Врз основа на член 10 точка 4), а во врска со член 81 став (2) од Законот за ветеринарно здравство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 113/07, 24/11, 136/11, 123/12, 154/15 и 53/16), директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, донесе
Р Е Ш Е Н И Е
ЗА ЗАБРАНА НА УВОЗ НА ЖИВИ ЖИВОТНИ,
ПРОИЗВОДИ И НУСПРОИЗВОДИ ОД ЖИВОТИНСКО ПОТЕКЛО ЗАРАДИ ЗАШТИТА ОД
ВНЕСУВАЊЕ НА ВИРУСОТ НА ВИСОКО ПАТОГЕНА АВИЈАРНА ИНФЛУЕНЦА ВО РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА ПО ПОТЕКЛО ОД КРАЛСТВОТО ХОЛАНДИЈА
Член 1
(1) Со ова решение заради заштита од внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенца се забранува увозот во Република Северна Македонија на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло кои потекнуваат од регионот Флеволанд/Flevoland во Кралството Холандија.
(2) Забраната од став (1) на овој член се применува на следните пратки:
1) живина, и тоа кокошки, мисирки, бисерки, патки, гуски, препелници, гулаби, фазани, еребици и ноеви (ratitae) размножувани или чувани во затворен или ограден простор заради одгледување или чување за:
размножување, производство на месо или јајца за исхрана или за обновување на популација на дивеч,
2) јајца за ведење, и тоа јајца за инкубација снесени од живина,
3) птици, и тоа животни од класата Aves, освен:
- живина,
- птици кои се увезуваат согласно програмите за зачувување на одредени видови птици,
- домашни миленици во придружба на сопственикот,
- птици наменети за зоолошки градини, циркуси, забавни паркови или експерименти,
- птици наменети за научно-истражувачки институти или центри и
- гулаби-писмоносци внесени на територијата на Република Северна Македонија од соседни трети
земји, каде што живеат вообичаено, и веднаш пуштени со очекување дека ќе се вратат во трета земја од каде се внесени,
4) конзумни јајца од живина и пернат дивеч,
5) месо, мелено месо, подготовки од месо и механички обескоскено месо од живина и пернат дивеч,
6) производи од месо кои се состојат од или содржат месо од живина и пернат дивеч,
7) сурова храна за домашни миленици и непреработен материјал за храна за исхрана на животни кој содржи делови од месо од живина и пернат дивеч и
8) нетретирани трофеи од пернат дивеч.
Член 2
По исклучок од член 1 став (2) точка 6) од ова решение, може да се увезуваат производи од месо кои се состојат од или содржат месо од живина и пернат дивеч само доколку месото од овие видови било подложено на еден од специфичните третмани B, C или D дадени во Прилог 6 Дел 6 Г на Правилникот за начинот и постапката за увоз и транзит, листа на трети земји од кои е одобрен увоз и транзит, формата и содржината на ветеринарно-здравствениот сертификат или други документи што ја придружуваат пратката со живи животни, аквакултура и производи од животинско потекло, како и начинот и постапката на вршење на проверка и преглед при увоз и транзит на пратка со живи животни, аквакултура и производи од животинско потекло (*1).
Член 3
Ова решение влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 02 - 2393/1 Агенција за храна и
21 август 2023 година ветеринарство
Скопје в.д. Директор,
Николче Бабовски, с.р.
(*1) Прилог 6 Дел 6Г на Правилникот за начинот и постапката за увоз и транзит, листа на трети земји од кои е одобрен увоз и транзит, формата и содржината на ветеринарно-здравствениот сертификат или други документи што ја придружуваат пратката со живи животни, аквакултура и производи од животинско и начинот и постапката на вршење на проверка и преглед при увоз и транзит на пратка со живи животни, аквакултура и производи од животинско потекло е усогласен со Дел 4 од Анекс II од Одлуката на Комисијата 2007/777/ЕК од 29 ноември 2007 година за здравствените барања на животните и јавното ветеринарно здравство и моделите на ветеринарно-здравствени сертификати за увоз на одредени производи од месо и обработени желудници, мочни меури и црева за исхрана на луѓе од трети земји и со која се повлекува Одлуката 2005/432/ЕК, CELEX бр. 32007D0777.