експерти од кои еден член на Асоцијацијата за заштита на националните печатени медиуми во Македонија (АЗНПМ) и еден член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
(2) Врз основа на добиените барања и доставената документација се врши изборот на корисниците на средства согласно оваа програма врз основа на следните критериуми:
- печатените медиуми да имаат подмирени јавни давачки за календарската 2022 година;
- да немаат отворена постапка за стечај;
- да немаат отворена постапка за ликвидација;
- на печатениот медиум да не мy e изречена споредна казна забрана за учество во постапки за јавен повик, доделување на договори за јавна набавка и договори за јавно приватно партнерство;
- на печатениот медиум да не мy e изречена споредна казна привремена или трајна забрана за вршење на одделна дејност;
- на печатениот медиум да не мy e изречена прекршочна санкција забрана за вршење на професија, дејност или должност, односно привремена забрана за вршење одделна дејност;
- печатените медиуми да се регистрирани во Регистарот на издавачи на печатени медиуми во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми;
- печатените медиуми да се печателе и дистрибуирале на пазарот најмалку три години до денот на објавувањето на Јавниот повик;
- печатените медиуми последните три години до денот на објавувањето на Јавниот повик во континуитет да се продавале на пазарот и
- печатените медиуми да не се корисници на средства од Буџетот на Република Северна Македонија по комерцијални основи (објавување на јавни огласи за вработување, јавни набавки и сл.).
(3) Комисијата по пристигнувањето на сите барања доставени за времетраење на Јавниот повик, со записник за евалуација за исполнетите критериуми ќе го утврди бројот на пристигнати барања и ќе изготви листа на баратели кои имаат уредна и комплетна документација. По извршената евалуација на пристигнатите барања и доставената документација од печатените медиуми, Комисијата ќе изготви записник за евалуација и извештај на одобрени барања на корисници на средства согласно оваа програма.
(4) Барателите кои не доставиле уредна и комплетна документација нема да бидат утврдени во Листата на баретели.
(5) По изготвениот извештај од став (3) на овој дел, Генералниот секретаријат ќе ги извести барателите по писмен пат за денот на потпишување на Договор за поддршка помеѓу корисникот на средствата и Генералниот секретаријат.
(6) Договорот за поддршка помеѓу корисникот на средства и Генералниот секретаријат го подготвува Генералниот секретаријат.
(7) Печатените медиуми во втората половина на 2024 година, доставуваат извештај за искористеноста на добиените средства до Генералниот секретаријат.
VII
Оваа програма влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр.41-12005/7                   Прв заменик на претседателот
6 декември 2023 година      на Владата на Република
Скопје                                         Северна Македонија,
                                                       д-р Artan Grubi, с.р.