Врз основа на член 191 став (1) од Законот за енергетика* („Службен весник на Република Македонија“ бр. 96/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 96/19 236/22), Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 22 мај 2023 година донесе
П Р А В И Л Н И К
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПРАВИЛНИКОТ ЗА ПОВЛАСТЕНИ ПРОИЗВОДИТЕЛИ
КОИШТО КОРИСТАТ ПОВЛАСТЕНА ТАРИФА
Член 1
Во Правилникот за повластени производители коишто користат повластена тарифа („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 116/19 и 93/21), во членот 1, став (1) се додава нова точка 4) која гласи:
„4) начинот и постапката за престанок на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител, односно статус на повластен производител и за престанок на одлуката за користење на повластена тарифа.“.
Точките 4), 5) и 6) стануваат точки 5), 6) и 7).
Член 2
По членот 10-а, се додава нов член 10-б кој гласи:
„Член 10-б
(1) Регулаторната комисија за енергетика по службена должност донесува решение за продолжување на важноста на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител доколку периодот од денот на доставување на барањето за донесување на решение за стекнување на статус на повластен производител и барањето за користење на повластена тарифа на електрична енергија до датумот на престанок на важење на решението за стекнување на привремен статус е пократок од роковите пропишани со овој правилник за спроведување на постапката за донесување на решение за стекнување на статус на повластен производител и донесување на одлука за користење на повластена тарифа, а притоа на носителот на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител му е издадена лиценца за вршење на енергетска дејност производство на електрична енергија.
(2) Регулаторната комисија за енергетика го донесува решението од став (1) на овој член не подоцна од датумот на престанок на важење на решението за стекнување на привремен статус.
(3) Со решението за продолжување на важноста за стекнување на привремен статус од став (1) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика ја продолжува важноста на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител до донесување на решението за стекнување на статус на повластен производител и одлуката за користење на повластена тарифа на електрична енергија.
(4) Решението од став (1) на овој член се објавува во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика, а влегува во сила со денот на донесувањето.
(5) Со денот на влегување во сила на решението од став (1) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика го запишува продолжувањето на важноста на решението во Регистарот.
(6) Решението од став (1) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика го доставува до барателот, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата, Операторот на пазарот на електрична енергија и операторот на соодветниот систем за електрична енергија.
Член 3
Во членот 11 ставот (1) се менува и гласи:
„(1) Регулаторната комисија за енергетика носи решение за престанок на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител и ја брише електроцентралата од регистарот на повластени производители кои користат повластена тарифа, ако:
- носителот на решението за стекнување на привремен статус на повластен производител не ја започнал изградбата во рокот утврден со прописите од областа на градењето или
- електроцентралата не е пуштена во употреба во роковите утврдени со решението од член 7 на овој Правилник, односно со решението од член 10, став (6) на овој Правилник.“
Член 4
Во членот 17 се додава нов член 17-а кој гласи: „(1) Статусот повластен производител и правото на користење повластена тарифа може да се пренесат на друго лице на коешто му е пренесена лиценцата за вршење дејност производство на електрична енергија во согласност Законот за енергетика*.
(2) Периодот на користење на повластена тарифа не се менува со донесувањето решението за пренос на решението за стекнување на статус повластен производител и одлуката за пренос на одлуката за користење на повластена тарифа.
(3) Барањето за пренос на решението за стекнување на статус повластен производител и Барањето за пренос на одлуката за користење на повластена тарифа и документацијата од членот 17 став (2) точки 2) и 3) од овој Правилник како и документацијата и податоците кои се доказ за исполнување на условот за пренос, се поднесуваат до Регулаторна комисија за енергетика во оригинал или копија на оригиналот заверена на нотар и електронски во .pdf формат.
(4) Регулаторната комисија за енергетика најдоцна во рок од 20 (дваесет) дена од денот на приемот на барањата од став (3) на овој член донесува решение за пренос на решението за стекнување на статус повластен производител и одлука за пренос на одлуката за користење на повластена тарифа.
(5) Решението и одлуката од став (4) на овој член се објавуваат во „Службен весник на Република Северна Македонија“ и на веб страницата на Регулаторната комисија за енергетика, а влегуваат во сила со денот на донесувањето.
(6) Со денот на влегување во сила на решението и одлуката од став (4) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика ја запишува извршената промена во Регистарот.
(7) Решението и одлуката од став (4) на овој член, Регулаторната комисија за енергетика ги доставува до барателот, Министерството за економија, Министерството за животна средина и просторно планирање, Агенцијата, Операторот на пазарот на електрична енергија и Операторот на соодветниот систем за електрична енергија.
Член 5
Во членот 26 став (6) зборовите „9 и 10“ се заменуваат со зборовите „9, 10 и 10-б“.
Член 6
Овој правилник влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија”.
Регулаторна комисија за
енергетика и водни услуги на
Бр. 01-1211/1 Република Северна Македонија
22 мај 2023 година Претседател,
Скопје Марко Бислимоски, с.р