„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПРАВИЛНИК ЗА НАЧИНОТ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ИСПЛАТА НА РАЗЛИКАТА ОД ПРИДОНЕСИТЕ НА НЕТО-ЗГОЛЕМЕНАТА МИНИМАЛНА ПЛАТА (СЛУЖБЕН ВЕСНИК НА РСМ БР.80 ОД 31.3.2022 ГОДИНА)

01.04.2022

 МИНИСТЕРСТВО ЗА ТРУД И СОЦИЈАЛНА ПОЛИТИКА

Врз основа на член 4-г од Законот за минимална плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонијa“ бр. 11/12, 30/14, 180/14, 81/15, 129/15, 132/17 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/19, 239/19 и 41/22), министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за финансии, донесе
ПРАВИЛНИК
ЗА НАЧИНОТ НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ИСПЛАТА НА РАЗЛИКАТА ОД ПРИДОНЕСИТЕ НА НЕТО-ЗГОЛЕМЕНАТА МИНИМАЛНА ПЛАТА
Член 1
Со овој правилник се пропишува начинот на обезбедување на финансиска помош за исплата на разликата од придонесите на нето-зголемената минимална плата од Буџетот на Република Северна Македонија, согласно член 4-а од Законот за минимална плата во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 11/12, 30/14, 180/14, 81/15, 129/15, 132/17 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 124/19, 239/19 и 41/22 (во натамошниот текст: Законот).
Член 2
При поднесување на месечната пресметка за интегрирана наплата до Управата за јавни приходи согласно Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, за периодот од март 2022 година - декември 2022 година, од страна на работодавачот се означуваат вработените лица за кои се бара обезбедување на финансиска помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, со шифра 405 во поле 3.23 од клиентскиот софтвер.
Член 3
Од страна на Управата за јавни приходи, по приемот и обработката на податоците од член 2 од овој правилник, се врши контрола на исполнетоста на условите од член 4-б ставови (1) и (2) и условите од член 4-е од Законот, а преку Декларацијата за прием, се известува работодавачот дека ги исполнува условите, односно се предупредува работодавачот дека не ги исполнува условите.
Член 4
Доколку Управата за јавни приходи, го известила работодавачот дека ги исполнува условите од член 4-б ставови (1) и (2) и условите од член 4-е од Законот, во рокот утврден во член 4-в став (2) од Законот, до Министерството за труд и социјална политика се доставуваат податоците кои се однесуваат:
а) на работодавачот
- назив и седиште на обврзникот за пресметка и уплата;
- единствен даночен број;
- година и месец;
- фолио број;
- деловна банка и
- трансакциска сметка;
б) на вработениот
- ЕМБГ;
- ознака за вработениот за обезбедување финансиска помош (шифра 405);
- бруто-основица (бруто плата);
- нето-основица (нето плата);
- вкупен износ на придонеси и ДЛД;
- износ на нето зголемена плата за финансиска помош;
- износ на финансиска помош.
Член 5
По добивањето на податоците од член 4 од овој правилник, од страна на Министерството за труд и социјална политика се врши електронска обработка на истите и се креира налог за исплата на финансиска помош на работодавачите за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата.
Член 6
Од страна на работодавачот за секоја промена на деловната трансакциска сметка на која прима прилив по основ на финансиска помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, се доставува писмено барање потпишано од управителот на работодавачот, до Министерството за труд и социјална политика за промена на сметката, во кое треба да бидат содржани следните податоци:
- назив на фирма;
- ЕДБ;
- матичен број на фирма;
- датум на промена на сметката;
- копија од новата трансакциска сметка и
- контакт телефон.
Член 7
Во случај од член 4-д став (2) од Законот, добиената финансиска помош за исплата на разликата од придонесите на нето зголемената минимална плата, работодавачот ја враќа на преодна сметка 889 на Министерството за труд и социјална политика.
Член 8
Со влегувањето во сила на овој правилник, престанува да важи Правилникот за начинот на обезбедување на финансиската помош за исплата на минималната плата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 138/17).
Член 9
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
   
Министер за финансии,                                                        Министер за труд и социјална политика,
Fatmir Besimi, с.р.                                                                               Јованка Тренчевска, с.р.
    
Бр. 20-2099/1                                                                                                 Бр. 08-2700/1
28 март 2022 година                                                                               23 март 2022 година
Скопје                                                                                                                    Скопје