„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

Предлог на закон за системот на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, по скратена постапка

10.12.2024

 Предлагач е Владата на РСМ

II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И ОСНОВНИ РЕШЕНИЈА НА ПРЕДЛОГОТ НА ЗАКОН Целта на Предлогот на закон е дефинирање рамка на современ, соодветен и ефективен систем на внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, кој ги вклучува финансиското управување и контрола, внатрешната ревизија и централната координација и хармонизација. Предлогот на закон ќе го применуваат сите јавни субјекти, освен Народната банка на Република Северна Македонија. Новина во Законот е тоа што сите јавни субјекти имаат обврска клучните финансиски процеси да ги спроведуваат исклучиво врз основа на интерни акти (правилници,упатства и сл.) подготвени врз основа на соодветните закони и нивните подзаконски акти. Со предлогот на закон се зајакнува внатрешната финансиска контрола преку создавање нов систем на раководна отчетност. Преку овој систем, раководителот на буџетскиот корисник ќе биде отчетен пред раководителот на матичниот буџетски корисник, а раководителот на претпријатието во јавна сопственост ќе биде отчетен пред органот за надзор и должен да ги следи процедурите и насоките од матичниот буџетски корисник. Во делот на внатрешната ревизија се пропишува кои јавни субјекти задолжително воспоставуваат единици за внатрешна ревизија. Исто така, со предлогот на закон, е дефиниран минималниот број на вработени во единиците за внатрешна ревизија, начинот на спроведување испит за стекнување уверение за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, се воведува обврска за подготовка на Програма за обезбедување на квалитет и подобрување на внатрешната ревизија и спроведување преглед на квалитетот на активностите на внатрешната ревизија од Централната единица за хармонизација. Со предлогот на закон се воспоставува нов начин на известување за финансиско управување и контрола и внатрешна ревизија, се основа Совет за внатрешна финансиска контрола во јавниот сектор, како советодавно тело на министерот за финансии и се создава основа за донесување на подзаконските акти во рок од 18 месеци од денот на донесување на законот.