„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Иницијален состанок за унапредување на соработката помеѓу Стопанската комора и Институтот за акредитација

28.04.2025

Извршниот директор на Стопанската комора на Северна Македонија, м-р Антони Пешев заедно со м-р Зоран Јовановски, потпретседател на Комората одржаа состанок со м-р Нико Берберу, директор на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија и Биљана Стоиловска, претседателката на Советот на Институтот. На состанокот присуствуваа и вработени од двете институции.

Средбата беше прва иницијатива за воспоставување на идна соработка помеѓу двете институции, со цел унапредување на конкурентноста на македонското стопанство преку зголемување на свесноста за важноста на акредитацијата.

Стопанската комора, како најголема бизнис асоцијација во земјата, континуирано работи на создавање подобра деловна клима и поддршка на компаниите во процесите на нивно усогласување со меѓународните стандарди.

Притоа беше истакнато дека Институтот за акредитација има клучна улога во системот за заштита на квалитетот на производите и услугите. Преку своето работење Институтот придонесува за олеснување на бариерите при трговијата и интеграција на македонските компании на меѓународните пазари.

На состанокот беше договорено да се разгледаат можностите за идна соработка преку организирање на заеднички активности – информативни сесии, кои ќе им помогнат на компаниите подобро да ги разберат процедурите за акредитација и да ги искористат предностите од воспоставувањето на системи за квалитет.