Врз основа на член 30 став 1 алинеи 2 и 6 од Законот за трговија (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/04, 128/06, 63/07, 88/08, 159/08, 20/09, 99/09, 105/09, 115/10, 158/10, 36/11, 53/11, 148/13, 164/13, 97/15, 129/15, 53/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.77/21, 215/21, 295/21 и 150/22), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 21 март 2023 година, донесе
О Д Л У К А
ЗА ОПРЕДЕЛУВАЊЕ НА НАЈВИСОКИ ЦЕНИ ЗА ОДДЕЛНИ ПРОИЗВОДИ ВО ТРГОВИЈАТА НА МАЛО И ОБВРСКА НА ТРГОВЦИТЕ ДА ПРИБАВУВААТ И ПРОДАВААТ ОПРЕДЕЛЕНИ ВИДОВИ И КОЛИЧЕСТВА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ НА ПОТРОШУВАЧИТЕ СПОРЕД ОПРЕДЕЛЕН РЕДОСЛЕД
Член 1
Со оваа одлука се определуваат највисоките цени во трговијата на мало на свежи јајца од кокошка и ориз и се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот, да прибавуваат и/или да продаваат свежи јајца од кокошка.
Член 2
Највисоките цени на производите од членот 1 од оваа одлука се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 15 март 2023 година во трговијата на мало, за соодветната класа по производ.
Член 3
Трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење на трговска дејност во соодветен регистар согласно со закон, имаат обврска редовно да прибавуваат и да продаваат свежи јајца од кокошка во количини што редовно се прибавувале и продавале во јануари и февруари 2023 година.
Трговците кои претставуваат правни и физички лица регистрирани за вршење на производство кои своите производи ги продаваат на пазарот, имаат обврска најмалку 70% од своето производство на свежи јајца од кокошка да го стават во промет на домашниот пазар.
Член 4
Највисоките цени на производите од членот 2 од оваа одлука и обврските на трговците од членот 3 од оваа одлука ќе се применуваат до 30 април 2023 година.
Член 5
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-3066/3 Претседател на Владата
21 март 2023 година на Република Северна Македонија,
Скопје д-р Димитар Ковачевски, с.р.