МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА
Врз основа на член 18 став (4) од Законот за минерални суровини („Службен весник на Репубика Македонија“ бр. 136/12, 25/13, 93/13, 44/14, 160/14, 129/15, 192/15, 39/16, 53/16, 120/16, 189/16 и 7/19), министерот за економија, донесе
ПРАВИЛНИК
ЗА ФОРМАТА, СОДРЖИНАТА И НАЧИНОТ НА ВОДЕЊЕТО НА КНИГАТА ВО КОЈА СЕ ВОДАТ ИЗВРШЕНИТЕ ИСТРАЖНИ РАБОТИ ЗА ДЕТАЛНИТЕ ГЕОЛОШКИ ИСТРАЖУВАЊА
Член 1
Со овој правилник се пропишува формата, содржината и начинот на водењето на книгата во која се водат извршените истражни работи за деталните геолошки истражувања.
Член 2
Книгата во која се водат извршените истражни работи за деталните геолошки истражувања (во понатамошниот текст: Книгата) се води во хартиена форма на тврдо коричена книга со димензии 210 x 297 мм на евиденциски листови кои се меѓусебно поврзани и нумерирани.
Книгата е со сини корици и на првата страна има испишан текст со букви во црна боја: ″Книга во која се водат извршени истражни работи за детални геолошки истражувања″.
Евиденцискиот лист - I содржи:
1. Податоци за истражувачот:
1.1. Број и датум на дозволата за детални геолошки истражувања,
1.2. Минерална суровина која е предмет на истражувањето,
1.3. Локација на истражување,
1.4. Површина на истражниот простор,
1.5. Координати на гранични точки на истражниот простор,
1.6. Изведувач на истражните работи и
1.7. Времетраење на истражувањето;
2. Вид на истражни работи:
2.1. Картирање на теренот:
2.1.1. Вид на картирање,
2.1.2. Мерка на подлогите и
2.1.3. Површина на просторот за картирање;
2.2. Геофизички истражни работи:
2.2.1. Видови на геофизички истражни работи и
2.2.2. Количини на изведени геофизички истражни работи;
2.3. Истражно дупчење:
2.3.1. Вид на истражно дупчење,
2.3.2. Број на изведени истражни дупнатини и
2.3.3. Вкупна длабочина на изведено истражно дупчење;
2.4. Рударски истражни работи и опис на истите;
2.5. Теренски истражни испитувања, тестирања и анализи;
2.6. Други видови на истражни работи;
2.7. Лабораториски испитувања и анализи (се наведуваат сите видови по вид и обем, доколку се извршени) и
3. Останати податоци во врска со изведените истражни работи за детални геолошки истражувања.
Евиденцискиот лист - II содржи:
1. Податоци за истражувањата:
1.1. Ознака на дупнатината,
1.2. Коти,
1.3. Координати,
1.4. Изведувач на дупчење (истражување),
1.5. Вид на дупчење (ротационо, ударно, на суво, со исплака, реверсно, рачен ископ, машински ископ на раскопи и др.),
1.6. Длабина на изведба,
1.7. Намена на изведба,
1.8. Период на дупчење (истражување),
1.9. Пречник на дупчење,
1.10. Други податоци (ниво на подземна вода, тешкотии при дупчење, облагање, специјални мерења и др.),
1.11. Одговорно лице за изведба и
1.12. Име и презиме на лицето кое ја картирало дупнатината;
2. Општи податоци за геолошката градба:
2.1. Геолошка старост,
2.2. Основи на литологија,
2.3. Длабина на појава на минерална суровина,
2.4. Вид на минерална суровина,
2.5. Начин на појава,
2.6. Опробување (вид на проби, длабина, број и сл.) и
2.7. Други податоци.
Формата и содржинатa на Книгата се дадени во Прилог кој е составен дел на овој правилник.
Член 3
Книгата се води на начин што на крајот на секој работен ден се внесуваат податоците од членот 2 на овој правилник од страна на лицето овластено од концесионерот.
Член 4
Овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.
Бр. 24-1022/1
25 февруари 2022 година Министер за економија,
Скопје Kreshnik Bekteshi, с.р.