„Димитрие Чуповски“ бр.13, 1000 Скопје +38923244000 ic@mchamber.mk

Вмрежување на компаниите по сите основи

Развојна банка-Јавен повик за нова кредитна линија за компании погодени од енергетската и ценовната криза

19.12.2022

Развојната банка на РСМ објави јавен повик за новата кредитна линија за компании погодени од енергетската и ценовна криза. Микро, мали и средни компании, трговци поединци и занаетчии погодени од енергетската и ценовната криза од 26 декември 2022 година ќе можат да аплицираат за средства од новата кредитна линија наменета за обртни средства. Јавниот повик ќе трае 15 дена, а барањето за кредит субјектите може да го достават електронски на посебна е-маил адреса.

“Кредитната линија е наменета за микро, мали и средни претпријатија, трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија. Компаниите треба да бидат во приватна сопственост на правни и физички лица од најмалку 51 отсто, како што е објавено во јавниот повик”, информираат од Развојна банка на Северна Македонија.

Оттаму посочуваат дека минималниот износ на кредит е 185.000 денари, додека максималниот износ на кредит е 1.845.000 денари за микро, мали и средни трговски друштва односно 615.000 денари за трговци поединци и занаетчии. Рокот на отплата е од 18 до 36 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци и во двата случаи. Каматната стапка е 2 проценти.

Јавниот повик е објавен денеска, 19.12.2022 година и ќе трае 15 дена сметано од 26 декември 2022 година од 09:00 часот до 9 јануари 2023 година до 09:00 часот. Поднесувањето на кредитните барања ќе се одвива по електронски пат на е-маил адресата: eckriza@mbdp.com.mk по принципот “прв дојден, прв услужен”, се наведува во соопштението Развојна банка.

На 24.11.2022 година Развојната банка ги презентираше своите продукти за поддршка пред компаниите членки на Стопанската комора на Северна Македонија каде меѓу останатите продукти ја најави и оваа кредитна линија.