„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за данок на додадена вредност, по скратена постапка

18.07.2023

Со предлог измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, следејќи ги измените на Директивата на Европската Унија со која се уредува данокот на додадена вредност, се врши доусогласување во делот со кој се уредува местото на промет, се воведува терминот даночен застапник со цел нерезидентните странски лица кои немаат седиште а кои вршат промет на добра и услуги во нашата земја да можат да го пресметаат и платат данокот на додадена вредност на даночниот орган, се врши уредување на даночниот третман на прометот на добра и услуги со примена вредносни ваучери, a воедно се допрецизираат одредбите со кои се уредува ослободување од данок на додадена вредност а кои се однесуваат на дипломатските и конзуларните претставништва, вклучувајќи ги и инволвираните странски лица.
Во делот кој се однесува на даночните стапки, се врши ревидирање на истите во делот на примена на повластена стапка, а во насока на усогласување со Eвропското право следејќи ги ограничувањата кои се поставени и тоа преку зголемување на стапката на ДДВ од 5% на 10% на производи за човечка исхрана кои не се дел од основните производи потребни за човечка исхрана, се врши намалување на стапката од 18% на 5% за прометот со ментруални производи со цел поттик за поголема заштита и хигиена кај одредена група на граѓани, исто така се намалува даночната стапка за дигиталните учебници, а воедно се зголемува даночната стапка за прометот и увозот на пелети, печки на пелети и котли на пелети од повластена даночна 5% на редовната стапка од 18%. Во однос на првиот промет на станбени згради и станови, се уредува уште едно транзиционо одложување на примена на општата даночна стапка која е задолжителна за овој промет со пристапување на Република Северна Македонија како член во Европската Унија. Во законот се внесуваат и определени мерки, како што дозволува и самата Директива на Европската унија, со цел да се поедностави постапката за наплата на ДДВ или да се спречат одредени форми на евентуално даночно затајување или избегнување. Со овие мерки се врши и поедноставување на постапката за наплата на ДДВ кои негативно нема да влијаат на вкупниот износ на даночниот приход наплатен во фазата на финална потрошувачка, а воедно и ќе обезбедат поголема правна сигурност и при наплата од страна на даночниот органи и кај самите даночни обврзници.
Предложените законски измени се со цел дополнување и уредување на одредби на Законот за данокот на додадена вредност.