„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ЗАКОН ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВОЗИЛА

27.04.2023

Врз основа на членот 75, ставови 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, претседателот на Република Северна Македонија и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија издаваат
У К А З
ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВОЗИЛА
Се прогласува Законот за дополнување на Законот за возила, што Собранието на Република Северна Македонија го донесе на седницата одржана на 19 април 2023 година.
 
Бр. 08-2365/1                                                                                  Претседател на Република
19 април 2023 година                                                                       Северна Македонија,
Скопје,                                                                                                Стево Пендаровски с.р.
                                                                                                               
Претседател на Собранието на Република
Северна Македонија,
м-р Talat Xhaferi, с.р.
З А К О Н ЗА
ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ВОЗИЛА
Член 1
Во Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ број 140/2008, 53/11, 123/12, 153/12, 70/13, 164/13, 138/14, 154/15, 192/15 и 39/16 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 161/19, 161/19, 102/20 и 308/20), по членот 97 се додаваат два нови члена 97-а и 97-б, кои гласат:
„Член 97-а
(1) На физичките и правните лица на кои во постапка за утврдувањето статус на сопственик, односно во постапка на легализација на трактор, тракторска приколка, мобилна машина, мотокултиватор, приколка за домување, како и возила од категориите О1, О2 и L, во согласност со закон сопственичкиот статус не им е утврден со денот на влегувањето во сила на овој закон, статусот може да им се утврди со поднесување предлог за легализација на трактор, тракторска приколка, мобилна машина, мотокултиватор, приколка за домување, како и возила од категориите О1, О2 и L до месно и стварно надлежен суд, според местото каде што се наоѓа живеалиштето на подносителот на предлогот за легализација.
 (2) Во предлогот за легализација од ставот (1) на овој член, подносителот ги наведува следниве податоци и ги доставува следниве прилози:
- идентификациски податоци - марка,
- тип, број на шасија и мотор,
- година на производство на возилата од ставот (1) на овој член,
- причините поради кои се поднесува предлогот,
- изјава заверена на нотар, со која подносителот под целосна материјална и кривична одговорност изјавува дека совесно го владеел возилото од ставот (1) на овој член и дека за истите не се води друга постапка пред надлежен суд и
- приложува други докази кои ги поседува за возилата од ставот (1) на овој член.
(3) Судот во рок од три дена од денот на поднесување на предлогот, преку огласната табла на судот, ги информира заинтересираните правни или физички лица за поднесениот предлог. Објавувањето на известувањето од судот трае 30 дена од денот нa поставувањето на огласната табла.
 (4) По истекот на рокот од ставот (3) на овој член, доколку со докажување на својот правен интерес заинтересираното лице писмено до судот не се обрати, судот во рок од 15 дена ќе донесе решение за легализација -утврдување сопственички статус на возилата од ставот (1) на овој член.
 (5) Во случаите кога ќе се јави заинтересирано лице, кое ќе го докаже својот правен интерес, судот со решение ќе ги упати учесниците во рок, кој не може да е подолг од 15 дена од денот на донесувањето на решението, да поведат парнична постапка. Ако 15 дена од денот на донесувањето на решението заинтересираното лице не поведе парнична постапка, постапката за легализација продолжува.
(6) Против решението за легализација - утврдување сопственички статус од ставовите (4) и (5) на овој член, во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението дозволена е жалба пред надлежен суд.
 (7) Со неподнесување жалба во рокот од ставот (5) на овој член, решението станува правосилно.
 (8) Подносителот со денот на влегувањето во сила на овој закон може да поднесе предлог за легализација на трактор, тракторска приколка, мобилна машина, мотокултиватор, приколка за домување, како и возила од категориите О1, О2 и L во постапка која е утврдена со овој закон.
Член 97-б
(1) Физички или правни лица, кои совесно ги владеат и ги користат на територијата на Република Северна Македонија тракторите, тракторските приколки и мотокултиваторите, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не поднеле барање за регистрација, а кои не ги исполнуваат условите од членот 31 став (2) алинеи 1, 2, 3 и 4 од овој закон, од денот на влегувањето во сила на овој закон може да поднесат барање за регистрација до Министерството за внатрешни работи, со кое ги доставуваат и следниве прилози:
- доказ за сопственост или решение за утврдување сопственички статус на трактори и тракторски приколки и мотокултиватори,
- согласност за регистрација за трактори и тракторски приколки и мотокултиватори издадена во постапка на идентификација и оцена на техничка состојба од овластена техничка служба или од правно лице за технички преглед кое е овластено за вршење идентификација и идентификација и оцена на техничка состојба на возила и
- доказ дека се исполнети условите од членот 31 став (2) алинеи 5 и 11 од овој закон.
 (2) Физички или правни лица кои совесно ги владеат и ги користат на територијата на Република Северна Македонија мобилните машини, приколките за домување и возилата од категориите О1, О2 и L, кои до денот на влегувањето во сила на овој закон не поднеле барање за регистрација, а кои не ги исполнуваат условите од членот 31 став (2) алинеи 1, 2 и 4 од овој закон, од денот на влегувањето во сила на овој закон може да поднесат барање за регистрација до Министерството
за внатрешни работи, со кое ги доставуваат и следниве прилози:
- доказ за сопственост или решение за утврдување сопственички статус на мобилните машини, приколките за домување и возилата од категориите О1, О2 и L,
- согласност за регистрација за мобилните машини, приколките за домување и возилата од категориите О1, О2 и L1e, издадена во постапка на идентификација и оцена на техничка состојба од овластена техничка служба или од правно лице за технички преглед, кое е овластено за вршење идентификација и идентификација и оцена на техничка состојба на возила,
- потврда за утврдени минимално-технички и експлоатациони карактеристики за мобилните машини, издадена во постапка на идентификација и оцена на техничката состојба на возилото и
- доказ дека се исполнети условите од членот 31 став (1) и став (2) алинеи 3, 5, 7, 8, 9, 10, 11 и 12 и ставовите (3), (4), (5) и (6) од овој закон.
Член 2
Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, а ќе се применува до 30 јуни 2024 година.