Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ
ЗА ГРАДЕЊЕ
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за градење, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 26 мај 2023 година.
Бр. 08-2953/1 Претседател на Република
26 мај 2023 година Северна Македонија,
Скопје Стево Пендаровски, с.р.
Претседател
на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ГРАДЕЊЕ
Член 1
Во Законот за градење („Службен весник на Република Македонија“ број 130/2009, 124/10, 18/11, 36/11, 54/11, 13/12, 144/12, 25/13, 79/13, 137/13, 163/13, 27/14, 28/14, 42/14, 115/14, 149/14, 187/14, 44/15, 129/15, 217/15, 226/15, 30/16, 31/16, 39/16, 71/16, 132/16, 35/18, 64/18 и 168/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 244/19, 18/20, 279/20 и 227/22), во член 2 по точката 16 се додава нова точка 16-a, која гласи:
„16-a. Градби од стратешки интерес се државни патишта, железнички пруги, магистрални гасоводи, како и други градби од јавен интерес, кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, а чија изградба како градби од јавен интерес е предвидена со урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен во согласност со Законот за урбанистичко планирање.“.
Член 2
По членот 2-б се додава нов член 2-в, кој гласи:
„Член 2-в (1) Изградбата на градбите од стратешки интерес се врши врз основа на урбанистички проект за градби од стратешки интерес, одобрен во согласност со Законот за урбанистичко планирање, при што соодветно се применуваат одредбите од овој закон кои се однесуваат на изработката и ревизијата на проектната документација, изградбата и надзорот над изградбата на градбите, мислењето за проектираниот и изведениот степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбата, формирањето и уредувањето градилиште, документацијата на градилиште, пријавувањето на започнување со изградба во согласност со членот 67 од овој закон, дислокација на далновод, трафостаница, канализација, водовод, топловод како и разни видови инсталации, во согласност со членот 78-д од овој закон, одобрението за употреба и запишувањето на објектот во јавната книга на недвижностите.
(2) За градбите од стратешки интерес не се применуваат одредбите од овој закон што се однесуваат на постапките за одобрување идеен проект, за издавање одобрение за градење, условите за започнување со изградба, за измени во текот на изградбата, за промена на инвеститор, за издавање одобрение за подготвителни работи, за прибележување и предбележување на градбата во јавната книга на недвижности, за рокот за изградба, за формирање одлагалиште на земјиште, за дислокација на далновод, трафостаница, нафтовод, продуктовод, магистрален гасовод, магистрален топловод, во согласност со членот 78-б од овој закон, за реконструкција и за издавање на решение за изградба на градбите, односно поставување на опремата од членот 73 од овој закон.“.
Член 3
Во членот 3 став (1) по зборовите: „или проектот за инфраструктура“ се додаваат зборовите: „или урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес.“.
Член 4
Во членот 4-а став (2) точката на крајот на реченицата се заменува со запирка и се додаваат зборовите: „а за градбите од стратешки интерес мислењето се обезбедува од страна на инвеститорот пред започнувањето со изградба на градбата и истото е составен дел на основниот проект.“.
Член 5
Во членот 29 став (1) алинејата 2 се менува и гласи:
„- да изведува градежни работи во согласност со одобрението за градење и ревидираниот основен проект, односно во согласност со ревидираниот основен проект и урбанистичкиот проект од членот 2-в став (1) од овој закон за градбите од стратешки интерес, а доколку е издадено одобрение за градење врз основа на идеен проект во согласност со Законот за технолошки индустриски развојни зони и со Законот за индустриски-зелени зони да изведува градежни работи во согласност со одобрението за градење и идејниот проект,“.
Член 6
Во членот 36 став (1) алинејата 1 се менува и гласи: „- да врши проверка над изградбата дали истата е во согласност со ревидираниот основен проект и одобрението за градење, односно во согласност со ревидираниот основен проект и урбанистичкиот проект од членот 2-в став (1) од овој закон за градбите од стратешки интерес, а доколку е издадено одобрение за градење врз основа на идеен проект во согласност со Законот за технолошки индустриски развојни зони и Законот за индустриски-зелени зони, да врши проверка над изградбата дали истата е во согласност со идејниот проект и одобрението за градење,“.
Член 7
Во членот 51 по став (4) се додава нов став (5), кој гласи: „(5) По завршувањето со изградбата на градбите од стратешки интерес се изработува проект на изведена состојба, кој го заверува надзорен инженер, кој вршел надзор над изградбата на градбата.“.
Член 8
Во членот 53 по став (3) се додава нов став (4), кој гласи:
„(4) По исклучок од ставот (1) на овој член, проектната документација за градбите од стратешки интерес се изработува и се заверува во писмена форма, на начин утврден со прописот од членот 54 од овој закон.“.
Член 9
Во членот 67 по став (11) се додава нов став (12), кој гласи:
„(12) За градбите од стратешки интерес инвеститорот е должен пред започнувањето на изградбата да достави писмено известување за започнување на изградбата до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, градежната инспекција и инспекцијата на трудот.“.
Член 10
По членот 78-г се додава нов член 78-д, кој гласи: „Член 78-д (1) Доколку при изградба на градбите од стратешки интерес е потребно да се изврши дислокација на далновод, трафостаница, канализација, водовод, топловод, како и разни видови инсталации (телефонски, телеграфски и други кабловски водови, нисконапонски електрични водови, односно водови за напојување и други слични уреди), инвеститорот дислокацијата ја врши преку изведувачот, а во соработка со сопственикот, односно операторот на објектот, односно инсталацијата која треба да се дислоцираат.
(2) Дислокација на објект, односно инсталација од ставот (1) на овој член се врши врз основа на урбанистичкиот проект за градби од стратешки интерес во согласност со кој се гради градбата од стратешки интерес или врз основа на проект за дислокација.
(3) Доколку земјиштето на коешто е предвидено да се дислоцира објектот, односно инсталацијата од ставот (1) на овој член, е во сопственост на физички или на правни лица, е потребно да се уредат имотно-правните односи со сопственикот на земјиштето со склучување договор за долготраен закуп за земјиштето или со согласност од сопственикот на земјиштето за поставување, односно изградба на објектот што треба да се дислоцира или да се заснова право на службеност на земјиштето или во постапка за експропријација да е донесена одлука за воведување во владение на земјиштето во согласност со Законот за експропријација.
(4) Дислоцираните објекти и инсталации од ставот (1) на овој член се ставаат во употреба врз основа на нотарски заверена изјава од надзорен инженер со овластување, а за вршење надзор над изградбата на градби, со која истиот потврдува дека објектот, односно инсталацијата се дислоцирани во согласност со техничките прописи и стандарди за предметната дислокација и истите можат да се стават во употреба.
(5) Изјавата од ставот (4) на овој член претставува правна основа за запишување на правото на сопственост на дислоцираниот објект, односно инсталација во јавната книга за запишување на правата на недвижности на име на сопственикот односно операаторот на дислоцираниот објект односно инсталација.
(6) Дислоцираниот објект односно инсталација од ставот (1) на овој член за кои е дадена изјава во согласност со ставот (4) на овој член, а за кои во постапка на експропријација е донесена одлука за воведување во владение на земјиштето во согласност со Законот за експропријација, можат да се стават во употреба, но не можат да се запишат во јавната книга за запишување на правата на недвижности сè до решавање на имотно-правните односи со сопственикот на земјиштето на кое истите се дислоцирани.
(7) Дислокацијата на објектите односно инсталациите од ставот (1) на овој член при изградба на градби од стратешки интерес претставува јавен интерес.“.
Член 11
Во членот 86 став (1) точката 3) се менува и гласи: „одобрение за градење со основен проект, а за градбите од стратешки интерес урбанистички проект од членот 2-в став (1) од овој закон и основен проект.“.
Член 12
Во членот 87 став (6) зборовите: „став (4)“ се заменуваат со зборовите: „став (5)“, а по зборовите: „магистрални и собирни улици на подрачјето на градот Скопје“ се става запирка и се додаваат зборовите: „за градбите од стратешки интерес.“.
Член 13
По членот 87-а се додава нов член 87-б, кој гласи: „Член 87-б
(1) Градбите од стратешки интерес ќе се стават во употреба по издавање одобрение за употреба од страна на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, при што соодветно се применуваат одредбите од овој закон кои се однесуваат за одобрението за употреба.
(2) Одобрението за употреба за градбите од ставот
(1) на овој член се издава откако по техничкиот преглед ќе се утврди дека градбата е изградена во согласност со проектот за изведена состојба заверен од надзорен инженер во согласност со членот 51 став (5) од овој закон.
(3) Постапката за издавање одобрение за употреба за градбите од стратешки интерес се спроведува во писмена форма.“.
Член 14
Во член 88 ставот (2) се менува и гласи:
„Кон барањето од ставот (1) на овој член инвеститорот поднесува:
- ревидиран основен проект, а доколку се извршени измени во текот на изградбата проект на изведена состојба, кој во случаите од членот 51 став (4) од овој закон треба да биде заверен од надзорен инженер,
- завршен извештај на надзорен инженер со кој е потврдено дека градбата е изградена во согласност со ревидираниот основен проект и одобрението за градење,
- проект на изведена состојба заверен од надзорен инженер, доколку барањето од ставот (1) на овој член се однесува за градби од стратешки интерес,
- завршен извештај на надзорен инженер со кој е потврдено дека градбата е изградена во согласност со урбанистичкиот проект од членот 2-в став (1) од овој закон, ревидиран основен проект и проектот на изведена состојба, доколку барањето од ставот (1) на овој член се однесува за градби од стратешки интерес и
- извадок од јавната книга за запишување на правата на недвижностите за последната состојба за запишаните права на градбата (имотен лист), заради утврдување на правниот однос во врска со градбата меѓу инвеститорот и сопственикот на земјиштето.“.
По ставот (7) се додаваат два нови става (8) и (9), кои гласат:
„(8) Кон барањето за издавање одобрение за употреба за градби од стратешки интерес не се доставува документацијата од ставот (2) алинеи 1 и 2 на овој член.
(9) Одредбите од ставовите (3) и (4) на овој член се применуваат и во постапката за издавање одобрение за употреба за градби од стратешки интерес.“.
Член 15
Во членот 89 став (4) се додава нова реченица, која гласи:
„Комисијата за технички преглед за градбите од стратешки интерес ја формира органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.“.
Член 16
Во членот 90 став (2) во алинејата 1 зборовите: „членот 51 став (4)“ се заменуваат со зборовите: „членот 51 ставови (4) и (5)“.
По ставот (7) се додава нов став (8), кој гласи: „(8) Одредбите од ставовите (4) и (5) на овој член
се применуваат и за градбите од стратешки интерес.“.
Член 17
Во членот 94 став (1) по зборовите: „членот 57 на овој закон“ се додаваат зборовите: „како и за градбите од стратешки интерес“.
Член 18
По членот 96 се додава нов член 96-а, кој гласи: „Член 96-а
(1) По издавањето на одобрението за употреба инвеститорот доставува одобрение за употреба, проект на изведена состојба заверен од надзорен инженер, геодетски елаборат од извршен премер на објектот и доказ за платени трошоци за запишување на објектот во јавната книга на недвижности, до органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, заради запишување на објектот во јавната книга на недвижности.
(2) Органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот доставува барање за запишување на објектот во јавната книга на недвижности до надлежниот орган за запишување на правата на недвижности во рок од три работни дена од денот на приемот на документацијата од ставот (1) на овој член.
(3) По исклучок од ставот (2) на овој член градбите од стратешки интерес за кои во постапка за експропријација е донесена одлука за воведување во владение на земјиштето во согласност со Законот за експропријација, не можат да се запишат во јавната книга на недвижностите сè до решавање на имотно-правните односи со сопственикот на земјиштето на кое истите се изградени.“.
Член 19
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија.