„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk
14.10.2020
Регулатива и коментари по регулатива
Поради мерките за спречување на ширењето на корона вирусот во земјата, како и поради влошеното меѓународно окружување и значителниот пад на надворешната побарувачка во првото полугодие од 2020 година домашната економската активност е намалена за 6,4%. Погодени се индустриското производство, трговијата, транспортот и угостителството, додека градежниот сектор бележи минимален реален раст од 0,4% (резултат на нискоградбата, односно изградба на патишта), како и земјоделството кое порасна за 3,7%. Ако се анализира БДП, според расходната страна може да се утврди дека приватна потрошувачка и инвестициите имат негативен придонес врз економската активност, додека придонесот на јавната потрошувачка е позитивен, како и на нето-извозот. Иако се преземаа мерки за финансиска поддршка на претпријатијата за исплата на плати, приватната потрошувачка бележи пад, покрај останатото и заради значителното намалување на дознаките од странство, коишто неповолно се одразија врз доходот на домаќинствата и потрошувачката. Јавната потрошувачка бележи раст од 2,0%, што се должи на расходите поврзани со здравствената криза.
Неизвесноста и актуелното заострување на здравствената криза и понатаму негативно ќе влијаат врз дејностите на преработувачката индустрија, услужниот сектор, пред се’, на трговијата, транспортот, угостителството и туризмот, што претпоставува пад на економската активност и во третиот и во четвртиот квартал. Во овие услови проекциите на Владата за пад на економската активност во државава за 2020 година од 4,4% се оптимистички.
Што правиме и што можеме да направиме за подобрување на состојбите?!
Со цел ублажување на последиците од кризата, пред извесен период Владата го усвои четвртиот сет на мерки за поддршка на домаќинствата и компаниите, првенствено насочен кон одржување на потрошувачката преку заштита на работните места и подобрување на ликвидноста на компаниите. Истиот предвидува: поддршка на плата со надоместок од 14.500 до 21.776 денари за период од 3 месеци за компании кои имаат намалени приходи како последица на пандемијата, домашна платежна картичка за ранливи категории погодени за плаќање на домашни производи и услуги, поддршка на производители, преработувачи и извозници на грозје, наливно вино и вино во шишиња, враќање на туристичка такса за 2019 година за остварени ноќевања, викенд без ДДВ за купени домашни производи и услуги и компјутерска опрема за промет до 30.000 денари, Државна гарантна шема и Царинска гаранција преку Развојната банка за полесен пристап до финансиски средства преку преземање на дел од кредитниот ризик, грантови за туристички агенции, игротеки и ресторани за свадби и др.
Средствата за спроведување на овие мерки се проектирани во предложениот Ребаланс на Буџетот кој е во собраниска процедура. Значи, пари ќе има, но сепак, во однос на спроведувањето на мерките постојат повеќе дилеми...
Нема прецизни критериуми согласно кои компаниите ќе се квалификуваат за нивно користење, ниту се познати начинот на спроведување на постапките пред државните органи. Искуството од претходните пакети кое го имаат компаниите говори дека средствата од некои мерки бавно пристигнуваат до нив. На пример, средствата од мерката „Финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловни субјекти“, која има за цел да поддржи компании првенствено од производствените сектори кои реализирале инвестициски проект пред и во текот на кризата, се’ уште не е реализирана.
Во врска со четвртиот пакет, исто така прашање е кога ќе се донесе соодветната регулатива (која претпоставува законски решенија, кои треба да поминат низ собраниска процедура) за да може компаниите да започнат со аплицирање за мерките. Со ова се доведува во прашање дали овие мерки во предвидениот обем ќе се спроведат до крајот на годината, што можеби и не е лошо од фискален аспект, бидејќи неискористувањето може да влијаат на намалување на предвидениот висок дефицит со Ребалансот на Буџетот од 8.4%.
Сепак, клучното прашање поврзано со мерките е дали тие ќе не’ доведат до посакувани резултати на подолг рок. Имено, сите предвидувања говорат дека неизвесноста од глобалната криза од Ковид-19 и можноста за воведување нови рестриктивни мерки ќе доведат до бавно закрепнување на македонската економија, пред се’ заради неизвесната странска побарувачка, воздржаноста на странските и домашните инвеститори и намалувањето на домашната побарувачка.
Во овој контекст, резултатите од ваквите мерки насочени кон заштита на работните места и поттикнување на приватната потрошувачка брзо ќе се исцрпат, а во услови на голема задолженост на државата, прашање е до кога ќе бидеме во состојба директно да ја поддржуваме економијата.
Затоа, неопходно ќе биде „популизмот“ да се замени со здрава економска логика и во наредниот период да се преземат активности кои ќе се фокусираат на поддршка на инвестициите и конкурентноста на домашните компании.
Некои од тие мерки се „без пари“, односно мерки за услуги кои веќе ги плаќаме, а не ги добиваме...
Во оваа насока, неопходно е да се обезбеди целосна функционалност и поддршка од администрацијата, како и одговорност за службениците за непостапување во со закон пропишаните рокови, со цел остварување на подобра вредност за бизнисот и граѓаните. Неопходно е:
- системско намалување на бирократските процедури, поедноставување и рационализација на неданочните и парафискалните давачки;
- ревидирање на царинската политика, низ призма на заштитната и развојната функција, наместо фискалната, со цел зголемување на конкурентноста на домашнате компании;
- интензивирање на изведување на јавни работи, отстранување на застојот во реализацијата на започнатите проекти и ефикасна и непречена реализација на проектите во иднина;
- навремено сервисирање на обврските кон компаниите од страна на државата, општините и јавните претпријатија;
- поддршка на инвестициите и извозно ориентираните компании.
Ова ќе е од енормна помош на „здравите компании“, а токму на нивен грб во иднина ќе падне извлекувањето од кризата и придвижувањето на економската активност.
П.С. На средба во Стопанската комора на Македонија со цел претставување на еден министер од економските ресори пред компаниите - членки, истакнато беше дека тој покрај за економија и финансии, покажува особен интерес за астрофизика и филозофија.
По мене, одлична референца која говори за потенцијал да се размислува надвор од кутијата... А, кутијата, кутијата е политиката (читај: популизмот во наши услови), пред кои завршуваат многу економски решенија кои се со потенцијал да дадат резултати.
„Популизмот“ од насловот нека стои како опозит на се’ претходно и како потсетување дека во овие услови мора да биде различно.