„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Закони и прописи

ПРЕДЛОГ НА ЗАКОН ЗА ИЗМЕНУВАЊЕ И ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ТЕХНИЧКАТА ИНСПЕКЦИЈА (*), ПО СКРАТЕНА ПОСТАПКА

04.04.2022

 Со Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за техничката инспекција се врши усогласување на прекршочните одредби согласно  член 132 став (1) од Законот за прекршоците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.96/2019),  усогласување со Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.102/2019), се усогласува со изворите на правото на Европската унија и тоа Регулатива (ЕУ) број 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот од 23 јули 2014 година за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции на внатрешниот пазар и за укинување на Директива 1999/93/ЕЗ CELEX Број на прописот на ЕУ:  32014R0910, како и се воведува наплата на надоместок за издавање на решение за ставање во употреба на техничка опрема.

Со членот 1 се брише ставот 4 од член 7 од Законот за техничката инспекција, од причина што истата одредба се повторува во членот 30 од истиот Закон, а се однесува на жалбата по издаденото Решение за ставање во употреба на техничка опрема.
Во Членот 2 се врши промена на бројот на дневни весници во кои што се објавува јавен оглас за именување на директор; промена на годините на потребното работно искуство за вработување на директор и се менува точката 6  со која се бара кандидатот за директор да поседува потврда за активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење, согласно измените во Законот за инспекциски надзор.
Во членот 3, односно членот 12 од Законот за техничката инспекција се менува и се врши усогласување со Законот за инспекциски надзор и Законот за прекршоци, а се однесува на условите кои треба да ги исполнуваат инспекторите при вработување.
Со членот 4 се брише членот 13 бидејќи Законот за инспекциски надзор не препознава веќе квартални планови и квартални извештаи.
Со членот 5 се брише член 14 од основниот текст на законот со цел да се избегне тавтологија со Законот за инспекциски надзор.
Со членот 6 се брише член 18 од основниот текст на законот со цел да се избегне тавтологија со Законот за инспекциски надзор.
Со членот 7, односно член 21 од Законот за техничката инспекција се врши измена поради дигитализација на процесот за поднесување барање, издавање на решение, комуникацијата помеѓу институциите и прибирањето на доказите по службена должност за утврдување на исполнетост на условите за вршење на технички преглед и периодични испитувања. 
Со членот 8, односно член 27 од Законот за техничката инспекција се врши измена поради дигитализација на процесот за начинот на комуникацијата помеѓу Инспекторатот и Министерството за економија како и дигитализација на издавањето на Решението за укинување на решението за вршење на технички преглед и периодични испитувања на техничка опрема.
Во членот 9, односно членот 30 од Законот за техничката инспекција се менува и се врши дополнување на потребна документација која се доставува кон барањето за ставање во употреба на техничка опрема, односно надоместок за издавање на решение за ставање во употреба на техничка опрема, и се утврдува висината на надоместокот за издавање на решение за ставање во употреба на техничка опрема. Исто така со овој член се врше дигитализација на процесите од поднесување на барање, издавање на решение и поднесување на жалба.
Во членот 10, односно членот 33 од Законот за техничката инспекција се менува и се врши дополнување на потребна документација која се доставува кон известувањето за извршен периодичен технички преглед на техничка опрема, односно надоместок за внесување во регистар за техничка опрема, и се утврдува висината на надоместокот за известување за периодичен технички преглед. Исто така се врши и дополнување поради дигитализација на процесот за доставување на известувањето.
Во членот 11 со кој се менува членот 34 од Законот за техничката инспекција воставовите 1 и 2 се прецизира на кој начин се известува Инспекторатот и корисникот на техничката опрема, во случај на разлики во распоредот за вршење на технички преглед и периодични испитувања.
Со членот 12 со кој се менува членот 35 од Законот за техничката инспекција  се прецизира начинот на кој корисникот на техничката опрема го известува Инспекторатот доколку Извештајот од извршениот технички преглед за периодичните испитувања е негативен.
Со членот 13, односно член 36-а од Законот за техничката инспекција се врши измена поради дигитализација на процесот на поднесување на жалба и издавање на Решение по жалба кое го издава Комисија при Министерството за економија.
Со членот 14 се менува ставот 1 од членот 37 од Законот за техничката инспекција, а со кој се прецизира на кој начин корисникот го известува Инспекторатот во случај на несреќе, хаварии или штети предизвикани од техничката опрема.
Во членот 15, односно со промената на член 37-а од Законот за техничката инспекција се пропишува во кои случаи инспекторот ќе донесе решение со кое привремено ќе забрани вршење на дејност со запечатување на просториите, објектите, градилиштата, опремата, средствата за работа и други средства до отстранување на истите, и се врши усогласување со член 84 соглано Законот за инспекциски надзор дека против решението на инспекторот може да се изјави жалба во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, до надлежниот орган за одлучување во втор степен. Исто така се врши измена поради процесот на дигитализација на поднесување на жалбата.
Со членот 16 се додава нов член 37-в, а се однесува на посебна прекршочна мерка-опомена и на надлежноста за одлучување по прекршоците.
Во членот 17, односно членот 38 од Законот за техничката инспекција каде се уредуваат прекршочните санкции, се усогласуваат висината на глобите согласно Законот за прекршоците.
Со членот 18 се додаваaт два нови члена 38-г и 38-д, а се однесуваат на посебни прекршочни санкции и мерки и на надлежноста за одлучување по прекршоците.
Со членот 19 во целиот текст на Законот, се заменуваат зборовите „Република Македонија“ со „Република Северна Македонија“
Со членот 20 се утврдува рокот во кој треба да се усогласат постојните подзаконски акти со одредбите од овој закон.
Со членот 21 се уредува одложена примена на одредбите од Законот за техничката инспекција кои се усогласени со Регулативата (ЕУ) бр. 910/2014 на Европскиот парламент и на Советот од 23 јули 2014 година за електронска идентификација и доверливи услуги за електронски трансакции на внатрешниот пазар и за укинување на Директива 1999/93/ЕЗ. 
Со членот 22 се уредуваат одредбите од овој закон кои се усогласуваат со законодавството на Европската унија и кои ќе престанат да важат до пристапувањето на Република Северна Македонија во Европската унија. 
Со членот 23 се уредува влегувањето во сила на законот.