„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Од здруженијата

Нови предизвици и конкретни чекори за раст на металната и електроиндустријата

21.02.2025

Нередовен поврат на ДДВ, потреба од промени во Законот за работни односи, подготовка на CBAM-извештај, кој ќе им овозможи на компаниите да се усогласат со европските регулативи за карбонските давачки, а со тоа да ги оптимизираат своите процеси, како и активна континуирана посета на компаниите од металната и од електроиндустријата беа дел од темите за кои се дискутираше на седницата на Здружението на металната и електроиндустријата при Стопанската комора.

За потребата од промени во Законот за работни односи акцентот беше ставен врз зголемувањето на квотите за увоз на странски работници. Ова е од особено значење поради сѐ поголемиот одлив на стручен кадар од индустријата, што доведува до сериозен недостиг на квалификувана работна сила.

Компаните присутни на седницата информираа и за проблемите со задоцнувањето на повратот на ДДВ, што создава тешкотии во ликвидноста на компаниите и ја ограничува нивната способност за инвестиции и за проширување на капацитетите. Овој проблем беше идентификуван како сериозна пречка за стабилноста на индустријата.

Се разговараше и за планот за посети на компаниите, кој ќе има цел подобрување на комуникацијата и размена на најдобрите практики меѓу различните претпријатија во индустријата. Овој план се очекува да донесе значајни придобивки во смисла на поттикнување иновации и раст на секторот.

Претставниците на компаниите од секторот присутни на состанокот активно учествуваа во дискусијата, разменувајќи мислења и предлози за идни активности и предложувајќи конкретни насоки за решавање на тековните предизвици и за унапредување на условите за развој на металната и електроиндустријата, од што треба да произлезат и соодветни заклучоци.