„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ОДЛУКА ЗА ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ТРГОВИЈАТА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.135 ОД 14.6.2022 ГОДИНА)

15.06.2022

 Врз основа на член 30 став 1 алинеја 1 од Законот за трговија (*) („Службен весник на Република Македонија“ бр. 16/04, 128/06, 63/07, 88/08, 159/08, 20/09, 99/09, 105/09, 115/10, 158/10, 36/11, 53/11, 148/13, 164/13, 97/15, 129/15, 53/16, 120/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 77/21, 215/21 и 295/21), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 14 јуни 2022 година, донесе

ОДЛУКА
ЗА ПОСЕБНИ УСЛОВИ ЗА ТРГОВИЈАТА НА ОДДЕЛНИ СТОКИ

Член 1
Со оваа одлука се определува највисоката трговска маржа како посебен услов во трговијата со следните производи:
- леб бел (сечен на парчиња или цел);
- шеќер бел;
- сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло);
- брашно од пченица - тип 400 и тип 500;
- макарони и шпагети од тврда пченица;
- македонски ориз бел;
- трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5% и
- јајца од кокошка.
Највисоката трговска маржа за стоките од став 1 алинеите 1, 2 и 3 на овој член за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо и трговијата на мало се утврдува најмногу во вкупен износ до 5%.
Највисоката трговска маржа за стоките од став 1 алинеите 4, 5, 6, 7 и 8 на овој член за сите трговски друштва и трговци поединци кои учествуваат во трговскиот ланец во трговијата на големо и трговијата на мало се утврдува најмногу во вкупен износ до 10%.
Производителите кои ги произведуваат стоките од ставот 1 на овој член се опфатени во трговскиот ланец на трговијата на големо.

Член 2
За стоките од член 1 став 1 од оваа одлука не се пресметуваат оперативни трошоци и не се одобрува рабат и надоместоци кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо и тоа за рекламирање и за изложување на стоките на рафтови односно полици (примарни и секундарни позиции).
Заради усогласување со ставот 1 на овој член, се склучуваат анекси кон склучените годишни договори за продажба во трговскиот ланец помеѓу добавувачите (трговците наголемо) и купувачите (трговците на мало), или се склучуваат нови договори.
Член 3
Највисоката трговска маржа на стоките од член 1 на оваа одлука ќе се применува до 30 септември 2022 година.
Член 4
Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 41-5280/1                                                                               Претседател на Владата
14 јуни 2022 година                                                             на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                        д-р Димитар Ковачевски, с.р.