„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

П Р А В И Л Н И К ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА МИНИМАЛНИ БАРАЊА ЗА ПРИЕМ, ОБРАБОТКА, РЕЗЕРВАЦИЈА И ИСПЛАТА НА БАРАЊЕ ЗА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА И/ИЛИ ОСИГУРЕН ИЗНОС ВО ФУНКЦИЈА НА ПОДОБРА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ

25.10.2023

Врз основа на член 158-а став (2) и член 158-ѕ став (1), а во врска со член 106-а став (5) од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/02, 84/02, 98/02, 33/04, 88/05, 79/07, 8/08, 88/08, 56/09, 67/10, 44/11, 88/13, 43/14, 12/14, 153/15, 192/15, 23/16, 83/2018 198/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.101/19, 31/20 и 173/22), Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување на седница одржана на ден 5.10.2023 година донесе
П Р А В И Л Н И К ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА МИНИМАЛНИ БАРАЊА ЗА ПРИЕМ, ОБРАБОТКА, РЕЗЕРВАЦИЈА И ИСПЛАТА НА БАРАЊЕ ЗА НАДОМЕСТ НА ШТЕТА И/ИЛИ ОСИГУРЕН ИЗНОС ВО ФУНКЦИЈА НА ПОДОБРА ЗАШТИТА НА ПРАВАТА НА ОСИГУРЕНИЦИТЕ
 
Член 1
Во Правилникот за минимални барања за прием, обработка, резервација и исплата на барање за надомест на штета и/или осигурен износ во функција на подобра заштита на правата на осигурениците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 224/2020 и 174/2023) во член 5 ставот 8 се менува и гласи:
“(8) Во случај кога осигуреникот ќе достави приговор до друштвото за осигурување, друштвото за осигурување е должно во рок од три работни дена од денот на прием на приговорот повторно да издвои резерва за штета, при што резервата за штета се издвојува до денот на исплата на барањето за надомест односно до денот на негативно одлучување по барањето за надомест.”
Член 2
Во член 19 ставовите (1) и (2) се менуваат и гласат:
“(1) Во случај на сообраќајна незгода во која се вклучени две или повеќе моторни возила осигурани во две или повеќе друштва за осигурување, друштвата за осигурување каде се осигурани сопствениците на моторните возила се должни да соработуваат и разменуваат податоци во насока на ефикасно и навремено решавање и исплата на барањето/а за надомест во рокови утврдени со закон и овој правилник.
(2) Во случај на сообраќајна незгода во која се вклучени две или повеќе моторни возила осигурани во две или повеќе друштва за осигурување, во која штета претрпело трето лице кое не е виновно за причинување на незгодата, штетата на третото оштетено лице треба солидарно да се надомести од страна на вклучените друштва за осигурување во рокови утврдени со закон и овој правилник при што евентуалните спорови помеѓу друштвата за осигурување не влијаат на исплатата на штетата спрема третото лице.“
Ставот (3) се брише.
Член 3
По членот 19 се додава нов член 20 кој гласи:
“Член 20
(1) Во однос на барањата за надомест по основ на зелена карта се применуваат роковите за решавање на штети предвидени со меѓународни договори.
(2) Доколку не е утврден посебен рок согласно меѓународни договори, се применуваат роковите за начинот на евиденција, обработка и исплата на штета предвидени со овој правилник.“
Член 4
Членовите 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27 и 28 стануваат членови 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27, 28 и 29 соодветно.
Во членот 28 кој станал член 29 ставот (3) се брише.
Член 5
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 01-759/1                                Совет на експерти
5 октомври 2023 година            Претседател,
Скопје                                     Крсте Шајноски, с.р.