„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги, по скратена постапка

02.11.2023

Цели, начела и основни решенија:
Целта на овој Предлог закон за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги е воведување на транспарентен, демократски, недискриминаторски начин за спроведување на државни кампањи кои ќе бидат од едукативно-информативен карактер за прашањата кои се опфатени и актуелни за одредени населени места или државата. Се допрецизираат и одредбите за реемитување на програмските сервиси кои се однесуваат за регулирање на авторските и сродни права на територија на Република Северна Македонија. Законот за aудио и аудиовизуелни медиумски услуги има за цел, меѓу другото, да обезбеди развој на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги; промовирање на слободата на изразување; поттикнување, унапредување и заштита на културниот идентитет, јазикот и традицијата на заедниците во Република Северна Македонија, почитување на културните и религиозните разлики, поттикнување на културата на јавен дијалог меѓу граѓаните со цел да се зацврстува заемното разбирање и толеранција за унапредување на односите меѓу различните заедници; поттикнување на творештвото, образовниот и научниот развој и поттикнување и развој на конкуренцијата во аудио и аудиовизуелните медиумски услуги и реемитувањето на програмски сервиси преку јавни електронски комуникациски мрежи. Имајќи го предвид развојот на техниката и на технологијата, а особено во светло на можностите за пристап до емитуваните радио и телевизиски програмски сервиси од домашни радио дифузери преку јавни електронски комуникациски мрежи се наметнува потребата на целата територија на државата на секој граѓанин да му се обезбеди пристап до радио и телевизиските програмски сервиси на локално, регионално и национално ниво соодветно. Оттука, се јавува потребата со закон да се уреди прашањето на реемитувањето на програмските сервиси на домашните радиодифузери, а во насока на остварување на целите на законот. При тоа со закон се уредува дека радиодифузерите за преносот на правото на реемитување ќе имаат право на надоместок што слободно можат да го договараат радиодифузерите и операторите на јавни електронски комуникациски мрежи. Со законот не се уредува ниту едно од другите прашања за преносот на правото на реемитување и начинот на кој тоа ќе се остварува со оглед на тоа што истите се во доменот на слободата на договарање на страните во рамките на режимот на авторското и на сродните права.