Врз основа на член 24 став (1) точка 1) алинеја 1, а во врска со член 28 став (1) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр.96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/19), Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 6 ноември 2023 година, донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА РЕГУЛИРАН МАКСИМАЛЕН ПРИХОД И РЕГУЛИРАНИ ПРОСЕЧНИ ТАРИФИ ЗА ПРЕНОС НА ПРИРОДЕН ГАС, ОРГАНИЗИРАЊЕ И УПРАВУВАЊЕ СО ПАЗАРОТ НА ПРИРОДЕН ГАС И ДИСТРИБУЦИЈА НА ПРИРОДЕН ГАС
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
(1) Со овој правилник се уредува начинот за формирање, одобрување и контрола на тарифите (во понатамошниот текст: регулирање на тарифите) со кои се остварува регулиран максимален приход потребен за вршење на следните регулирани дејности:
1) пренос на природен гас,
2) организирање и управување со пазарот на природен гас и
3) дистрибуција на природен гас.
(2) Одредбите од овој правилник се применуваат на правните лица (во понатамошниот текст: друштва) кои ги вршат регулираните дејности од став (1) од овој член врз основа на лиценци издадени од Регулаторна комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: Регулаторна комисија за енергетика).
Член 2
Цели
(1) Регулирањето на тарифите, согласно начинот и постапката утврдени со овој правилник, се засновани на начелата на објективност, транспарентност и недискриминација и со нив се обезбедува:
1) урамнотежување на интересите на вршителите на енергетски дејности и потрошувачите на природен гас,
2) заштита на потрошувачите и корисниците на системот за пренос и системот за дистрибуција на природен гас од каква било злоупотреба на доминантната позиција на пазарот,
3) креирање на мерки за поттикнување на ефикасно работење на вршителите на регулираните дејности,
4) вршителите на енергетски дејности да ги надоместат оправданите трошоци, како и да стекнат соодветен принос на капитал,
5) финансиски средства неопходни за инвестиции со кои ќе се обезбеди одржливо и сигурно функционирање на енергетските системи,
6) отстранување на вкрстените субвенции меѓу групите потрошувачи и прелевање на приходите и трошоците при вршење на регулираните и/или нерегулираните енергетски дејности и
7) надоместување на трошоците за набавка на природен гас за покривање на загубите во системот за пренос и системот за дистрибуција на природен гас, имајќи ги предвид плановите и динамиката за намалување на загубите што операторите на системите ги доставуваат за одобрување до Регулаторната комисија за енергетика.
Член 3
(1) При регулирањето на тарифите за дејностите од член 1 став (1) на овој правилник ( во натамошниот текст: регулирани дејности), се користат методологии на поттикнувачка регулатива за определен регулиран период, дадени во Прилозите што се составен дел на овој правилник.
(2) Со примената на методологиите од Прилозите 1, 2 и 3 на овој правилник, на регулираното друштво му се овозможува покривање на оправданите трошоци и обезбедување соодветен принос на капиталот во регулираниот период определен согласно членот 4 од овој правилник.
Член 4
Регулиран период и времетраење на регулиран период
(1) Под регулиран период се подразбира период за којшто на друштвото му се утврдува регулиран максимален приход, односно регулираната максимална тарифа потребни за вршење на регулираните дејности, согласно одредбите од овој Правилник.
(2) Регулираниот период за регулираните дејности од член 1, став (1), точките 1) и 2) на овој правилник, е една година.
(3) Регулираниот период за регулираната дејност од член 1, став (1), точка 3) на овој правилник, е три календарски години.
(4) По исклучок од став (3) од овој член, регулираниот период за нов оператор на дистрибутивен систем изнесува осум години.
Член 5
Сметководствени стандарди
(1) Друштвото што врши регулирани дејности од член 1 став (1) од овој правилник, своето сметководство го води во согласност со важечките прописи за сметководство во Република Северна Македонија.
(2) За целите на регулирање на тарифите, друштвото е должно при поднесување на барање за одобрување на регулиран приход и тарифи до Регулаторна комисија за енергетика, согласно член 17 став (1) на овој правилник, да достави податоци согласно обрасците и табелите дадени во Прилог 8 кој е составен дел на овој правилник, односно друштвото да изврши групирање на сметководствените позиции согласно методологијата за соодветната регулирана дејност на овој правилник.
(3) Друштвото што врши регулирани дејности е должно, согласно Законот за енергетика* и одредбите на овој правилник, по барање на Регулаторната комисија за енергетика да доставува и други податоци и информации потребни за регулирање на тарифите и да овозможи увид во расположивата инвестиционо-техничката документација за проекти од областа на регулираната дејност.
(4) Друштвото кое врши регулирана дејност е должно, најдоцна до 31 мај во тековната година, до Регулаторната комисија за енергетика да достави Извештај од ревизијата на финансиските извештаи од претходната година.
Член 6
(1) Друштвото кое врши една или повеќе регулирани енергетски дејности, или една или повеќе регулирани енергетски дејности и друга енергетска дејност или друга дејност, е должно да:
1) води одвоено сметководство за секоја поединечна регулирана енергетска дејност што ја врши,
2) вклучи во своето сметководство финансиски извештаи за енергетската дејност за чие вршење е должен да обезбеди јавна услуга, доколку во согласност со Законот за енергетика му е доделен надоместок за вршење на услуга од општ економски интерес согласно со прописите за државна помош и
3) води одвоено сметководство за дејностите кои ги врши и кои не се регулирани енергетски дејности или други дејности кои ги извршува.
II. ПРЕСМЕТКА НА РЕГУЛИРАНИ ТАРИФИ
Член 7
Начин на регулирање на тарифата
(1) Регулираниот максимален приход, односно регулираната максимална тарифа се утврдува на ниво што на друштвото му овозможува да оствари:
1) покривање на оправданите оперативни трошоци и амортизацијата на средствата за вршење на соодветната регулирана дејност, со цел остварување на пропишан квалитет на вршење на регулираната дејност,
2) обезбедување на определена стапка на принос на капиталот, во која се вклучени и инвестициите, со кои ќе се овозможи оспособување, одржлив развој и достапност на услугите кои што се обезбедуваат за сите потрошувачи на природен гас на територијата на Република Северна Македонија.
Член 8
Регулирани тарифи
(1) Тарифа за користење на системот за пренос на природен гас се определува на операторот на системот за пренос на природен гас, секоја година согласно Тарифниот систем за пренос на природен гас и организирање и управување со пазарот на природен гас.
(2) Тарифа за услугата организирање и управување со пазарот на природен гас се определува на операторот на пазарот на природен гас, секоја година согласно Тарифниот систем за пренос на природен гас и организирање и управување со пазарот на природен гас.
(3) Тарифа за услугата дистрибуција на природен гас се определува на операторот на системот за дистрибуција на природен гас, за секоја година од регулираниот период согласно Тарифниот систем за дистрибуција на природен гас.
1. Пренос на природен гас
Член 9
Регулираниот максимален приход на операторот на системот за пренос на природен гас, треба да ги покрие оправданите оперативни трошоци за пренос, како и да обезбеди соодветен принос на капитал, а се определува со примена на методологијата и критериумите дадени во Прилог 1 на овој правилник.
Член 10
(1) Количините на природен гас за покривање на дозволените технички загуби на природен гас во системот за пренос се признаваат до 0,5% од вкупните количини на природен гас на влез во системот за пренос на природен гас.
(2) Цената по која се пресметува трошокот за покривање на техничките загуби на природниот гас во преносната мрежа е иста со цената по која операторот на системот за пренос го набавува природниот гас.
2. Организирање и управување со пазарот на природен гас
Член 11
Регулираниот максимален приход на операторот на пазар на природен гас, треба да ги покрие оправданите оперативни трошоци за организирање и управување со пазарот на природен гас, како и да обезбеди соодветен принос на капиталот, а се определува со примена на методологијата и критериумите дадени во Прилог 2 на овој правилник.
3. Дистрибуција на природен гас
Член 12
Регулираниот максимален приход, односно тарифата на операторот на системот за дистрибуција на природен гас, треба да ги покрие оправданите оперативни трошоци за дистрибуција и управување со системот за дистрибуција, како и да обезбеди соодветен принос на капиталот, а се определува со примена на методологијата и критериумите дадени во Прилог 3 на овој правилник.
Член 13
Во случај кога на системот за дистрибуција на природен гас се приклучени помалку од 100.000 потрошувачи, друштвото што врши енергетска дејност дистрибуција на природен гас, може да врши и дејности снабдување со природен гас, снабдување со природен гас со обврска за јавна услуга и снабдување со природен гас во краен случај.
Член 14
(1) Количините на природниот гас за покривање на дозволените технички загуби на природен гас во дистрибутивната мрежа се признаваат до 0,7% од вкупната количина на природен гас на влез во дистрибутивниот систем.
(2) Цената по која се пресметува трошокот за покривање на техничките загуби на природен гас во дистрибутивната мрежа, е иста со цената по која дистрибутерот го набавува природниот гас.
III. НАЧИН И ПОСТАПКА ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА БАРАЊЕ И ОДОБРУВАЊЕ НА РЕГУЛИРАНИ ТАРИФИ
Член 15
(1) Друштвата што ги вршат регулираните дејности пренос на природен гас, организирање и управување со пазарот на природен гас и дистрибуција на природен гас,поднесуваат барање до Регулаторната комисија за енергетика за одобрување на регулиран максимален приход, и тарифи, (во понатамошниот текст: барање), најдоцна 90 дена пред истекот на регулираниот период.
(2) Барањето од став (1) на овој член се доставува заверено со потпис и печат од одговорното лице за претставување и застапување на друштвото по претходна добиена согласност од органот на управување определен со статутот на друштвото.
(3) Кон барањето од ставот (1) на овој член, барателот е должен да ги достави, во писмена и електронска форма, следните документи и податоци:
1) тековна состојба издадена од Централниот регистар на Република Северна Македонија не постара од 15 дена од денот на доставување на барањето,
2) финансиски извештаи со сите прилози во согласност со барањата на меѓународните сметководствени стандарди, со извештај на овластен ревизор,
3) бруто биланс за базната година и за секоја наредна по базната година, до денот на доставување на барањето изготвен во Еxcel формат,
4) финансиско-сметководствени и техничко-економски и други податоци и информации изго-твени во Excel формат, кој овозможува обработка од страна на Регулаторната комисија за енергетика, кои се дадени во Прилог 8 кој е составен дел на овој правилник,
5) податоци за пренесена, дистрибуирана и испорачана количина на природен гас изготвени во Excel формат, кој овозможува обработка од страна на Регулаторната комисија за енергетика,
6) податоци за број на потрошувачи по категорија, група и подгрупа согласно соодветните Тарифни системи,
7) планови за инвестирање за регулираниот период, со опис и образложение за економската и енергетската оправданост на секоја инвестиција пооделно со што ќе се потврди подобрувањето на сигурноста во снабдувањето со природен гас и квалитетот на јавната услуга, како и податоци за степенот на реализација на инвестициите до денот на поднесување на барањето;
8) други релевантни податоци за вршење на регулираната дејност, по барање на Регулаторната комисија за енергетика во текот на постапката, до донесувањето на Одлуката за одобрување на регулираните тарифи;
9) изјава за веродостојност на барањето и податоците приложени кон барањето, потпишана од одговорното лице овластено за претставување и застапување, дадена во Прилог 6 кој е составен дел на овој правилник.
(4) Документите од став (2) на овој член треба да бидат поднесени во оригинал или копија на оригиналот заверена на нотар како и во електронска форма.
Член 16
Постапување по барањето
(1) Постапката за одобрување на регулираниот максимален приход и тарифи отпочнува со денот на приемот на барањето во архивата на Регулаторната комисија за енергетика.
(2) Во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, Регулаторната комисија за енергетика го разгледува и го анализира барањето и доколку утврди дека недостасуваат одредени податоци и документи, донесува решение со кое го задолжува регулираното друштво во определен временски рок да ги достави бараните податоци и документи. Регулаторната комисија за енергетика, пред донесување на решението, може да го повика друштвото на заеднички состанок за дополнителни информации и појаснувања во врска со поднесеното барање.
(3) Доколку регулираното друштво во рокот определен со решението од став (2) на овој член во целост не постапи по барањата за дополнување на одредени податоци и документи, Регулаторната комисија за енергетика ја спроведува постапката со користење на податоците што биле поднесени или други податоци што и се на располагање.
(4) Регулаторната комисија за енергетика отпочнува постапка за прибирање на мислења и предлози по барањето, од заинтересираните правни и физички лица, најдоцна до истекот на 30 дена од денот на поднесување на барањето.
Член 17
Објавување на барањето
(2) Регулаторната комисија за енергетика во рок од 30 дена од денот на поднесување на барањето, објавува известување за поднесеното барање на веб страната на Регулаторната комисија за енергетика. Рокот на прибирање на мислења и предлози од заинтересираните физички и правни лица не може да биде подолг од десет дена од денот на објавувањето.
(3) Врз основа на податоците доставени кон барањето, како и врз основа на анализата на доставените мислења од заинтересираните физички и правни лица, Регулаторната комисија за енергетика изготвува Предлог одлука со образложение, која е предмет на расправа на подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика.
(4) По изготвување на Предлог одлуката од став (3) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика е должна да свика подготвителна седница.
(5) Со поканата за присуство на подготвителната седница се доставуваат предлог одлуката и мислењата добиени од заинтересираните правни и физички лица, кои Регулаторната комисија за енергетика ги објавува на својата веб страна.
(6) За присуство на подготвителната седница се покануваат овластени претставници на подносителот на барањето, на институции и организации, како и заинтересирани друштва.
Член 18
(1) Регулаторната комисија за енергетика е должна најдоцна во рок од 60 дена од денот на доставувањето на барањето да одржи седница на која донесува одлука по барањето за регулиран приход и тарифа.
(2) Одлуката од ставот (1) на овој член се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика.
Член 19
(1) Во случај на прогласена воена, вонредна и/или кризна состојба, Регулаторната комисија за енергетика постапката за одобрување на регулираниот максимален приход и тарифи, ја води на начин утврден со овој правилник.
(2) Роковите за постапувањето по барањето, објавувањето на барањето, одржувањето на подготвителната седница и седницата на Регулаторната комисија за енергетика утврдени во овој правилник, во случаите од став (1) на овој член, отпочнуваат да течат од денот на престанокот на важењето на воената, вонредната и/или кризната состојба.
(3) Одлуката за одобрување на регулираниот максимален приход и тарифи којашто се донесува во случаите од став (1) на овој член се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика, а влегува во сила од 1-от ден во наредниот месец.“
Член 20
Определување на основен приход за дистрибуција на природен гас, за секоја година од регулираниот период
(1) Регулаторната комисија за енергетика, по поднесување на првото барање согласно член 15 од овој правилник, го определува основниот приход за секоја година од регулираниот период.
(2) Друштвото кое врши регулирана дејност е должно барањето за регулиран максимален приход и тарифа да го достави во архивата на Регулаторната комисија за енергетика најдоцна до 30 ноември во тековната година за наредната регулирана година.
(3) Кон барањето друштвото доставува:
1) бруто биланс за тековната година, до денот на доставување на барањето;
2) податоци за пренесена, односно дистрибуирана количина на природен гас, презентирани во соодветни табели од Прилог 8 на овој правилник;
3) други релевантни податоци за вршење на регулираната дејност по барање на Регулаторната комисија за енергетика во текот на постапката, до донесување на одлуката.
(4) Одлуката за регулиран приход и тарифа за секоја година од регулираниот период, Регулаторната комисија за енергетика ја донесува согласно постапката утврдена во членовите 15, 16, 17 и 18 од овој правилник.
Член 21
Друштвото што врши регулирана дејност е должно најдоцна до 10 март во тековната година до Регулаторната комисија за енергетика да достави финансиски извештаи со сите прилози изготвени согласно важечките прописи во Република Северна Македонија за претходната година, заради вршењето на годишната контрола.
Член 22
Промена на одобрениот регулиран приход и тарифа
(1) Доколку во регулираниот период, оперативните трошоци се зголемиле за повеќе од 5% за тековната година во однос на оперативните трошоци одобрени во Одлуката за регулиран приход и тарифа, како последица на околности кои не постоеле или не можеле да се предвидат во времето на одобрување на регулираниот приход и тарифа, друштвото може да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за зголемување на регулираниот приход и тарифи за тековната година и за останатиот дел од регулираниот период чие времетраење е определено во согласност со член 4 од овој правилник. Друштвото мора да го аргументира ова барање со доставување на соодветна документација за докажување на оправданоста на зголемувањето на оперативните трошоци.
(2) Доколку во регулираниот период, оперативните трошоци се намалиле за повеќе од 5% во однос на оперативните трошоци одобрени во Одлуката за регулиран приход и тарифа, како последица на околности кои не постоеле или не можеле да се предвидат во времето на одобрување на регулираниот приход и тарифи, друштвото е должно да поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за намалување на регулираниот приход и тарифи за тековната година и за останатиот дел од регулираниот период чие времетраење е определено во согласност со член 4 од овој правилник. Во прилог на ова барање друштвото доставува соодветна документација со којашто се потврдува намалувањето на оперативните трошоци.
(3) Доколку друштвото не постапи согласно став (2) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика донесува решение за отпочнување на постапка за намалување на регулираниот приход и тарифи и решението го доставува до друштвото.
(4) Во решението од став (3) на овој член се определуваат роковите за преземање на одделни дејствија во постапката, како и потребната документација која што друштвото треба да ја достави.
(5) Регулаторната комисија за енергетика донесува одлука согласно ставовите (1), (2) и (4) на овој член, во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето во архивата на Регулаторната комисија за енергетика, односно приемот на решението од став (3) во архивата на друштвото.
IV. ИЗГРАДБА НА НОВ СИСТЕМ ЗА ДИСТРИБУЦИЈА НА ПРИРОДЕН ГАС НА ТЕРИТОРИЈАТА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Член 23
Регулирана максимална тарифа
На операторот на системот за дистрибуција на природен гас на територијата на Република Северна Македонија (во понатамошниот текст: нов дистрибутер) кој ќе финансира во проектирање, изградба, управување, одржување и развивање на системот за дистрибуција на природен гас во Република Северна Македонија, му се одобрува регулирана максимална тарифа определена врз основа на податоците од инвестициониот проект и доставените податоци со барањето за утврдување на тарифа за дистрибуција на природен гас, а со времетраење во согласност со регулираниот период од член 4 став (4) од овој правилник.
Член 24
Определување на регулирана максимална тарифа
(1) Регулирана максимална тарифа се утврдува врз основа на методологија на прилагодување на промените на трошоците на новиот дистрибутер во рамки на регулираниот период утврдена во Прилог 4 кој е составен дел на овој правилник , која му обезбедува доволен приход за покривање на оправданите трошоци и остварување на соодветен поврат на капитал.
(2) Начините на пресметка на оперативните трошоци (OPEX) и капиталните трошоци (CAPEX) се дадени во Прилог 4 и Прилог 5 на овој правилник, и во нив се користат податоците од инвестициониот план.
(3) Во примената на регулираната максимална тарифа, тарифните ставови се пресметуваат според Тарифниот систем за дистрибуција на природен гас.
Член 25
Постапка
(1) Новиот дистрибутер треба да достави барање за определување на регулирана максимална тарифа, пополнето согласно Упатството дадено во Прилог 4 на овој правилник во рок од 60 дена од денот на издавањето на лиценцата за дистрибуција на природен гас.
(2) По исклучок од член 15 став (3) точки од 1) до 7) од овој правилник, новиот дистрибутер кон барањето од ставот (2) на овој член го доставува и инвестициониот план во кој се содржани соодветните податоци и информации за целата инвестиција .
(3) Постапката за одобрување на регулираната максимална тарифа отпочнува со денот на приемот на барањето во архивата на Регулаторната комисија за енергетика.
(4) Во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, Регулаторната комисија за енергетика го разгледува и го анализира барањето и доколку утврди дека недостасуваат одредени податоци и документи, донесува решение со кое го задолжува новиот дистрибутер, во определен временски рок да ги достави бараните податоци и документи.
(5) Регулаторната комисија за енергетика, пред донесување на решението, може да го повика новиот дистрибутер на заеднички состанок за дополнителни информации и појаснувања во врска со поднесеното барање.
(6) Регулаторната комисија за енергетика отпочнува постапка за прибирање на мислења и предлози по барањето, од заинтересираните правни и физички лица, најдоцна до истекот на 30 дена од денот на поднесување на барањето.
(7) На постапката при објавувањето на барањето од став (2) на овој член соодветно се применуваат одредбите на член 16 од овој правилник.
(8) Регулаторната комисија за енергетика е должна најдоцна во рок од 60 дена од денот на доставувањето на барањето од став (2) на овој член да одржи седница на која донесува одлука по барањето за регулирана максимална тарифа.
(9) Одлуката од ставот (8) на овој член се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика.
Член 26
Годишен извештај
(1) За секоја година од регулираниот период новиот дистрибутер треба најдоцна до 31 март во тековната година да достави до Регулаторната комисија за енергетика годишен извештај за работењето во претходната година.
(2) Формата и содржината на годишниот извештај и пропратната документација се дефинирани со лиценцата.
Член 27
Ревизија на регулираната максимална тарифа
(1) Ревизија на регулираната максимална тарифа се врши по истекот на првите четири години од регулираниот период.
(2) Ревизија на регулираната максимална тарифа се врши врз основа на следните параметри:
1) остварени оперативни трошоци
2) остварен регулиран приход
3) должина на новоизградена дистрибутивна мрежа според нивото на притисок
4) дистрибуирана количина на природен гас и
5) број на пресметковни мерни места
6) количини и цена на набавен природен гас
7) количини и цена на природен гас за покривање на загуби
(3) По исклучок од став (2) на овој член доколку има податоци и фактори коишто Регулаторната комисија за енергетика ги смета за оправдани врз основа на детални образложенија и пресметки за нивното влијание од страна на новиот дистрибутер, истите ќе бидат земени во предвид при ревизијата на регулираната максимална тарифа.
(4) Во случај кога ревизијата ќе покаже значајни отстапувања помеѓу остварените и планираните вредности на параметрите од став (2) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика ќе изврши повторна проекција на планираниот приход за вршење на регулираната дејност дистрибуција на природен гас за преостанатиот дел од регулираниот период.
(5) Регулаторната комисија за енергетика врз основа на повторната проекција од ставот (4) на овој член донесува нова Одлука за определување на регулираната максимална тарифа која новиот диструбутер треба да ја применува за преостанатите години од регулираниот период.
Член 28
По истекот на регулираниот период при утврдување на регулирана максимална тарифа за новиот дистрибутер соодветно ќе се применат одредбите од овој правилник кои се однесуваат за утврдување на тарифа за постојните дистрибутивни системи.
IV. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 29
(1) Регулираниот период за вршење на регулираната дејност дистрибуција на природен гас утврден со одлуките за одобрување на регулирана тарифа продолжува да важи до завршување на истиот.
(2) Со денот на отпочнување на примената на овој правилник престанува да важи Правилникот за определување на регулиран максимален приход и регулирани просечни тарифи за пренос на природен гас, организирање и управување со пазар на природен гас и дистрибуција на природен гас („Службен весник на Република Македонија“ бр.245/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.161/20).
Член 30
Овој Правилник влегува во сила со денот на донесувањето, а се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 01-2322/1
Регулаторна комисија за енергетика,
водни услуги и услуги за управување
со комуналенeн отпад на Република Северна
Македонија
Претседател,
Марко Бислимоски, с.р.
6 ноември 2023 година
Скопје