„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПОЛИТИКА ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПОЛИТИКАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ И ИНВЕСТИРАЊЕ НА ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА (ОБЈАВЕН ВО СЛУЖБЕН ВЕСНИК БР.132/2022)

09.06.2022

 НАРОДНА БАНКА НА РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

Врз основа на член 47 став 1 точкa 3 и 18, а согласно со член 7 став 1 точка 4, член 24 и 41 од Законот за Народната банка на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 158/10, 123/12, 43/14, 153/15, 6/16 и 83/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 110/21), Советот на Народната банка на Република Северна Македонија донесе
ПОЛИТИКА
ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ПОЛИТИКАТА ЗА УПРАВУВАЊЕ И ИНВЕСТИРАЊЕ НА ДЕВИЗНИТЕ РЕЗЕРВИ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА
1. Во Политиката за управување и инвестирање на девизните резерви на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 223/15 и 141/16) низ целиот текст зборовите: „Република Македонија“ се заменуваат со зборовите: „Република Северна Македонија“.
2. Во точката 4, став 4, алинејата 3 се менува и гласи:
„Инвестициско портфолио, коешто може да има инвестициски период над една година и со кое се управува заради зголемување на повратот на девизните резерви, како и за покривање на непредвидените обврски на подолг рок заради одржување на макроекономската и финансиската стабилност на земјата. Ова портфолио се инвестира во финансиски инструменти со повисок ризик заради остварување повисок поврат од инвестициите, меѓутоа согласно со толеранцијата на ризик утврдена со оваа политика. Во рамките на инвестициското портфолио, одреден дел од хартиите од вредност можат да се класифицираат како хартии од вредност чувани до достасување. Највисокиот дозволен износ и рочност на овие хартии од вредност се утврдуваат во Правилата за управување и инвестирање на девизните резерви, притоа имајќи го предвид нивото на девизните резерви во однос на адекватното ниво на девизни резерви оценето во Народната банка.“
По ставот 4 се додава нов став 5 којшто гласи:
„Без да се наруши функцијата на секое од портфолијата, со финансиските инструменти во нивни рамки може да се управува според три деловни модели со цел да се обезбедат парични приливи и да се управува со финансиските ризици. Во зависност од деловниот модел, финансиските инструменти можат да се чуваат заради наплата на договорните парични текови, односно за одржување одреден каматен принос; заради активно и често тргување за остварување добивка од промените во пазарната вредност на инструментите; или заради наплата на договорните парични текови со можност за остварување добивка од промените во пазарната вредност на инструментите.“
Ставовите 5 и 6 стануваат ставови 6 и 7.
Ставот 6 се менува и гласи:
„Критериумите за утврдување на нивото на портфолијата, дозволените видови инструменти, максималната рочност, класификацијата на финансиските средства според избраните деловни модели, како и референтните портфолија се утврдуваат во Правилата за управување и инвестирање на девизните резерви. Нивото на ликвидносното и инвестициското портфолио периодично се преиспитува врз основа на проекцијата на ликвидносните потреби, очекуваните девизни потреби на земјата на среден рок и процената на ранливоста на билансот на плаќање.“
3. Оваа политика влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
 
Гувернер
 
и претседавач на Советот
П. бр. 02-15/IX-1/2022
 на Народната банка на
6 јуни 2022 година
Република Северна Македонија,
Скопје
д-р Анита Ангеловска-Бежоска, с.р.