Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА
ОСНОВАЊЕ НА АГЕНЦИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Се прогласува Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Македонија, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 19 април 2023 година.
Бр. 08-2366/1 Претседател на Република
19 април 2023 година Северна Македонија,
Скопје Стево Пендаровски, с.р.
Претседател на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОСНОВАЊЕ НА АГЕНЦИЈА ЗА ЕНЕРГЕТИКА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
Член 1
Во Законот за основање на Агенција за енергетика на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 62/2005, 41/14 и 83/18), во членот 3 став 4 кратенката „АЕРМ“ се заменува со кратенката „АЕРСМ“.
Член 2
Во член 4 по ставот 1 се додава нов став 2, кој гласи:
„Освен надлежностите на Агенцијата од ставот 1 на овој член, Агенцијата врши и други надлежности утврдени во Законот за енергетика (*) и во Законот за енергетска ефикасност (*), како и прописите донесени врз основа на истите.“.
Член 3
Членот 10 се менува и гласи:
„Со работењето на Агенцијата раководи директор. За именување директор се објавува јавен оглас во три дневни весници, кои се издаваат на целата територија на Република Северна Македонија, од кои во еден од весниците што се издаваат на јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
За директор на Агенцијата може да биде именувано лице, кое ги исполнува следниве услови:
1) е државјанин на Република Северна Македонија;
2) во моментот на именувањето со правосилна судска пресуда не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност;
3) има стекнато најмалку 240 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен образование од областа на правните науки, економските науки или од областа на техничко-технолошките науки;
4) има најмалку пет години работно искуство од областите од точката 3) на овој став;
5) поседува еден од следниве меѓународно признаtи сертификати или уверенија за активно познавање на англискиот јазик, не постар од пет години:
- ТОЕФЕЛ ИБТ најмалку - 74 бода,
- ИЕЛТС (IELTS) - најмалку 6 бода,
- ИЛЕЦ (ILEC) (Cambridge English: Legal) - најмалку Б2 (B2) ниво,
- ФЦЕ (FCE) (Cambridge English: First) - положен,
- БУЛАТС (BULATS) - најмалку 60 бода или
- АПТИС (АPTIS) - најмалку ниво Б2 (B2),
- активно да го користи македонскиот јазик и
- поседува сертификат за познавање компјутерски
програми за канцелариско работење.
Директорот се именува со мандат во траење од четири години, со можност за повторен избор.“.
Член 4
Во насловот и во целиот текст на законот зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“.
Член 5
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.