„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА

31.05.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за експропријација, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 26 мај 2023 година.
Бр. 08-2952/1                           Претседател на Република
26 мај 2023 година                      Северна Македонија,
Скопје                                           Стево Пендаровски, с.р.
 
Претседател на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
 
ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА
Член 1
Во Законот за експропријација („Службен весник на Република Македонија“ број 95/12, 131/12, 24/13, 27/14, 104/15, 192/15, 23/16 и 178/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 122/21 ), во член 26 став 1 во точката 1) по зборот „премин“, точката на крајот од реченицата се заменува со запирка и се додаваат зборовите: „или урбанистички проект за градби од стратешки интерес;“.
По ставот (1) се додава нов став (2), кој гласи: „(2) По исклучок од ставот (1) точка 6) на овој член за изградба на градби од стратешки интерес, кои се реализираат како стратешки инвестициони проекти или проекти од стратешко национално значење утврдени со закон, јавните претпријатија, трговските друштва и други институции основани од државата со предлогот за експропријација, поднесуваат доказ за обезбедени средства за надомест на експроприраната недвижност (известување за планирани средства во буџетот од лицето кое раководи со институцијата основана од државата).“.
Член 2
Во членот 33 став (2) точката на крајот од реченицата се брише и се додаваат зборовите: „како и за изградба на градби од стратешки интерес.“.
Ставот (5) се менува и гласи: „Предлагачот на експропријацијата е должен на сопственикот на недвижноста, којашто е предмет на експропријација во која сопственикот живее, односно врши дејност, ако тој тоа го бара, да му обезбеди времено сместување или да му плаќа надоместок за закупнина најмногу до висината на закуп што се постигнува на пазарот за тој вид недвижности.“.
По ставот (5) се додаваат пет нови става (6), (7), (8), (9) и (10), кои гласат:
„(6) Висината на закупнината од ставот (5) на овој член се утврдува во секој конкретен случај од страна на овластен проценувач, во согласност со Законот за процена.
(7) Доколку сопственикот на недвижноста предмет на експропријација ја прифати понудата од ставот (5) на овој член, e должен веднаш, а најдоцна во рок од 30 дена да го испразни објектот предмет на експропријација од луѓе и ствари.
 (8) Надоместокот за закупнината утврден во ставот (5) на овој член може да се исплаќа најдолго во времетраење од 12 (дванаесет) месеци, со можност за продолжување за уште 6 (шест) месеци. За надоместокот за закупнина предлагачот на експропријацијата и сопственикот на недвижноста предмет на експропријација склучуваат договор пред органот на управата надлежен за имотно-правните работи за подрачјето на недвижниот имот кој е предмет на експропријација, заверен кај надлежен нотар. Трошоците за заверка на договорот паѓаат на товар на предлагачот на експропријацијата.
 (9) Одредбите од ставовите (5), (6), (7) и (8) на овој член се однесуваат и за иматели на објект (физички лица), кои живеат во објектите кои се предмет на експропријација, а кои се бесправно изградени, а за кои до денот на поднесување на предлогот за експропријација е поднесено барање за утврдување во правен статус на бесправно изградени објекти во согласност со
Законот за изменување на Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ број 190/17).
 (10) Имателите на објекти од ставот (9) на овој член е потребно да поседуваат доказ за сопственост на земјиштето на кое се изградени бесправно изградените објекти предмет на експропријација и доказ за поднесено барање за утврдување правен стаус на бесправно изградени објекти.“.
Член 3
Започнатите постапки за експропријација до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат според одредбите од овој закон.
Член 4
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во Службен весник на Република Северна Македонија.