„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ - ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКА ДИСЦИПЛИНА (*)

15.09.2022

 Со членот 1 од Предлогот на законот за изменување на Законот за финансиска дисциплина (*) се менува членот 6 ставови (1), (2), (3), (6) и (7) од постојниот закон. Со предложените измени се намалуваат роковите за исполнување на паричните обврски на субјектите од јавниот сектор и од здравствениот сектор од 60 и 90 дена на 30 и 60 дена. Со оваа измена се врши усогласување со роковите за исполнување на паричните обврски утврдени во Директивата за задоцнето плаќање. Исто така, со оваа измена се врши намалување на роковите за поднесување на барањето за плаќање до Трезорот на Министерството за финансии односно Трезорот на Фондот за здравствено осигурување од триесеттиот односно четириесетт и петтиот ден на петнаесеттиот односно триесеттиот ден. Министерството за финансии односно Фондот за здравствено осигурување се должни исплатата на средствата на економскиот оператор да ја извршат во рок од 15 односно 30 дена наместо во рок од 30 односно 45 дена од поднесување на барањето. 

Со членот 2 од Предлог- Законот се менува членот 12 од постоечкиот закон. Имено, се предлага Финансиската инспекција во јавниот сектор, односно Државниот пазарен инспекторат да го спроведуваат надзорот во следните случаи:
-    по добиено известување од нотар за правосилно и извршно решение со кое е издаден нотарски платен налог, во постапка за присилна наплата на парична обврска која произлегува од деловна трансакција и
-    по добиено известување од извршител за примено барање за извршување врз основа на извршна нотарска или судска исправа. 
Во Предлог законот се брише можноста дека надзорот Финансиската инспекција во јавниот сектор и Државниот пазарен инспекторат ќе го спроведуваат по добиено известување од суд односно за донесена правосилна судска пресуда. Ова од причина што во досегашната пракса судовите немаат поднесено ниту едно известување дека е донесена правосилна судска одлука, врз основа на која би се повела постапка за инспекциски надзор. Воедно во овој член се предвидува и правен основ за отфрлање на известувањето доколку не е доставено во пропишаниот рок.
Со членот 3 од Предлог – законот се врши измена на членот 17-а, во кој се предвидуваат глоби за повреда на член 6 став (5) и член 6 став (6) од Законот. Имено, доколку не се исполни паричната обврска во роковите утврдени во Законот, на субјектот од јавниот сектор кој го направил прекршокот, ќе му се изрече глоба во износ од 2.500 до 3.000 евра во денарска противвредност, а на одговорното лице на тој субјект ќе му се изрече глоба во износ од 100 до 500 евра во денарска противвредност.
Со одредбата од членот 4 став (1) од Предлог-Законот се уредува одложна примена на одредбите од членот 1 со кој се менува членот 6 од Законот, односно истите ќе се започнат да се применуваат од 1 јануари 2025 година.