„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
31.12.2024
Предлагач е Владата на РСМ.
II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН Целта на Предлогот на закон за минимален глобален данок на добивка е усогласување со Директивата на Советот (ЕУ) 2022/2523 од 14 декември 2022 година за обезбедување на глобално минимално ниво на оданочување за групи на мултинационални компании и големи домашни групи во Унијата. Законот за минимален глобален данок на добивка се однесува на оние групи на мултинационални компании и на оние големи домашни групи кои на консолидирана основа оствариле повеќе од 750 милиони евра приходи во две 3 од претходните четири години. Според тоа со овој закон ќе бидат опфатени матичните компании и нивните поврзани субјекти кои го исполнуваат условот за остварениот праг на приходи. Оние компании кои оствариле приходи под прагот, исклучените субјекти пропишани со овој закон (јавен субјект, меѓународна организација, непрофитна организација, пензиски фонд, инвестициски фонд) како и компаниите кои го исполнуваат т.н „de minimis исклучок“, не подлежат на обврската за плаќање на дополнителен данок. „De minimis“ исклучокот претставува олеснување за субјектите кои остваруваат мали приходи и мала добивка во одредена јурисдикција, односно подразбира дека дополнителниот данок што го плаќаат составните субјекти е еднаков на нула за одредена фискална година т.е не се плаќа, доколку за таа фискална година просечниот квалификуван приход на сите составни субјекти кои се наоѓаат во таа јурисдикција е помал од 10 милиони евра и просечната квалификувана добивка или загуба на сите составни субјекти во таа јурисдикција е помала од еден милион евра. Минималното ефективно оданочување на добивката на групите на мултинационални компании и на големите домашни групи се обезбедува со примена на следните правила за плаќање на дополнителен данок: 1) правило за утврдување на квалификуван домашен дополнителен данок (Qualified Domestic Top-up Tax -QDMTT) согласно кое се пресметува и плаќа дополнителен данок за вишокот добивка на сите составни субјекти кои подлежат на ниска даночна стапка и се наоѓаат во Република Северна Македонија, 2) правилото за вклучување на добивката (Income Inclusion Rule-IIR), според кое матичната компанија на групатa на мултинационални компании или на голематa домашна група го пресметува и плаќа својот доделен дел од дополнителниот данок во однос на составните субјекти на групата кои подлежат на ниска даночна стапка 3) правилото за помалку оданочена добивка (Undertaxed Payment Rule -UTPR), според кое составен субјект на група на мултинационални компании подлежи на дополнителен данок еднаков на неговиот дел од дополнителниот данок што не бил наплатен врз основа на правилото за вклучување на добивката за составни субјекти на групата кои подлежат на ниска даночна стапка. Со примената на горенаведените правила се утврдува висината на дополнителниот данок што треба да го платат субјектите, со што се обезбедува ефективнотo оданочување на добивката да изнесува најмалку 15%. Правилото за утврдување на квалификуван домашен дополнителен данок во погореспоменатата Директива е утврдено како опцијa, односно земјите имаат право да одлучат дали ќе наплатуваат дополнителен данок според ова правило, додека правилото за вклучување на добивката и правилото за прениско оданочена добивка се задолжителни правила. Со Предлогот на закон на минимален глобален данок на добивка се предлага воведување на сите три правила. Со пропишувањето на обврска за плаќање квалификуван домашен дополнителен данок се заштитува даночната основа во Република Северна Македонија, со оглед на тоа дека преку пропишување на даночна обврска за составните субјекти на мултинационалните компании кои вршат дејност во Република Северна Македонија, дополнителниот данок ќе се наплати во нашата земја, а не во земјата каде што мултинационалната компанија има седиште.