Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија на седницата одржана на 17.1.2022 година донесе Правилник за начинот на вршење на работите на управување со средства (портфолио) по налог и за сметка на индивидуален клиент и инвестиционо советување и за хартиите од вредност и другите финансиски инструменти во кои може да се вложуваат средствата на клиентот.
Со Правилникот поблиску се пропишуваат организационите барања за овластениот учесник на пазарот на хартии од вредност и за друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови (во понатамошниот текст: друштва за управување) кои мора да бидат исполнети заради обезбедување на законито и ефикасно работење и сведување на ризикот на најмала можна мера, а особено:
- водење евиденција за налозите и трансакциите;
- заштита на имотот на клиентите;
- спречување на судир на интереси;
- сопствени трансакции на релевантните лица.
Со овој Правилник се уредуваат и правилата на деловно однесување при извршување на услугата инвестиционо советување и управување со средства (портфолио) по налог и за сметка на индивидуален клиент - сопственик на портфолио кај овластениот учесник на пазарот на хартии од вредност и за друштвото за управување (во понатамошниот текст управување со портфолио) во врска со:
- информациите кои им се достапни на клиентите и потенцијалните клиенти;
- проценката на соодветноста на услугата инвестиционо советување и управување со портфолио за поединечни категории на клиенти;
- известување на клиентите за извршените услуги со хартии од вредност;
- дополнителни стимулации.
Одредбите од овој Правилник се применуваат на:
- брокерска куќа/банка со дозвола за вршење на услуги со хартии од вредност која вклучува извршување на услуга инвестиционо советување и управување со портфолио на хартии од вредност согласно Законот за хартии од вредност;
- друштва за инвестиционо советување кои согласно Законот за хартии од вредност имаат добиено дозвола од Комисијата за хартии од вредност (во понатамошниот текст: Комисија) за вршење на услугата инвестиционо советување самостојно и за посредно вршење на услугата управување со портфолио; и
- друштва за управување кои согласно Законот за инвестициски фондови имаат добиено дозвола од Комисијата за вршење на услугите инвестиционо советување на клиенти и управување со средства за сметка на индивидуален клиент - сопственик на портфолио.