„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Преку отворен и кариерен ден УГД и Комората градат мостови помеѓу работодавачите и студентите

15.04.2025

Во насока на продлабочување на соработката меѓу академската заедница и деловниот сектор, како и во стремежот за унапредување на кариерниот развој на студентите како идни стручни кадри, во организација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип и Советот за унапредување на високото образование и стратешки истражувања при Стопанската комора на Северна Македонија, беше организиран „Отворен и кариерен ден на УГД“. Настанот се одржа на платото пред Ректоратот на УГД во Штип и претставуваше платформа за директна комуникација помеѓу студентите и работодаваците, со цел поттикнување на нивна идна соработка и професионален ангажман.

Втора година по ред работодавците имаа можност да ги претстават можностите за вработување и кариерен развој на апсолвентите, додека бруцошите имаа можност да се информираат за можноста за реализација на практична обука, како за време на студирањето, така и по завршувањето на студиите. Ваквите настани даваат можност за афирмација на кариерниот развој на идните академски граѓани, нивно запознавање со потенцијалните работодавачи, но и со можностите кои различни сектори ги нудат на пазарот на труд. Повеќе од 40 компании, кои делуваат на национално ниво, но и работодавци од Источен и Југоисточен регион остварија контакти со студентите од УГД кои од прва рака имаа можност да се информираат за кариерните можности и новите трендови кои влијаат врз креирањето на нови работни позиции, кои досега не биле побарувани на пазарот на труд.

Настанот го отвори проф. д-р Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип кој пред присутните порача дека настанот нуди комбинација на можностите за студентите да ги истражат своите кариерни патишта, додека пак потенцијални студенти добиваат подетални информации за студиските програми во насока на нивно подобро информирање во процесот на донесување одлуки за продолжување на своето образование. Универзитетот станува атрактивен не само за регионот, туку и за целата држава, а голем дел од компаниите веднаш нудат стипендии и можности за вработување, изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски. Во име на Стопанската комора на Северна Македонија, се обрати д-р Јелисавета Георгиева Јовевска, советник во Кабинетот на претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија за економски развој и инфраструктура која истакна дека за остварување на трите приоритети на Комората: подобра инфраструктура, зголемување на извозот и зголемување на инвестициите е директно врзано со развојот на човечките ресурси кои ќе придонесат за создавање на додадена вредност. Во своето обраќање ја потенцира заложбите на Комората во изминатите 20 години за реформи во образованието, пред се преку дуалниот систем на образование кој го вклучува приватниот сектор во реализацијата на практичното образование, процес кој веќе продуцира кадар на пазарот на труд кој е по мерка на работодавците.

Стопанската комора водена од потребите на приватниот сектор лани го започна процесот на консултации со универзитетите во насока на вклучување на бизнис заедницата во детектирањето на потребите од високо образовни квалификации, идентификување на вештините кои треба да ги постигнат студентите во своето образование, но и вклучување на приватниот сектор во реализација на практичната настава. Последната Анализа на потребите на работодавцитите од високообразовни квалификации, која произлезе како продукт на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања идентификува раст на бројот на компании кои имаат соработка со високообразовните институции, дури 53% од компаниите изјавиле дека соработуваат со факултетите, таа соработка е особено изразена секторите на финансиски дејности, дејности на осигурување, преработувачка индустрија, градежништво и трговија на големо и мало, поправка на моторни возила и мотоцикли. Од регионален аспект, пак, најголем потенцијал за соработка има во Скопскиот, Источниот, Пелагонискиот и во Југозападниот плански регион.

Од аспект на потреби високообразовни квалификации, приватниот сектор има особен интерес од квалификациите: економисти (19,2 %), ИТ-кадар (14,1 %), електроинженер (11,6 %), машински инженер (10,6 %), следени од правници (4 %), градежни инженери (3 %), инженери (2 %) и технолози (2 %). Гледано низ призмата на сектори на квалификации, најголемите потреби од високообразовни кадри се од секторите електротехника (31,8 %), економија, право и трговија (26,3 %), машинство (15,2 %), здравство и социјална заштита (8,1 %), градежништво и геодезија (7,1%).

Ваквите сознанија само ја потврдуваат заложбата на Стопанската комора активно да продолжи да работи кон подобрување на квалитетот на образованието, преку заедничка соработка со креаторите на студиските програми со цел нивно прилагодување со актуелните пазарни потреби, вклучувајќи и интердисциплинарни и трансверзални вештини, ИТ-писменост и нови технологии кои се побарувани на пазарот на труд.