„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Правилник за правилата за утврдување на листата на превозници кои се предмет на оперативен лизинг

06.11.2023

Врз основа на член 38 став (1) од Законот за воздухопловство („Службен весник на Република Македонија” бр. 14/06, 24/07, 103/08, 67/10, 24/12, 80/12, 155/12, 42/14, 97/15, 152/15, 27/16, 31/16, 64/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 220/19), а во врска со член 3 од Мултилатералната спогодба меѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралството Норвешка, Романија, Република Србија и Мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европска заедничка воздухопловна област ратификувана со Законот за ратификација на Мултилатералната спогодба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/07, 98/09 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 259/19) директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ПРАВИЛАТА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ЛИСТАТА НА ПРЕВОЗНИЦИ КОИ СЕ ПРЕДМЕТ НА
ОПЕРАТИВНА ЗАБРАНА
 
Член 1
Со овој правилник се пропишуваат правилата за утврдување на листата на превозници кои се предмет на оперативна забрана.
Член 2
(1) Правилата за утврдување на листата на превозници кои се предмет на оперативна забрана во Заедницата (во натамошниот текст: Листата на Заедницата) се дадени во Поглавје II од Регулативата (ЕЗ) бр. 2111/2005 на Европскиот парламент и на Советот од 14 декември 2005 година за утврдување на список на Заедницата на авиопревозници кои се предмет на забрана за летање/работа во рамките на Заедницата и за известување на патниците во воздушниот сообраќај за идентитетот на авиопревозниците кои летаат и за укинување на член 9 од Директивата 2004/36/EЗ, изменета со Регулативата (ЕУ) бр. 2018/1139 (во натамошниот текст: Регулативата бр.2111/2005; Регулативата (ЕЗ) бр.473/2006 од 22 март 2006 година за воспоставување на список на Заедницата на авиопревозниците кои се предмет на забрана за летање во рамките на Заедницата наведено во Поглавје II од Регулативата (ЕЗ) бр. 2111/2005 на Европскиот парламент и на Советот (во натамошниот текст: Регулативата бр. 473/2006) и Регулативата (ЕЗ) бр.474/2006 на Комисијата од 22 март 2006 година за утврдување на список на Заедницата на авиопревозници кои се предмет на забрана за летање во рамки на Заедницата наведени во Поглавје II од Регулатива (ЕЗ) бр.2111/2005 на Европскиот парламент и на Советот, изменета со Регулативата (ЕЗ) бр. 2022/2295 (во натамошниот текст: Регулативата бр.474/2006), кои се прифатени и директно се применуваат, и кои се објавени на веб страницата на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
(2) Воздухопловите кои се наведени на Листата на Заедницата, не може да вршат операции на територијата на Република Северна Македонија.
Член 3
(1) Поимите „Заедница (Community)“, „Право на Заедницата (Community Right)“, „Договор за воспоставување на Европската заедница (Treaty establishing the European Community)“, „Службен весник на Европската унија (Official Journal of the European Union)“, „Земја–членка (Member State)“ употребени во Регулативите бр. 2111/2005, 473/2006 и 474/2006 од член 2 од овој правилник се читаат согласно точките 2 и 3 од Анексот II на Мултилатералната спогодба меѓу Европската заедница и нејзините земји членки, Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Македонија, Република Исланд, Република Црна Гора, Кралството Норвешка, Романија, Република Србија и Мисијата на Обединетите нации за привремена администрација на Косово за основање на Европската заедничка воздухопловна област ратификувана со Законот за ратификација на Мултилатералната спогодба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 27/07, 98/09 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 259/19).
(2) Другите поими употребени во овој правилник го имаат значењето утврдено во Регулативите бр. 2111/2005, 473/2006 и 474/2006, од член 2 од овој правилник.
Член 4
(1) Агенцијата за цивилно воздухопловство е надлежен орган на територијата на Република Северна Македонија, за применување на оперативните забрани содржани во Листата на Заедницата во врска со превозниците во воздушниот сообраќај кои се предмет на тие забрани.
(2) Агенцијата за цивилно воздухопловство ја известува Европската комисија за идентитетот на превозниците во воздушниот сообраќај кои се предмет на оперативна забрана на територијата на Република Северна Македонија заедно со причините за таквата забрана и други значајни информации.
(3) Агенцијата за цивилно воздухопловство ја известува Европската комисија за сите информации кои може да бидат од значење за ажурирање на Листата на Заедницата, согласно правилата содржани во Регулативата бр.473/2006.
(4) Во случај на итност, примената на одредбите на Регулативата бр.2111/2005, не ја спречува Агенцијата за цивилно воздухопловство да постапува во случај на непредвиден безбедносен проблем преку изрекување на моментална оперативна забрана во однос на територијата на Република Северна Македонија земајќи ги во предвид заедничките критериуми кои се пропишани во Анексот на Регулативата бр.2111/2005. Агенцијата за цивилно воздухопловство изготвува работна процедура со цел обезбедување на имплементацијата на Анексот на Регулативата бр. 2111/2005.
(5) Одлуката на Европската комисија, да не стави на Листата на Заедницата определен превозник во воздушниот сообраќај согласно процедурата пропишана во Регулативата бр.2111/2005, не ја спречува Агенцијата за цивилно воздухопловство да изрече оперативна забрана на превозник во воздушниот сообраќај во врска со безбедносните проблеми кои се специфични за Република Северна Македонија.
(6) За случаите од ставoвите (4) и (5) на овој член, Агенцијата за цивилно воздухопловство веднаш ја известува Европската комисија.
(7) За случаите од став (4) на овој член, Агенцијата за цивилно воздухопловство доставува до Европската комисија барање за ажурирање на Листата на Заедницата.
Член 5
Со денот на влегувањето во сила на овој правилник престанува да важи Правилникот за правилата за утврдување на листата на превозници кои се предмет на оперативна забрана („Службен весник на Република Македонија” бр. 2/19 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 113/19 и 171/20).
Член 6
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 Бр. 10-707/3                        Директор на Агенцијата
31 октомври 2023 година за цивилно воздухопловство,
 Скопје                                  д-р Томислав Тунтев, с.р