Врз основа на член 54-б, став (7) од Законот за безбедност на храната („Службен весник на Република Македонија“ бр. 157/10, 53/11, 1/12, 164/13, 187/13, 43/14, 72/15, 129/15,213/15, 39/16 и 64/18), директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство во согласност со министерот за здравство донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА ПОСЕБНИТЕ БАРАЊА ЗА БЕЗБЕДНОСТ И БАРАЊАТА ЗА СОСТАВОТ И НАЧИНОТ НА ОЗНАЧУВАЊЕТО НА ЗБОГАТЕНАТА ХРАНА, ОДНОСНО НА ХРАНАТА НА КОЈА И СЕ ДОДАДЕНИ ВИТАМИНИ И МИНЕРАЛИ, ДОПОЛНИТЕЛНИ ЗАДОЛЖИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ ПОВРЗАНИ СО ОСОБЕНОСТИТЕ НА ЗБОГАТЕНАТА ХРАНА, КАКО И КОЛИЧЕСТВОТО, ФОРМАТА И ВИДОТ НА ВИТАМИНИ И МИНЕРАЛИ КОИ МОЖАТ ДА СЕ ДОДАВААТ НА ХРАНАТА (*)
Член 1
Во Правилникот за посебните барања за безбедност и барањата за составот и начинот на означувањето на збогатената храна, односно на храната на која и се додадени витамини и минерали, дополнителни задолжителни информации поврзани со особеностите на збогатената храна, како и количеството, формата и видот на витамини и минерали кои можат да се додаваат на храната (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/18), во член 9 ставот 1 се менува и гласи:
„Супстанциите чија употреба во храната е забранета или ограничена се дадени во Прилог 3 кој е составен дел на овој правилник. За супстанција различна од витамини или минерали или состојка која содржи супстанција различна од витамини или минерали, кога се додава во храната или е користена во производството на храна под услови кои ќе резултираат со повисоки количества на внес на оваа супстанција под нормални услови на консумирање на балансирана и разновидна исхрана и/или која што инаку би претставувала потенцијален ризик за потрошувачите, операторот со храна во прилог на барањето за издавање мислење на производот треба да достави и мислење од научна институција за безбедна употреба на супстанцијата во храната или сертификат за слободна продажба (Free Sale Certificate – FSC) издаден од надлежен орган во земјата на производителот, земја-членка на Европската Унија.“
____________________________________________________________________________________
* Со овој правилник се врши усогласување со Регулативата на Комисијата (ЕУ) 649/2019 од 24 април 2019 година за изменување и дополнување на Анексот III на Регулативата (ЕЗ) бр. 1925/2006 на Европскиот парламент и на Советот во однос на транс - масти,освен транс - масти што природно се јавуваат како масти од животинско потекло (CELEX бр. 32019R0649) и Регулативата на Комисијата (ЕУ) 650/2019 од 24 април 2019 година за изменување и дополнување на Анексот III на Регулативата (ЕЗ) бр. 1925/2006 на Европскиот парламент и на Советот во однос на Јохимб (Pausinystalia yohimbe (K. Schum) Pierre ex Beille) (CELEX бр. 32019R0650).