„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правила за постапување по приговори и за разрешување на спорови

05.12.2023

Врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 9 и член 37 став (8) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 и 236/22), Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 4 декември 2023 година, донесе
П Р А В И Л А
ЗА ПОСТАПУВАЊЕ ПО ПРИГОВОРИ И ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА СПОРОВИ
 
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет
Член 1
Со овие правила се уредува постапката, износот и начинот на покривање на трошоците во постапките по приговори и за разрешување на спорови.
Приговори и спорови
Член 2
(1) Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (во натамошниот текст: Регулаторната комисија за енергетика), одлучува по приговорите поднесени од:
1) корисниците на системите за пренос и дистрибуција на електрична енергија, природен гас, сурова нафта и нафтени деривати и топлинска енергија:
- против актите на соодветните оператори со кои се одбива пристапот или приклучувањето на соодветниот систем, а во однос на топлинската енергија и против актите на соодветниот оператор со кои се одбива барање за исклучување, како и против актите со кои се утврдува износот на надоместокот и другите услови за приклучувањето, а во однос на топлинската енергија и против актите со кои се утврдува износот на надоместокот и другите услови за исклучувањето,
- поради штети настанати поради ограничување или прекин на испораката на електрична енергија, природен гас, сурова нафта и нафтени деривати и топлинска енергија, од и во системите за пренос или дистрибуција на електрична енергија или природен гас, сурова нафта и нафтени деривати,
2) потрошувачите против снабдувачите кои имаат обврска за обезбедување на јавна или универзална услуга, како и против снабдувачите во краен случај во врска со:
- квалитетот на услугата во снабдувањето,
- ограничувањето или оневозможувањето на правото за промена на снабдувач,
- пресметката на потрошената енергија и износот на сметката,
3) вршителите на енергетските дејности и потрошувачите против поединечен акт на операторот на соодветниот пазар на енергија со кој се одбива барањето за упис во соодветниот регистар или се одлучува за правата и обврските коишто произлегуваат од учеството на соодветниот пазар.
(2) Регулаторната комисија за енергетика одлучува во постапка за разрешување на спорови настанати од извршување на договорите помеѓу вршители на енергетски дејности, вршители на енергетски дејности и потрошувачи, како и операторите на системи за пренос и дистрибуција и корисниците на тие системи, кога за тоа се договориле договорните страни.
II. ОДЛУЧУВАЊЕ ПО ПРИГОВОРИ
Начела на постапката
Член 3
Во постапката за одлучување по приговори Регулаторната комисија за енергетика ги применува начелата содржани во Законот за општата управна постапка.
Странка во постапката за одлучување по приговор
Член 4
(1) Странка по чие барање е поведена постапката е:
1) корисник на систем за пренос или дистрибуција на електрична енергија, природен гас, сурова нафта и нафтени деривати и топлинска енергија,
2) потрошувач кој што е снабдуван од снабдувач којшто има обврска за обезбедување на јавна или универзална услуга, како и од снабдувач во краен случај и
3) вршител на енергетска дејност или потрошувач кој што има право да учествува на пазарот на соодветен вид на енергија.
(2) Странка против која е поведена постапката е вршител на регулирана енергетска дејност или вршител на енергетска дејност којшто има обврска да обезбеди јавна или универзална услуга или вршител на енергетските дејности-транспорт на сурова нафта преку нафтовод, односно транспорт на нафтени деривати преку продуктовод.
Приговор
Член 5
(1) Приговор е поднесок на странката од член 4 став (1) од овие правила доставен до Регулаторната комисија за енергетика заради остварување на некое свое право утврдено во Законот за енергетика, како и во прописите и правилата донесени или одобрени од Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Приговорот се поднесува против:
1) акт на оператор на систем за пренос или дистрибуција на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија :
- со кој се одбива пристапот, приклучувањето на соодветниот систем,
- со кој се утврдува износот на надоместокот и другите услови за приклучувањето, или
- со кој се одбива барање за надоместок на штета настаната поради ограничување или прекин на испораката на електрична енергија, природен гас и топлинска енергија, од и во соодветните системи,
- во однос на топлинската енергија и против актите на соодветниот оператор со кои се одбива барање за исклучување и против актите со кои се утврдува износот на надоместокот и другите услови за исклучувањето.
2) снабдувач којшто има обврска за обезбедување на јавна или универзална услуга, како и против снабдувач во краен случај во врска со:
- квалитетот на услугата во снабдувањето,
- ограничувањето или оневозможувањето на правото за промена на снабдувач и
- пресметката на потрошената енергија како и износот на сметката.
3) одлука на операторот на соодветниот пазар на енергија за отфрлање или одбивање на барањето за регистрирање на пазарот на енергија, како и отфрлање или одбивање на барањето за стекнување на статус на балансно одговорна страна,
4) решение за одбивање на барањето за пристап до нафтовод односно продуктовод донесено од вршителот на енергетските дејности-транспорт на сурова нафта преку нафтовод, односно транспорт на нафтени деривати преку продуктовод и
5) одлука на операторот на соодветниот пазар на енергија со која се одлучува за права и обврски коишто произлегуваат од учеството на соодветниот пазар.
(3) Приговор се поднесува и кога вршител на енергетска дејност од став (2) на овој член во пропишан рок нема да го донесе актот од став (2) точка 1) или одлуката од став (2) точка 3) или решението од став (2) точка
4) на овој член, односно кога нема да постапи по поднесокот во однос на случаите од став (2) точка 2) на овој член.
(4) Приговорот се поднесува и кога настане штета поради намалена испорака или прекин на испораката на електрична енергија, природен гас, сурова нафта и нафтени деривати и топлинска енергија, од и во системите за пренос или дистрибуција на електрична енергија или природен гас, сурова нафта и нафтени деривати, по однос на актите на соодветните оператори за утврдување на висината на надоместокот за настанатата штета, основот за утврдување на штетата, непостапување по барање за надомест на штета и отфрлање на барање за надоместок на штета.
Содржина на приговорот
Член 6
(1) Странката го поднесува приговорот во писмена или електронска форма.
(2) Приговорот содржи:
1) Податоци за подносителот на приговорот (име и презиме и адреса на физичко лице, односно назив и седиште на правно лице впишани во Централен регистар на Република Северна Македонија)
2) Податоци за актот или дејствието против кој се поднесува приговорот вклучително и датум на донесување на актот и датум на прием на актот од страна на подносителот на приговорот,
3) Причина и цел за поднесување на приговорот,
4) Докази, прилози и други податоци.
(3) Приговорот во писмена форма треба да биде потпишан своерачно од подносителот на приговорот.
(4) Кон приговорот се поднесува актот против кој се поднесува приговорот или друг доказ дека подносителот на приговорот ги искористил сите средства за остварување на своето право низ постапките воспоставени од вршителот на енергетската дејност против чиј акт се поднесува приговорот, освен во случаите од член 5 став (2) точка 2) и член 5 став (3) од овие правила.
(5) Приговорот треба да биде доволно јасен за да и овозможи на Регулаторната комисија за енергетика да го преземе бараното дејствие.
Поднесување на приговорот
Член 7
(1) Приговорот се поднесува во рок од 15 дена од денот на кој:
1) Подносителот на приговорот го добил актот, или
2) истекол пропишаниот рок во кој требал да биде донесен актот, или
3) подносителот на приговорот дознал за стореното дејствие, против коишто се поднесува приговорот.
(2) Приговорот се поднесува во архивата на Регулаторната комисија за енергетика, преку препорачана пошта или преку електронска пошта.
(3) Ако приговорот се поднесува во електронска форма, придружната документација се доставува во скенирана форма.
(4) Ден на прием на приговорот е денот на којшто:
1) приговорот е примен во архивата на Регулаторната комисија за енергетика, или
2) означен на препорачаната пратка преку пошта, или
3) приговорот во електронска форма е внесен во информацискиот систем на Регулаторната комисија за енергетика.
Комисија за постапување по приговори
Член 8
(1) По приговорот постапува соодветна комисија формирана со решение од Регулаторната комисија за енергетика (во понатамошниот текст: комисија), составена од пет члена.
(2) Мандатот на членовите на комисијата е три години.
(3) Три члена, од кои еден е претседател на комисијата, се именуваат од членовите на Регулаторната комисија за енергетика, а другите два члена се именуваат од вработените во стручната служба на Регулаторната комисија за енергетика.
(4) Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика назначува секретар на комисијата од редот на вработените во стручната служба, кој што ги врши административно-техничките работи за потребите на комисијата.
(5) Член на комисија, по негово барање или по барање на странка во постапката, се иззема во постапувањето по определен приговор, ако се утврди дека има личен интерес, и/или семеен или деловен однос со една од странките во постапката, или ако постојат околности кои даваат повод за оправдано сомневање во неговата непристрасност или независност.
(6) Член на комисија штом дознае дека постои некоја од причините за изземање од став (5) на овој член, ја прекинува работата врз тој предмет и за тоа го известува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика.
(7) Странка во постапката поднесува барање за изземање на член на комисија, веднаш штом дознае дека постои некоја причина за изземање од став (5) на овој член, а најдоцна до донесување на решението по приговорот.
(8) Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика одлучува по барањето за изземање и во случај на усвојување на барањето ја определува замената за членот на комисијата кој побарал или за кого е побарано изземање.
(9) Комисијата одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови на комисијата.
Постапување по приговорот
Член 9
(1) Комисијата го разгледува приговорот и доколку утврди дека е навремен, дозволен и целосен, во рок од седум дена од приемот на приговорот во Регулаторната комисија за енергетика го доставува приговорот и придружната документација до странката против која е поведена постапката.
(2) Ако странката против која е поведена постапката во рок од седум дена од приемот на приговорот и придружната документација не се произнесе по приговорот, комисијата ја води постапката и ја утврдува фактичката состојба врз основа на доставените докази и податоци содржани во приговорот и придружната документација.
(3) Доколку комисијата по разгледување на приговорот и пропратната документација утврди дека истата не е целосна, односно не ги содржи елементите од член 6 став (2) од овие правила, и доставува известување до подносителот на приговорот за дополнување или појаснување на истиот. Подносителот на приговорот треба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на известувањето да постапи согласно истото.
Постапување по ненавремен, недопуштен и нецелосен приговор
Член 10
(1) Комисијата и предлага на Регулаторната комисија за енергетика со решение да го отфрли приговорот ако при разгледувањето утврди дека приговорот е:
1) ненавремен, односно не е доставен во рокот утврден во член 7 став (1) од овие правила;
2) недопуштен, односно предметот на приговорот не се однесува на акт или дејствие во врска со прашањата наведени во член 5 став (2) и став (4) од овие правила, или е поднесен од страна на неовластено лице или подносителот на приговорот не доставил акт против кој се поднесува приговорот или друг доказ дека ги искористил сите средства за остварување на своето право низ постапките воспоставени од странката против која е поведена постапката и
3) нецелосен, односно не ги содржи елементите од член 6 став (2) од овие правила или не е јасен, а откако се утврди дека подносителот не постапил согласно известувањето со кое бил упатен во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето да го дополни или појасни приговорот.
(2) Ако приговорот се однесува на прашања за кои Регулаторната комисија за енергетика не е надлежна да постапува, во решението со кое се отфрла приговорот како недопуштен, странката се упатува на надлежен орган.
(3) Решението за отфрлање на приговорот донесено од Регулаторната комисија за енергетика е конечно и против него може да се поведе управен спор.
Седница на комисијата
Член 11
(1) Комисијата работи и ја спроведува постапката на седница која што ја свикува и со неа раководи претседателот на комисијата.
(2) Седницата на комисијата се одржува во рок од 15 дена од истекот на рокот од член 9 став (2) од овие правила.
(3) Комисијата одлучува врз основа на доставени писмени докази и други податоци потребни за утврдување на фактичката состојба.
(4) Ако комисијата во текот на постапката оцени дека е потребно заради правилно утврдување на фактичката состојба да се достават дополнителни докази и факти, ќе ги задолжи странките во рок од десет дена да ги достават дополнителните докази и факти.
(5) Заради правилно утврдување на фактичката состојба, комисијата може, по претходно известување до странките во постапката, да изврши увид во просториите, постројките, уредите, инсталациите и документацијата на странките наведени во приговорот, а странките се должни да го овозможат и да не го попречуваат увидот. За утврдената состојба од увидот се изготвува записник.
(6) Секретарот води записник за текот на седниците на комисијата кој што го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата и секретарот, а во кој особено се наведува:
1) време и место на одржување на седницата,
2) имиња на членовите на комисијата,
3) имињата, односно називот на странките,
4) податоци за предметот на одлучување, и
5) изјавите на странките, сведоците и вештаците
кои учествуваат во усната расправа, како и други податоци поврзани со текот на постапката.
Усна расправа
Член 12
(1) Ако врз основа на приговорот, како и доказите и придружната документација поднесена кон приговорот, комисијата утврди дека не може целосно да се утврди фактичката состојба, комисијата може да одлучи да одржи седница на којашто ќе се одржи усна расправа заради изведување на докази, односно заради усно расправање по предметот на спорот, за што ги повикува странките во постапката за учество.
(2) На седницата на комисијата на која се води усна расправа во врска со поднесениот приговор, претседателот и членовите на комисијата може да поставуваат прашања во врска со појаснување на наводите содржани во поднесените докази, а странките во постапката се произнесуваат, односно даваат свои мислења и предлози по доставените докази.
(3) Регулаторната комисија за енергетика може, по предлог на комисијата, на седницата на комисијата на која се води усна расправа да повика и овластени претставници на државни органи, јавни установи, трговски друштва и јавни претпријатија ако оцени дека тие субјекти располагаат со докази или сознанија од суштинско значење за одлучување по приговорот, или преку искажување на свои ставови и мислења можат да придонесат за утврдување на фактичката состојба.
(4) За усната расправа се составува записник.
Вештаци
Член 13
(1) Регулаторната комисија за енергетика, по предлог од комисијата или од странка во постапката, може да назначи едно или повеќе лица коишто имаат лиценца за вештачење од редот на вештаците запишани во Регистарот на вештаци.
(2) По исклучок од ставот (1) на овој член, ако трошоците за вештачењето што треба да се изврши по барање од комисијата се несразмерно високи според значењето или вредноста на предметот, по приговорот се одлучува врз основа на други доказни средства.
(3) Вештакот поднесува наод за фактите и мислење за одредени прашања во врска со приговорот коишто ги определува Регулаторната комисија за енергетика или странка во постапката.
(4) По барање од комисијата или од странка, вештакот, по поднесувањето на наодот и/или мислењето, учествува на седницата на комисијата на која се води усна расправа и одговара на прашања поставени од членовите на комисијата или странките во врска со наводите содржани во наодот и/или мислењето.
(5) Трошоците за вештакот се определуваат според висината на предметот на спорот и за реално направените трошоци во врска со неговата работа во согласност со прописот со којшто се утврдува наградата за вештите лица.
Трошоци на постапката
Член 14
(1) Странките во постапката за одлучување по приговор сами ги сносат трошоците предизвикани со своите дејствија.
(2) Трошоците за работењето на комисијата во постапката вклучувајќи го и вештачењето по предлог на комисијата, се на товар на Регулаторната комисија за енергетика.
Порамнување
Член 15
(1) Во текот на постапката комисијата настојува странките да се порамнат целосно или во одделни
спорни прашања.
(2) Во постапката за порамнување комисијата внимава порамнувањата да бидат секогаш јасно и прецизно определени и да не бидат на штета на јавниот интерес, или на правниот интерес на трети лица, во спротивно Регулаторната комисија за енергетика нема да го дозволи порамнувањето и за тоа ќе донесе решение.
(3) Порамнувањето е склучено кога странките ќе го потпишат записникот за порамнување што го составува комисијата.
(4) Записникот за порамнување се изготвува во три примерока од кои по еден за секоја од странките и еден за Регулаторната комисија за енергетика.
(5) Порамнувањето има сила на извршен управен акт донесен во постапката.
Донесување на решение по приговор
Член 16
(1) Во рок од најдоцна 50 дена од денот на приемот на приговорот со сите списи комисијата изготвува предлог решение по приговорот и го доставува до Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Регулаторната комисија за енергетика го донесува решението по приговорот во рок од седум дена по приемот на предлог решението по приговорот.
(3) При донесувањето на решението по приговорот, Регулаторната комисија за енергетика ги има предвид и изјавите на странките, сведоците и вештаци кои учествувале во усната расправа од член 12 од овие правила, како и утврдената состојба при увидот од член 11 став
(5) од овие правила, наведени во соодветните записници.
Правна сила на решението, правен лек и објавување на решението
Член 17
(1) Решението по приговорот влегува во сила со денот на донесувањето.
(2) По еден примерок од решението по приговорот се доставува до странките во постапката.
(3) Решението по приговорот е конечно и против него може да се поведе управен спор. Поведувањето на управен спор не го одлага извршувањето на решението.
(4) Регулаторната комисија за енергетика го објавува решението по приговорот на својата веб страница согласно важечките прописи за заштита на личните податоци.
III. ПОСТАПУВАЊЕ ПО СПОРОВИ
Поведување на постапка
Член 18
Регулаторната комисија за енергетика поведува постапка за разрешување на спорови настанати од извршување на договорите помеѓу вршители на енергетски дејности, вршители на енергетски дејности и потрошувачи, како и операторите на системи за пренос и дистрибуција и корисниците на тие системи, кога за тоа се договориле договорните страни.
Поднесување на барање
Член 19
(1) Постапката за разрешување на спорови од член 18 на овие правила се поведува по поднесено барање за одлучување по спорот поднесено од страна на договорните страни (во натамошниот текст: барање) кои се странки во постапката за разрешување на спор.
(2) Барањето треба особено да содржи:
1) Податоци за подносителот на барањето, вклучително и податоци за контакт,
2) Копија од договор или спогодба од која може да се утврди дека договорните страни се согласни спорот да се разреши од страна на Регулаторната комисија за енергетика, во согласност со овие правила,
3) Опис на спорот и фактичката состојба, како и правниот основ на коишто е засновано барањето и документи и други докази на коишто барателот го засновува барањето, и
4) Барање за одржување на усна расправа.
(3) Барањето, како и доказите и придружната документација се доставуваат во три примерока од кои два за Регулаторната комисија за енергетика, а еден за странката против која се поведува спорот.
(4) Барањето се поднесува во рок од 60 дена од настанување на спорот во архивата на Регулаторната комисија за енергетика, преку препорачана пошта или преку електронска пошта.
(5) Ако барањето се поднесува во електронска форма, пропратната документација се доставува во скенирана форма.
(6) Ден на прием на барањето е:
- денот на којшто барањето е доставено во архивата на Регулаторната комисија за енергетика, или
- денот означен на препорачаната пратка.
Работа на комисијата
Член 20
(1) По поднесеното барање постапува комисијата од член 8 на овие правила.
(2) Комисијата го разгледува барањето и пропратната документација и доколку утврди дека е непотполно го задолжува барателот да го доуреди во рок од осум дена од приемот на известувањето.
(3) Ако барателот во рокот од став (2) од овој член не го доуреди барањето, комисијата и предлага на Регулаторната комисија за енергетика со решение да го отфрли барањето.
Одлучување за надлежност по спорот
Член 21
(1) Регулаторната комисијата за енергетика, на предлог на комисијата, во рок од 15 дена од приемот на уредното барање донесува решение со кое се произнесува дали спорот може да се разреши во рамките на Регулаторната комисија за енергетика, односно дали е надлежна за одлучување по спорот.
(2) Решението од став (1) на овој член се доставува до подносителот на барањето.
(3) Во случај кога Регулаторната комисија за енергетика ќе донесе решение со кое ќе се огласи за ненадлежна за постапување по барањето за одлучување по спорот, страните во спорот своите права може да ги остварат во судска или друга постапка.
Доставување на барањето до странката против која се поведува спорот
Член 22
(1) Доколку согласно член 21 став (1) од овие правила Регулаторната комисијата за енергетика се произнесе за надлежна за решавање за спорот, комисијата во рок од три работни дена го доставува барањето до странката против која се поведува спорот, со барање во рок од 15 дена од приемот да поднесе одговор на барањето.
(2) Одговорот на барањето треба да содржи:
1) Изјаснување во врска со барањето на странката која го поведува спорот, фактичката состојба и правниот основ на коишто го заснова својот одговор,
2) Документи и докази со кои се потврдуваат наводите во изјаснувањето од точка 1) на овој став, и
3) Произнесување по барањето за одржување на усна расправа.
(3) Странката против која се поведува спорот го доставува одговорот на барањето истовремено до Регулаторната комисија за енергетика и барателот.
Постапување со барањето и негово надополнување
Член 23
Барањето и одговорот на барањето може да бидат менувани и дополнувани од странките во текот на постапката, освен ако Регулаторната комисија за енергетика не оцени дека тоа е нецелисходно и дека со тоа се одолговлекува постапката.
Авансно плаќање на трошоците
Член 24
(1) Регулаторната комисија за енергетика, носи решение со кое го определува износот којшто странките треба да го уплатат како аванс за трошоците на постапката во рок од осум дена од приемот на решението.
(2) Износот на авансот за трошоците на постапката треба да биде соодветен на предвидената висина на трошоците определени согласно член 29 од овие правила и се уплатува на сметка на Регулаторната комисија за енергетика, при што секоја од странките плаќа по една половина од износот.
(3) Доколку во текот на постапката уплатениот аванс не е доволен за покривање на материјалните трошоци, Регулаторната комисија за енергетика, може да одлучи странките да платат дополнителен аванс.
(4) Ако една од страните во спорот во определниот рок не го уплати авансот или дополнителниот аванс, Регулаторната комисија за енергетика ќе побара од другата странка да го изврши тоа плаќање во определен рок, а ако и другата странка не го изврши бараното плаќање, Регулаторната комисија за енергетика, носи одлука за запирање на постапката во рок од 15 дена од истекот на рокот за извршување на плаќањето.
(5) Ако едната странка го извршила плаќањето на авансот на место од другата странка, по барање на странката што го уплатила авансот, Регулаторната комисија за енергетика носи решение со кое ја задолжува другата странка да го надомести авансот платен во нејзино име.
(6) По завршувањето на постапката неискористениот дел од авансот се враќа на странките во спорот.
Изведување на докази
Член 25
(1) Комисијата одлучува кои докази треба да се изведат заради утврдување на фактичката состојба и се од значење за донесување на решението по спор.
(2) Страните во спорот се должни да соработуваат во изведувањето на доказите и да ги извршуваат сите дејствија кои што од нив ги бара комисијата.
(3) Комисијата ќе ги прибави потребните информации, исправи или други докази кои ги поседува друг орган или вршител на енергетска дејност, кои странките не можат да ги обезбедат, а кои и се потребни за донесување на решението по спор.
(4) Ако странката во спорот, којашто од комисијата е уредно повикана да достави документи и други докази, не ги достави бараните докази и документи, комисијата донесува одлука врз основа на доказите и документите со коишто располага.
(5) Странка може да поднесе барање за изведување на доказ, при што ќе го надомести трошокот за изведување на доказот, определен од комисијата според реалните трошоци за изведување на доказот.
(6) Комисијата со заклучок ќе го отфрли барањето од став (5), на овој член ако надоместокот на трошокот не е уплатен во рокот определен од комисијата.
Усна расправа
Член 26
(1) Во текот на постапката комисијата може по барање на странка да организира усна расправа на која се сослушуваат странките, се изведуваат докази и се сослушуваат сведоци.
(2) Комисијата нема да организира усна расправа ако една од странките бара одржување на усна расправа, а и двете странки претходно се изјасниле дека нема да бараат усна расправа.
(3) Во случајот од став (2) од овој член, комисијата одлучува врз основа на доказите и документацијата со која располага.
(4) По барање од странка во постапката комисијата може да го одложи одржувањето на усната расправа за период не подолг од 15 дена од денот кога требала да се одржи, ако оцени дека тоа е оправдано и дека нема да ја одолговлечи постапката.
(5) На почетокот на усната расправа барателот ги изнесува фактите врз кои го темели барањето и ги објаснува причините за покренување на постапката, а потоа на другата странка и се дава можност во непречено излагање да се изјасни за сите околности и да ги изнесе сите факти врз кои го темели одговорот.
(6) Во текот на усната расправа двете странки во постапката имаат право да предлагаат сведоци и докази за кои сметаат дека се од значење за решавањето на спорот.
(7) Известувањата за сведоците што треба да се повикаат за да сведочат се доставуваат до другата странка и до комисијата во рок од пет работни дена пред денот на одржувањето на усната расправа.
(8) Комисијата ја одржува усната расправа и без присуство на странка, којашто претходно била уредно поканета да присуствува лично или преку свој правен застапник.
(9) Доколку на седницата на која се сослушуваат странките не присуствува барателот и притоа не го оправда своето неприсуство, се смета дека барањето е повлечено, по што комисијата изготвува предлог решение согласно член 28.
(10) За усната расправа се води записник кој што го потпишуваат претседателот и членовите на комисијата, секретарот и странките, односно нивните застапници.
(11) Одбивањето на странка да го потпише записникот се внесува во записникот, заедно со причините за одбивањето, кои комисијата ги има предвид при донесувањето на одлуката.
Вештаци и порамнување
Член 27
При спроведувањето на постапката за решавање на спорови Комисијата по однос на прашањата за користење на вештаци и спроведување на порамнувањето соодветно ги применува одредбите на членовите 13 и 15 од овие правила.
Завршување на постапката
Член 28
(1) Постапката за решавање на спор се завршува со донесување на конечно решение со кое се одлучува за суштината на спорот или со решение за завршување на постапката.
(2) Решение за завршување на постапката се донесува ако:
1) една од странките доставила до комисијата известување дека се откажува од постапката,
2) странка не присуствувала на усната расправа на која била уредно поканета, а при тоа не го оправдала своето отсуство, или
3) странките ја известиле комисијата дека се договориле за завршување на постапката.
(3) Известувањето од став (2) точки 1) и 3) на овој член не ги ослободува странките од обврската да ги платат трошоците на постапката и не им овозможува право на поврат за трошоците што ги платиле до денот на доставувањето на известувањето.
(4) Комисијата, во рок од 15 дена од исполнување на условите од точките 1), 2) и 3) на став (2) на овој член, и предлага на Регулаторната комисија за енергетика да донесе решение за завршување на постапката.
(5) Регулаторната комисија за енергетика донесува решение за завршување на постапката во рок од 7 дена.
Трошоци на постапката
Член 29
(1) Регулаторната комисија за енергетика со решение донесено на предлог од комисијата го определува износот на трошоците на постапката којшто странките треба да го уплатат.
(2) Ако со договорот или спогодбата странките не се договориле за начинот на регулирање на трошоците на постапката, тогаш начинот го определува комисијата во предлогот од став (1) на овој член по слободна оцена, земајќи ги предвид сите околности на случајот, а посебно исходот на постапката.
(3) Трошоците за постапката се изразуваат во денари.
(4) Трошоците на постапката се состојат од:
1) материјални трошоци за изведување на доказите коишто се определуваат во висина на реално направените трошоци,
2) надоместок и награда за вештачења, определени во согласност со прописот со кој се уредува начинот за пресметување на наградата и надоместокот за вештачење и
3) трошоци за застапување.
Донесување на решение по спорот
Член 30
(1) Во рок од 15 дена од денот на завршувањето на последното процесно дејствие во постапката Комисијата изготвува предлог решение по спорот со кое се одлучува за суштината на спорот и го доставува до Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Регулаторната комисија за енергетика го донесува решението по спорот во рок од седум дена по приемот на предлогот решение.
(3) При донесувањето на решението по спорот, Регулаторната комисија за енергетика ја има предвид целокупната документација од предметот по спорот.
(4) Решението од став (2) на овој член кон странките е правосилно од денот на доставувањето до странките согласно член 31 став (4) од овие правила. 
Форма, содржина и доставување на решението по спор
Член 31
(1) Решението по спор се донесува во писмена форма и содржи:
1) вовед кој содржи: назив на комисијата, име и презиме на претседателот и на членовите на комисијата, назив и седиште на странките и на нивните застапници и полномошници, кратко означување на предметот на спорот и денот на донесувањето на решението,
2) изрека во која на разбирлив и недвосмислен начин се содржи одлуката на комисијата за барањето,
3) образложение во кое комисијата ги изложува: барањата на странките и нивните наводи за фактите врз кои се засноваат тие барања, доказите, решителните факти што ги утврдил, како и прописите врз кои комисијата ја засновала одлуката.
(2) Во решението од став (1) на овој член се наведуваат износот и распределбата на трошоците, како и начинот на нивното плаќање.
(3) По донесувањето на решението од член 30 став
(2) од овие правила, на секоја од странките им се доставува по еден примерок.
(4) Ако странките поинаку не се договориле, Регулаторната комисија за енергетика го доставува решението од член 30 став (2) од овие правила до странките по препорачана пошта.
(5) Ако странките се согласат, решението од член 30 став (2) од овие правила се објавува на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика согласно важечките прописи за заштита на личните податоци.
Исправка на решение по спор
Член 32
(1) Ако странките поинаку не се договориле, во рок од 30 дена од приемот на решението од член 30 став (2) од овие правила, секоја странка со известување до другата странка може да бара од комисијата исправка на пресметковна, писарска, печатна или друга грешка од слична природа во решението,
(2) Ако комисијата оцени дека барањето е оправдано ќе го исправи решението .
(3) Комисијата може да ја исправи секоја грешка наведена во став (1) на овој член по сопствена иницијатива во рок од 30 дена од денот на донесувањето на решението.
IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Преодни одредби
Член 33
Постапките за одлучување по приговори и спорови кои се во тек ќе продолжат да се водат во согласност со одредбите на овие правила.
Завршни одредби
Член 34
Со денот на влегувањето во сила на овие правила престануваат да важат Правилата за постапување по приговори и разрешување на спорови („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 132/23).
Член 35
Овие правила влегуваат во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 01-2559/1
                       Регулаторна комисија за енергетика,
                        водни услуги и услуги за управување
                         со комунален отпад на Република
                                      Северна Македонија
4 декември 2023 година    Претседател,
Скопје                           Марко Бислимоски, с.р