„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
Формирана нова Групација на водостопанствата во рамките
на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора
на Македонија 21.05.2014 година
Во рамките на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, на иницијатива на повеќе фирми од дејноста водостопанство, формирана е Групација на водостопанствата, со цел да ги третира и да работи за потребите на водостопанските претпријатија-членки на Стопанската комора на Македонија.
Водостопанските претпријатија преку иницијативата за формирање на Групацијата, имаат за цел да ги следат активностите околу носење на законски прописи, измена на закони, правилници за работа, како и законски прописи од други сектори кои ја засегаат и оваа дејност, во насока на непречено функционирање на претпријатијата.
За претседател на Групацијата беше избран Тони Мартиноски, директор на Водостопанство „Скопско Поле“ од Скопје, а за потпретседател е избрана Гордана Тошевска, директор на Водостопанство „Прилепско Поле“ - Прилеп.
На првиот состанок, Групацијата беше запознаена и со интересот на компании од регионот да воспостават комуникација со домашните водостопански претпријатија, а беше иницирано и размислување за реализирање на студиска посета на компании од истата дејност, првенство во окружувањето со цел да се добијат информации и да се согледа начинот на кој истите се организирани и функционираат, како и законската рамка во која работат.
ПОДАТОЦИ ЗА ДЕЈНОСТА
Водостопанската дејност има за цел економично стопанисување, користење, функционирање, одржување и контрола на системите во целина, заради:
• снабдување со вода за наводнување;
• снабдување со вода на комунално претпријатие за водоснабдување за консумирање од страна на човекот (вода за пиење и други потреби) и технолошки потреби;
• снабдување со вода за индустриски и технолошки (стопански) потреби вклучувајќи го и производството на електрична енергија и
• одводнување на земјиште.
Водостопанството ги снабдува со вода за наводнување: водните заедници и индивидуалните корисници (физички и правни лица), кои се вон територијата на водната заедница, а имаат можност и потреба од наводнување. Водостопанството врши и одводнување за правни и физички лица, сопственици или корисници на земјоделско и друго земјиште, патишта и урбанизирани зони, доколку во рамките на подрачјето на дејствувањето на водостопанството постои и систем за одводнување. Ако водостопанството има единствена дејност одводнување и не врши снабдување со вода, истата ја извршува задолжително на подрачјето на дејствувањето, на сите површини и објекти кои припаѓаат во системот за одводнување. Водостопанството, во рамките на подрачјето на дејствувањето може да врши снабдување со вода на комунално претпријатие за водоснабдување, на правни лица за индустриски и технолошки (стопански) потреби, вклучувајќи го и производството на електрична енергија, само кога системот тоа го овозможува согласно со проектната – техничка документација. Водостопанството може да произведува и продава електрична енергија само во случаите, кога хидроцентралата претставува дел на системот со кој стопанисува водостопанството, а во согласност со дозволата за користење на водата. За остварување на своите надлежности, водостопанството во рамките на подрачјето на дејствувањето врши:
-изградба, одржување, реконструкција и рехабилитација на хидротехничките објекти;
-монтирање, демонтирање, одржување, контрола и читање на мерни инструменти - водомери и
-геодетски и други снимања за потребите на системот.
Со цел да обезбеди ефикасна работа на системот, да заштити или обезбеди сигурност на објектите кои припаѓаат на системот, водостопанството: насочува водни тела во акумулацијата или во други објекти на системот; гради и одржува објекти за заштита и одбрана од поплави; гради и одржува објекти за спречување од ерозија; гради и одржува објекти за регулирање на реките и пороите и -врши други работи во согласност со закон. При вршење на својата дејност, водостопанството: обезбедува оптимални услуги за корисниците на вода; обезбедува подеднаков третман во давањето на услугите на сите корисници на вода; пресметува и наплаќа надоместоци за услугите кои ги обезбедува; презема мерки за рационално користење на водата, за намалување на загубите на вода на минимум; презема мерки за штедење на водата; совесно и одговорно управува со своите средства, работејќи со нив на внимателен и трошковно ефикасен начин; го одржува и обезбедува ефикасно и одржливо функционирањето и користењето на системот со кој стопанисува и ги спроведува прописите од областа на својата надлежност и општите и поединечните акти што ги донесува.
⮞ Звонко Тлески, Заменик претседател, АД Водостопанство на РМ во државна сопственост, подружница Водостопанство Прилепско поле, Прилеп
Закон за утврдување на цени на водните услуги тема на состанокот на Групацијата на водостопанските претпријатија во рамки на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија 10.02.2016
Имплементација на Закон за утврдување на цени на водните услуги кој е веќе објавен во „Службен весник на Република Македонија бр. 7/2016 беше тема на денешната седница на групацијата на водостопанските претпријатија во рамки на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија. На состанокот, освен членките на групацијата, учествуваа и Јадранка Иванова од министерството за животна средина и просторно планирање и Андријана Нелкова Чучук од Регулаторната комисија за енергетика, која веќе доби законски надлежности во иднина да ја регулира цената на водните услуги која се дистрибуира до крајните корисници.
Водостопанските претпријатија побараа објаснување во која форма и за кој дел од нивните надлежности тие ќе имаат обврска согласно Законот за утврдување на цените на водните услуги, на што добија одговор дека оние водостопанските претпријатија кои доставуваат вода за пиење до комуналните водоводни претпријатија по тој основ ќе имаат и обврска согласно овој закон. Истовремено, под Законот за утврдување на цени на водните услуги, водостопанските претпријатија ќе имаат обврска и согласно трошокото што го пресметуваат за искористување на каналите на водостопанските претпријатија за отпадните води кои ги експлоатираат водоводните претпријатија.
Јадранка Иванова ги објасни и причините за носење на законот потенцирајќи дека со новиот начин на пресметка на цената на водата ќе се обезбеди поголема издржливост на системите, намалување на загубите на вода и можност за нови и поголеми инвестиции во осовременување на водоводните и канализационите системи во општините ширум земјата. (Повеќе)
Андријана Нелкова Чучук од регулаторната комисија за енергетика ја презентираше рамката согласно која ќе се креира предлог цената. При тоа напомена дека во следниот период ќе бидат реализирани низа контакти и работни состаноци со цел изработка на под законските акти, правилници и други законски норми како би можело да профункционира системот на пресметка на цената на водата. Регулаторната комисија за енергетика, како што посочија претставниците од оваа независно регулаторно тело, веќе има позитивно искуство од соработката со енергетските претпријатија при што изразија подготвеност истото да го применат и во случајот со регулирање на цената на водните услуги. (Повеќе)
Претставниците на водостопанските претпријатија на состанокот забележаа што од самиот почеток на креирање на законот не се вклучени со свои сугестии, бидејќи оние водостопански претпријатија кои даваат сурова вода за пиење на водоводните претпријатија имаат образложенија на кој начин ја формирање на цената, истовремено укажуваат дека досега делот за амортизација речиси и да не го вметнуваат во пресметката, бидејќи нема економска исплатливост цената, со што на долг рок се доведува под знак прашање издржливоста на системите.
На крајот од состанокот беше заклучено дека групацијата на водостопанските претпријатија при Стопанската комора на Македонија, ќе ја продолжат соработката со регулаторот и со министерството за животна средина, во насока на расчистување на дилемите, креирање на под законските акти, а доколку има потреба ќе бидат поднесени и предлог измени и дополнувања на веќе донесениот Закон за утврдување на цени на водните услуги. Инаку Законот кој во форма на Предлог излезе во април 2015 година беше предмет на анализа и дебата на групацијата за водовод во рамки на Комората во текот на минатата година за што беа предложени и неколку забелешки. Дел од нив беа усвоени, особено во делот на намалување на надоместокот за регулаторната комисија за енергетика кој првично беше предложено да зафаќа до 0,4% од вкупниот приход, со што сега се сведе на најмногу 0,1%. Друга забелешка која беше прифатена на групацијата, е во комуналните претпријатија кои опстојуваат со повеќе комунални дејности како вкупен приход да се третира само приходот на водоводната единица.
Законот е донесен во јануари годинава со примена од септември 2016 година. Имено периодот од први ноември 2016 година до 31 декември 2017 година ќе биде период во кој водоводните претпријатија ќе треба да отпочнат постапка за утврдување на тарифата за вода и тарифните планови, по што од 01 јануари 2018 година во општините со над 10.000 еквивалент жители ќе се применува тарифата за водни услуги, а со оние под 10.000 еквивалент жители, обврската започнува со примена од 01 јануари 2019 година.
Даниела Михајловска Василевска
Водостопанските претпријатија бараат допрецизирање на начинот на кој ќе функционираат по први октомври 2015 година, кога стапува на сила новиот закон за водостопанство 17.09.2015
Членките на групацијата на водостопанските претпријатија, во рамки на Здружението на комуналните дејности при Стопанската комора на Македонија, на денешниот состанок разговараа за статусот што ќе го имаат по први октомври годинава, имајќи во предвид дека од тој датум стапува на сила новиот Закон за Водостопанство, со кој сите досегашни водостопански претпријатија ќе станат подружници на новото АД. Тие бараат дополнителна информација што ќе се случи, ако до тој рок не биде избран директор на новото АД, или и во случај да се заокружи изборот, дали ќе имаат преоден период за да се направи порамнувањето, да се згаснат постојните правни субјекти и да се усогласат со новиот закон. Членките на групацијата на денешниот состанок алармираа дека е можно е да се соочат со проблем во наплата на дел од реализираните побарувања, имајќи го во предвид фактот на кој начин законот предвидува да згаснат водните заедници.
На состанокот беше присутен и претставник од надлежното министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, кој ги информираше присутните дека, во министерството се разгледуваат опциите како да се покрие периодот по први октомври кога треба да стартува новиот закон, во случај до тогаш да не биде избран директор на новото АД водостопанство и од друга страна како да се регулира временскиот период на порамнување и затворање на постојните правни субјекти и нивно инкорпорирање во новото претпријатие. Од министерството посочија дека во интерес на дејноста, која е од големо значење за непречено функционирање на системот на снабдување со вода за наводнување и одводнување на земјиште и изградба и тековно и инвестициско одржување на системите, е континуираната соработка со водостопанските претпријатија и нивните предлози и сугестии.
Водостопанските претпријатија се надеваат дека до рокот што го предвидува новиот закон ќе бидат усогласени недореченостите, во спротивно повторно, ќе алармираат за можните последици од нецелосно дефинирање на нивните права и обврски согласно законот.