„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
03.09.2021
Програми и Регулатива за фин. на проекти
Јакнењето на капацитетите и конкурентноста на компаниите членки е една од основните заложби на Стопанската комора, како најстара и најбројна бизнис асоцијација во земјата. Во рамки на таквите заложби, имплементираме проекти кои се од интерес за бизнис заедницата со цел да овозможиме поддршка на конкретни економски сектори и на компаниите да ги унапредат работните процеси, да ги развиваат нивните технолошки и кадровски капацитети и да креираат иновативни производи и услуги кои се потребни и ги исполнуваат условите за пласман на европскиот пазар.
Градежниот сектор е еден од двигателите на македонската економија што опфаќа 7,2 % од активните деловни субјекти и 6,7 % од вработените лица во државата. Покрај директното влијание врз економијата, градежништвото повлекува ангажман на уште дваесетина други стопански гранки. Проектите како “SeetheSkills” кои го таргетираат градежниот сектор и кои имаат за цел да ја стимулира побарувачката за енергетски ефикасни вештини во секторот, придонесуваат за развојот на одржливо и конкурентно градежништво кое носи многу придобивки за стопанството, државата и општеството.
Проектот „SEEtheSkills“ ќе се реализира во наредните три години, во партнерство со 10 партнери од 5 земји: Северна Македонија, Словачка, Словенија, Шпанија и Холандија, а Стопанската комора на Северна Македонија e главен имплементациски партнер. Целта на проектот е да се постигне поголема видливост, пристап и препознавање на енергетските вештини меѓу партнерските земји, преку нивно вкрстено валидирање засновано врз резултатите од учењето, а притоа користејќи нов 3В пристап (видливи, валидирани, вреднувани) за директно стимулирање на побарувачката за енергетски ефикасни вештини во градежниот сектор на пазарот.
Важечката правна рамка со која се регулира и дефинира поимот на „енергетски ефикасно градење“ во нашата држава е Законот за енергетска ефикасност („Службен весник на РСМ“ бр. 32/2020 и 110/2021) е донесен претходната година и со него се транспонираат одредбите од Директивата 2012/27/EU за енергетска ефикасност и Директивата 2010/31/EC за енергетски карактеристики на зградите на Европската Унија. Самиот закон го дефинира поимот „енергетска ефикасност“ како сооднос помеѓу остварениот корисен учинок и внесот на енергија за остварување на тој корисен учинок. Законот ги дефинира и поимите „енергетска карактеристика на зграда“, „сертификат за енергетски карактеристики“, „енергетска контрола“ и притоа, законот прави дистинкција помеѓу 1) енергетската ефикасност во јавниот сектор, 2) енергетската ефикасност при пренос, дистрибуција и снабдување со енергија и 3) енергетска ефикасност на згради. Меѓутоа, Законот не го дефинира поимот „енергетски ефикасно градење.“ Оттука, може да се согледа дека во рамки на важечката регулатива отсуствува конкретна дефиниција на поимот енергетски ефикасно градење и истото се поврзува со високоградбата како еден сегмент од градежништвото, односно со зградите како објекти од високоградбата, додека барањата за ефикасност на зградите се подетално уредени со Правилник за енергетски карактеристики на зградите.
Политиката на енергетската ефикасност согласно важечките прописи претставува составен дел од политиките од областа на енергетиката, економијата, одржливиот развој и заштитата на животната средина и се спроведува преку мерки и активности за ефикасно користење на енергијата.
Според тоа, енергетски ефикасното градење во моментот е дел од политиките во областа на енергетиката, а ресорно министерство во тој домен е Министерството за економија. Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите уште при подготовката на овој значаен закон, укажуваше дека регулативата која се однесува на енергетската ефикасност на зградите/објектите, вклучувајќи ги и инсталационите системи, би требало да биде во рамките на Законот за градење.
Според бизнис секторот, Законот за енергетска ефикасност треба да ја определи правната рамка и насоките на стратешко ниво, a во таа смисла треба да ги регулира и да наметнува обврски пред сé на субјектите од јавниот сектор, субјектите кои произведуваат, дистрибуираат и снабдуваат со енергија, произведуваат или продаваат производи кои трошат енергија, пружаат услуги за зголемување на енергетската ефикасност, „големи претпријатија“, независно од кој сектор се, бидејќи истите се смета дека имаат особена општествена одговорност вклучително и во штедењето и ефикасното користење на енергијата, како и на државните органи по однос на донесување на стратегии, документи, и мерки за стимулирање на енергетската ефикасност и контрола на нивното спроведување.
Енергетска ефикасност на објектите кои се проектираат, градат и реконструираат, пак, независно од тоа дали се станбени или „индустриски и комерцијални“, по примерот на некои држави од регионот (Хрватска), според бизнис секторот треба да биде регулирана во Законот за градење, како прашање што е во надлежност на Министерството за транспорт и врски, а деталите кои се однесуваат на оперативно ниво да се регулираат со подзаконски акти (правилници), со оглед дека постапките за донесување, изменување и дополнување на подзаконските акти согласно потребите и состојбите во практиката се поедноставни и се во надлежност на министерствата. Причина за тоа е што проектирањето, ревизијата, надзорот и градењето се уредени во Законот за градење, а контролата над работењето на учесниците во градбата ја вршат соодветни инспекциски служби во рамките на Министерството за транспорт и врски и единиците на локалната самоуправа.
Тргнувајќи од наведеното, со оглед дека веќе подолг период има најави за донесување на нов Закон за градење и подготвена е првична нацрт верзија, првата препорака е институциите во консултација со бизнис заедницата да ја разгледаат можноста прашањето за енергетски ефикасното градење да биде соодветно дефинирано и третирано во овој суштински пропис и во подзаконските акти за негова имплементација, со цел сите прашања кои го засегаат работењето на градежните компании да бидат систематизирани во еден правен акт, да се обезбеди негова доследна примена и на тој начин да се поттикне побарувачката за енергетски ефикасното градење.