„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
08.11.2021
Соработка со домашни институции
Регионална и меѓународна соработка
Белград, 4.11.2021 година. Палата „Србија“, состанок Вучиќ-Рама-Димитров, наспроти 15 бизнисмени од Србија, Северна Македонија и од Албанија. По отворената дискусија за проблемите при протокот на стоки и на услуги, со кои секојдневно се среќаваат бизнисмените, се слушна фрустрирачка констатација дека она што го слушнале политичките лидери е за неверување и дека, ако сакаме отворен Балкан, мора под итно да се реагира. Наместо 60, состанокот се протегна на 100 минути, во кои реалноста стана пречка која или ќе се надмине или и оваа ќе заврши како сите други иницијативи.
За да не останеме на меморандуми и на спогодби, потребно е да се преземе ризик и да се забрзаат процесите – тоа е голем предизвик со уште поголеми очекувања, но сигурно подобро отколку да не се преземе ништо. Некои луѓе се познати по своите знаења, вештини и искуства, додека, пак, други по својата храброст и решителност да влијаат врз општествениот развој. Тоа се вика ризик. Во свет кој се менува со огромна брзина единствена стратегија што е гарант за неуспех е воопшто да не се ризикува. Ние бизнисмените решивме да ризикуваме и го поддржавме „Отворен Балкан“, па затоа со целосно морално право бараме тоа да го направат и политичките лидери.
Политичките лидери мора да ризикуваат затоа што досегашната пракса покажува дека најмногу грешат во примената. Политичарите и административците сметаат дека некое прашање е разрешено кога ќе се потпише меморандум или меѓународен договор за тоа, а бизнисмените сметаат дека тоа прашање е решено само кога видно ќе почувствуваат дека бирократските чекори, времето или трошокот за да завршат некоја работа им се скратени за пола. И тоа е јаз кој сѐ повеќе се зголемува меѓу нив и нас, и покрај тоа што упорно велиме дека работиме на јавно-приватниот дијалог во државата, но и во регионот. Просто како двете страни да гледаат некој различен филм. И просто е неверојатно дека во 2021 година политичките лидери сѐ уште констатираат дека се вчудовидени од (не)соработката на граничните служби.
Какви се состојбите? Досега имавме 72 иницијативи и обиди за регионално подобрување на соработката. Што е економскиот ефект од сето тоа? Во периодот 2014 – 2020 година БДП на регионот пораснал за само 28 %, БДП од глава на жител за 30,8 %, а извозот од 32 пораснал на 43,9 милијарди евра. Но во тие бројки на интрарегоналната размена отпаѓаат само 16,7 %. Во 2020 година размената со земјите од Западен Балкан, на пример кај нас, учествува со 10,2 % од вкупната размена на нашата држава.
Едно е неспорно – сите сме согласни дека долгорочна визија за стабилен и за победнички Балкан е креирањето регион каде што границите се од помало значење, а протокот на луѓе, стоки и на капитал е слободен. Иницијативата „Отворен Балкан“ постави заложби конечно да се разрешат многу од прашањата што со години ги измачуваат регионалните бизниси. И лидерите на трите држави кои се засега вклучени во иницијативата изразија силна поддршка да се спроведе тоа. Она што е уште поважно е фактот дека ова е автентична регионална иницијатива, која потекнува изворно од регионот, а не форсирана од некого отстрана. За ова да профункционира, потребно е да се влезе во ризик.
П.С. Имаше една емисија „Врти-сучи тоа ти е Скопје“, ама има една сегашност – врти-сучи повторно кај нас внатрешни проблеми, кои сигурно ќе имаат рефлексија и врз состојбите во бизнисот кај нас, но и врз нашата улога во регионалните процеси. Затоа, не е на одмет уште еднаш да се повтори дека при конципирањето на излезните решенија мора да се калкулира со нивното влијание врз бизнисот, кој е основа на нашето постоење.